КУЛТУРА
Пред сликите на Богољуб Ивковиќ
СОНОТ НА СЛИКАРОТ
Пишува: Марта Поп – Илиева
- Делата работени во периодот кога членува во групата "Мугри" (1960 -
1961) имаат тегобна атмосфера и неспокојство со сцени од македонската
рурална средина и од родното Градско. Во робусните и стилизирани облици на
луѓето се чита тегобност од макотрпен живот и трагичност (се чини го
претскажал земјотресот во Скопје).
- Делата од последната деценија на творештвото на Богољуб Ивковиќ (1993
- 2003) укажуваат на тоа дека тој останува доследен на својот фигуративен
израз, но со нов и личен поетски израз.
М акедонската публика имаше ретка
можност да ги види делата на Богољуб Ивковиќ во Културно-информативниот
центар во Скопје. Изложбата беше отворена на 14 мај и беа претставени дела
од повеќедецениската работа на овој извонреден сликар. Изложени беа слики
кои ја опфатија неговата сликарска дејност од 60-тите години до денес. Сепак,
во најголем дел беа изложени сликите од последната децениска работа на
уметникот.
Богољуб Ивковиќ е роден на 02.06. 1924 во Градско, Република Македонија.
Во 1953 завршил училиште за применета уметност во Скопје, а дипломирал 1957
на Акедмијата за ликовни уметности во Белград. Од 1957 до 1963 година живее
и работи во Скопје, потоа во Белград, а од 1965 до 1974 година живее во
Париз каде ќе оствари пријателство со познатиот галерист Камиј Рено (колекционер,
пријател со големите уметници во Париз). По враќањето од Париз останува да
живее во Белград со својата фамилија.
Преку она што беше изложено во Културно-информативнот центар имавме
извонредна можност да го проследиме развојот на сликарскиот ракопис во текот
на повеќедецениската работа на Богољуб Ивковиќ.
ФОЛКЛОРЕН ШТИМУНГ
Богољуб Ивковиќ спаѓа во првата повоена генерација на современи
македонски уметници кога во македонската уметност преовладува фигурација со
надреалистички, посткубистички и експресионистички настојувања. Уште во
првите циклуси слики (од завршувањето на академија од 1957 до 1963 година)
Ивковиќ во своите слики прикажува еден рурален амбиент со фолклорен штимунг,
преобразени сцени од животот на село. Тоа се сцени во ентериерен или
екстериерен простор кој е населен со архаично монументални форми на несмасни,
грубо поставени тела. Масивните фигури на луѓето, животните и предметите се
толку геометризирани и зголемени што го затвораат просторот на сликата и го
доближуваат кон рамнината на платното.
Слика работена во мешана техника од 1966 година во
Париз
Делата работени во периодот кога членува во групата "Мугри" (1960 - 1961)
имаат тегобна атмосфера и неспокојство со сцени од македонската рурална
средина и од родното Градско. Во робусните и стилизирани облици на луѓето се
чита тегобност од макотрпен живот и трагичност (се чини го претскажал
земјотресот во Скопје).
И во Белградскиот период (1963 - 1965) останува врзан за мотивите од
Македонија, но уште повеќе ја упростува фигурата, ја шематизира, сведувајќи
ја на основни геометриски облици. Колоритот станува посветол и попроѕирен.
НОВ ПОЕТСКИ ИЗРАЗ
За разлика од Белградскиот период кога затворените маси ги решава во
статични ритми, во Парискиот период (1965 - 1974) тие се значително
подинамични и пофлуидни. Се забележува и промената на колоритот. Палетата е
расветлена и составена од црвено, сино и интензивно зелено, експресивно
нанесени на површината, во широки и расцепкани потези. Иако се тоа
импулсивни потези на четката, сепак точно ја следат формата на предметите и
фигурите. Тие се предадени со обла робусност и атрофираност на деловите.
Просторот во кој се наоѓаат фигурите е решен со закривена линија на
хоризонтот која се подига на различна висина на сликата сугерирајќи
имагинарни предели.
Во циклусот "Фигури во простор" од 1976, видливи се нови промени во
сликарскиот ракопис. Боите се повторно темни, со акценти на окер, црвена и
зелена боја. Архаичните, тотемски ликови личат на дрвени кукли. Просторот во
кој се наоѓаат фигурите е надреалистично решен, како бескрајна перспективна
длабочина која е оставена со градирана боја и линија на хоризонтот. Фигурите
лебдат во чистиот бескраен простор.
Делата од последната деценија од творештвото на Богољуб Ивковиќ (1993 -
2003) укажуваат на тоа дека тој останува доследен на својот фигуративен
израз, но со нов и личен поетски израз. Фигурите се повторно оние
механизирани кукли што лебдат во просторот, но ја немаат таа робусност и
облина, туку добиваат поелегантни форми. Сега се тие толку немножени што ја
исполнуваат целата површина на сликата. Палетата на боите е широка и тоа &
дава на атмосферата медитерански призвук, а е збогатена од мотивите на
цвеќиња и билки.
Од циклусот "Композиција"
Од циклусот "Фигури во простор", масло на плоча од 1976
година "Сеќавања", 1966 година
Овој 79 годишен уметник, изгледа како да не сака да се разбуди во
стварноста на нашето нуклеарно време, туку да го задржи "сонот на сликарот".
Загледан во своите сеќавања, тој задржува некои елементи од селски и урбани
амбиенти. Иконографијата на сликите најчесто се состои од женска фигура
седната на стол, машка фигура која се искачува по скали кои не водат никаде,
стилизирани рамки од прозор или врата, коњ и јавач. Овие преобразени предели
од соништата дозволуваат фигурите да лебдат во просторот или да бидат
динамично распоредени помеѓу небото и земјата. Во делата на Ивковиќ е
искреиран еден надреално-фантастичен свет во кој фигурите се преобразени
слики од сонот и стварноста.
|