КУЛТУРА

Мирчо Карамучев, директор на Домот на културата, за враќањето на фолк фест "Валандово"

МУЗИКАТА И КУЛТУРАТА ТРЕБА ДА БИДАТ ПОДАЛЕКУ ОД ПОЛИТИКАТА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • По Фестивалот и по музичката традиција градот Валандово е македонски Ерусалим во духовен аспект. Тоа е мало градче со извонредно богата музичка и културна традиција.
  • Фолк фест "Валандово" за периодот од 19 години има издадено и пласирано аудио касети, видео касети, ЛП плочи како и ЦД.

Валандово-град на богата музичка, песнопојна и фолклорна традиција - и оваа година успешно го реализира фестивалот на новата македонска песна Фолк фест "Валандово 2003". Овој Фестивал претставува историја на новата фолклорна традиција.

Со годинешното 19 фестивалско издание досега се создадени и изведени над 650 мелографски композиции од кои голем број станаа хитови. Најголем број на интерпретатори, автори на музика, аранжери, текстописци ја добија својата слава и популарност токму преку учеството и настапот на "Валандово".

Оваа година има нов раководен тим со цел да се надминат сите неправилности

И покрај тоа што изминативе години овој фестивал го биеше лош глас, сепак како прв фестивал на новосоздадена македонска песна повторно успеа да ја обнови и облагороди македонската песна во народен дух и да ги надмине сите тие "зли јазици" кои постојано го "гушеа".

РЕТРОСПЕКТИВА

Оваа година фестивалот "Валандово" се одржа по 19 пат, а започна во далечната 1985 година, вели Мирчо Карамучев, директор на Фестивалот и на Домот на културата во Валадово. Првиот Фестивал се одржа само една вечер на 24 април додека другите години се одржуваше во средината на мај. Фестивалот се јави во едно многу специфично време на македонската сцена кога немаше абер да се создаде нешто ново на тој план. "Валандово" успеа да го пробие тој лед затоа што тогаш не беше лесно некоја нова песна или некој нов автор да оди на програмите на нашето радио или телевизија. Како да имаше некоја преќутна политика да се експонира само тоа што е старо. "Валандово" гледаше многу напред и беше тешко да се пробијат тие бариери во тоа време затоа што нудеше нешто ново - првпат ќе се пее македонска новосоздаена народна песна. Што е најлошо отпорот најмногу доаѓаше од Здружението на композиторите на Македонија, тие што се најкомпетентни и кои таа работа требаше претходно да ја согледаат, да ја анализираат и реализираат. Значи оние кои се најповикани да се грижат за развојот на музиката, посебно на фолклорот, народната песна како еден најзначаен сегмент од народното творешство од некои лични интереси, кариеристички, да не ги изгубат своите позиции, ги кочеа тие процеси. Тие не обвинуваа дека ако го реализираме фестивалот ќе ја упропастиме македонската песна, ќе оди во шундот, во кичот, дека ќе сносиме одговорност пред македонскиот народ итн.

Валандово сепак се одржа и сега по 19 години група на ентузијасти на чело со директорот Карамучев успеаја ја реафирмираат македонската песна и докажаа дека Македонецот има творечки гени да создава и да пее и во новите услови и во новото време.

ГОДИНАВА

За овогодишното издание на "Валандово" беше едно од најквалитетните досега или поточно речено организаторите го вратија сјајот на Фестивалот. Мораме да признанеме во изминативе години имаше еден пад на Фестивалот од најразлични причини; субјективни, објективни, политички..., објаснува Карамучев. Јас сум човек од културата, не сум музичар по професија, а според мене музиката и културата треба да бидат подалеку од политиката. Тргнувајќи од тие причини имаше мал отпор кај интерпретаторите да учествуваат на Фестивалот, меѓутоа во "Валандово" од оваа година има нов раководен тим со цел да се надминат тие неправилности и да се организира Фестивалот онаков каков што треба да биде. Успеавме да привлечеме се што е квалитетно од македонската фолк сцена, а успеавме да поканиме и гости од Бугарија, Србија и Црна Гора и од Австрија. Ако фестивалот "Валандово" е само за градот Валандово тогаш нему не му треба. Досега "Валандово" има снимено 650 песни и признавам да биде нападнат "Валандово" за нешто што не чини, а не да се настојува да се оцрини и нешто што не би требало. Но треба да се каже и тоа што е добро и тоа да се афирмира. Оваа година успеавме да ги надминеме тие негативности и да понудиме една квалитетна музичка продукција. Првпат после толку години немаше некои незадоволства во однос на доделените награди, првпат немавме некои пропусти во однос на организацијата на Фестивалот иако секогаш има некои незадоволни. Сепак глобалната оценка и на пејачите и на публиката како и на средтсвата за информирање беше дека оваа година "Валандово" после повеќе години пак си го врати приматот што претставува една отскочна даска за наредната година- дваеста јубилејна.

Многу години сум дел од фестивалот и директно и интиректно, така што дел од одговорностите одеа на моја рака.

Според Карамучев секогаш постои одредено сомнение во начинот на гласање и доделувањето на награди.

Можеби ни е таков менталитетот било кој начин на гласање да се примени ќе постои незадоволство и сомневање, дека нешто не е во ред, дека е нешто наместено, купени карти итн., додава Карамучев. Но ние не можеме да спречиме некој да купи карти. Оваа година јас сум првпат директор на Фестивалот и го изменивме начинот на гласање. Досега на гласачкото ливче можеше да се гласа за три композиии, но сега направивме да се гласа само за еден пејач со цел да се запази целосно регуларноста и да се отфрлат сите тие инсинуации. И ова не е идеален начин на гласање, но сметам дека е најрегуларен. Од наша страна презедовме се за да биде најрегуларно, а како публиката ќе гласа ние не можеме да знаеме.

Оваа година жирикомисијата беше најкомпетентна - Перо Христов, Виолета Томовска, Никола Митровиќ и Методи Манев, луѓе кои се во музиката и нешто значат кои се врвни музичари кои имаат авторитет. Нивната работа не беше ни малку лесна затоа што на "Валандово" настапи се што е најквалитетно и тие беа во една многу деликатна состојба.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"