КУЛТУРА

“Откорнати души”, проза што се памети

МРАЧНИ СТРАНИЦИ ЗА ГОЛГОТАТА НА МАРИОВО

Пишува: Ванчо МЕАНЏИСКИ

  • Во “Откорнати души” опишан е животот на избезумените, ограбените, истоштените, гладните и како вистински маченици тормозените Мариовци.

Ретки се случаите и во големите литератури, кои имаат долговековни традиции и исклучително богат и разновиден книжевен фундус, првото дело на некој автор не само да ја погоди целта, да го оправда во целост своето објавување, туку и да постигне сосема солидни литерарно-естетски резултати. Уште повеќе, ако станува збор за автор чии професионални определби и конкретен општествен ангажман имаат малку допирни точки со литературата.

Во случајот со книгата - првенец на Петко Шипинкароски "Откорнати души" станува збор токму за еден таков несекојдневен пример, односно редок исклучок. Предмет на нашата оспервација е токму таа книга, која излезе од печат неодамна во издание на "Ирис" од Струга.

УНИКАТНОСТ

Ова прозно дело чии содржини се распослани на нешто помалку од 200 страници вниманието го привлекува и со тематиката и со јазикот на кој е пишувана и со својата архитектоника, ама и со градењето и нијансирањето на ликовите, а особено со громогласните и жестоко опоменувачките пораки. Пред себе имаме книга, поточно роман со сите перформанси на комплетно книжевно дело.

Кога се пишува за една ваква книга најдобро е да се посочи на нејзината тематска уникатност. Всушност, во случајот со книгата "Откорнати души" станува збор, ако може да се каже за полнокрвна тематска ексклузивност. Без какви било заобиколувања веднаш ќе ја откриеме оваа "тајна". Случајно или намерно (бројни се индициите дека е тоа сторено ептен намерно), Петко Шипинкароски во својот роман-првенец дејството, настаните и збиднувањата ги лоцира во Мариово. Фактот дека просторот на кој авторот го лоцирал дејството во книгата е токму Мариово без оглед на се што на овој дел од слободна Македонија му се случуваше досега, па и се уште му се случува, сам по себе претставува некаква посебна ексклузивност. Но, ако на тоа се додаде дека настаните и речиси целокупното дејство во книгата се сместени во Мариово, но во периодот на Првата светска војна, тогаш работите се менуваат радикално, а тоа значи дека веднаш експлицитно се разјаснува посебната ексклузивност што ја содржи овој роман, која толку упорно инсистираме да биде нагласена.

СУДБИНИ

Во книгата е опишан период кога токму во реонот на Мариово се воделе жестоки битки како дел од т.н Солунски фронт во Првата светска војна. Застрашувачки воени дејствија што се воделе во мариовско, ќе го претворат овој реон, поточно ова парче од македонската земја во вистинска касапница.

Во еден таков речиси иреален амбиент, во еден вистински пекол на Земјата, авторот ја гради безмалку целокупната архитектоника на романот "Откорнати души", се разбира, сосе живописните ликови во него. Во тој овоземен пекол тече животот на избезумените, ограбените, истоштените, гладните и како вистински тормозените Мариовци. Во една таква морбидна атмосфера се одвива и жестоката лична драма на членовите на семејството на Петре Градешки, главните ликови и носителите на дејството на ова дело.

Центарот на збиднувањата е мариовското село Градешница, каде што се испреплетуваат трагичните судбини на многу мариовци, меѓу кои и оние на семејството на Петре Градишки. Бројни се белезите кои упатуваат на заклучокот дека злокобната судбина што го снаоѓа ова семејство фактички ги снашла и голем број други мариовски семејства. Всушност, страдањата, измачувањата и поморијата на семејството на Петре Градешки што така вешто и уверливо ги опишува авторот во неговиот роман "Откорнати души" спаѓаат меѓу најмрачните страници кои досега се напишани за стравотната голгота што ја преживеале жителите на Мариово за време на Првата светска војна.

Авторот преку описот на страдањата на мариовецот одново го потенцира и исконскиот непокор на Македонецот воопшто. Едниот од рецензентите на книгата, поетот Мирче Нешовски, потенцираше дека, темата Македонија во книгата не е воопшто случајно одбран пристап, туку долг и знак за распетието и голготата, која е неисцрпна и полна со потресни и трагични слики. Ова се оденсува и за илјадниците судбини, кои ако се гребне под пластот на секој Македонец, тој човек прогонет, проколнат и распнат - не потсетува на страдањата на многу верници, кои со своето вјерују настрадаа заради Спасителот - Господ Исус Христос. Та зарем не е ист случајот и со Македонија, која како библиска земја со векови страда заради спасителот Исус Христос, настрада во своето вјерују заради Македонија - распната...

Во истата Македонија минуваа хорди, банди, војски, крстосуваа арамии од сите можни сорти, ја уништуваа оваа земја и ја пролеваа крвта на Македонецот, сите убиваа, поганеа, разурнуваа се што ќе им се испречеше пред нивните очи, но никогаш не успеаја да го згазат она што се вика македонско достоинство, народна мудрост и сила, битов мозаик...

Македнскиот битов елемент и карактеристики најефектно во книгата функционира преку мариовски говор што авторот го користи во целиот тек на раскажувањето, ама и преку вешто психолошки изнијансираните и карактерно добро обликуваните ликови на стамените и горди Македонци. Успешно вградените локални мариовски обичаи и верувања, & даваат специфичен белег на книгата.

Романот "Откорнати души" е тегобна за читање книга, но таа е многу поучна, провокативна и жестока.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"