ЦРКВА

Кон 90-годишнината од поделбите на Македонија 1913 - 2003 за понижувањето и достоинството

КРИВОГАШТАНИ МЕЃУ СРАМОТ И ЧЕСТА

Пишува: Гоце ДУРТАНОСКИ

  • Плочата со српски натпис длабоко ги навредува чувствата на православните Македонци во Кривогаштани, во Македонија и во целиот свет и претставува негирање на идентитетот на македонскиот народ и потсетува на расколот и поделбите на Македонија од минатиот век.

Охридската Архиепископија е возобновена во 1958 година, а во 1967 година е возобновена и нејзината самостојност во лицето на самостојната Македонска православна црква (МПЦ), со што дефинитивно македонскиот народ се ослободи од јурисдикцијата на Српската Патријаршија. Македонците ја имаа Охридската Архиепископија, но, крваво платија во историјата за свои домородни архиереи Македонци на местото на грчките и бугарските архиереи и за своја самостојна МПЦ.

Македонската православна црква “Св. Вмч.Димитриј Солунски” во Кривогаштани

Знаејќи дека Македонската православна црква има свое црковно устројство и власт во Македонија и насекаде во светот каде што живеат Македонци христијани, организирани во македонски православни црковни општини во кои се отворени цркви и манастири на МПЦ и кои дејствуваат според словото на МПЦ, знаејќи дека МПЦ има свое Богословско училиште, Богословски факултет и други архиепископски институции, епархии, парохии, општини, во кои се организирани верниците, свештенството, монаштвото и највисокиот црковен клер со свои органи и тела на македонското црковно устројство, со што е опфатен голем дел од македонскиот народ, и прославувајќи ја 100-годишнината од Илинденското востание и македонската Крушевска Република од 2-ри август 1903 година во која најмасовно учество зеде македонското православно свештенство, Светскиот македонски младински конгрес (СММК) од митрополитот, и администратор преспанско-пелагониски господин Петар побара отстранување на плочата со српски натпис (на фотографијата) од ѕидот на западниот (влезен) дел од македонскиот православен храм "Св. вмч. Димитриј Солунски" во Кривогаштани.

НАВРЕДЛИВ СПОМЕНИК

Таа длабоко ги навредува чувствата на православните Македонци во Кривогаштани, во Македонија и во целиот свет и претставува негирање на идентитетот на македонскиот народ и потсетува на расколот и поделбите на Македонија од минатиот век. Споменатата плоча е поставена на 1 октомври 1913 година во спомен на "паднатите борци за ослободување на нашите браќа", а ја поставиле офицерите и војниците на црногорскиот кнез, подоцна самопрогласен цар на Црна Гора - Никола и тоа само неколку месеци по поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор од 10 август 1913 година.

Спомен плочата од 1913 година - симбол на поделбата и братоубиствените војни во кои страдаа Македонците

Плочата со српски натпис врз ѕидот на македонскиот православен храм "Св. Вмч. Димитриј Солунски" во Кривогаштани не е обврска на Македонската православна црква да го штити и чува тој паметник на воените окупатори на Македонија кои во Балканските војни го мобилизираа недолжното македонско население во првите линии на фронтовите на Балканските војни во негова братоубиствена борба и поделба.

БАРАЊЕ

Светскиот македонски младински конгрес бара од Преспанско-Пелагониската Епархија и Црковниот одбор на споменатиот храм во Кривогаштани да ги преземе сите мерки и активности за симнување на споменатата плоча од македонскиот православен храм и нејзино архивирање во музејското депо на подрачниот музеј во Прилеп или Музејот на Македонија во Скопје. Тој изразува загриженост од ваквиот однос на Македонската православна црква и Преспанско-Пелагониската Епархија кон своите сопствени цркви и манастири и бара постапката на симнување на вакви или слични натписи да го побара и направи во сите православни епархии/парохии на територијата на целата држава.

СММК од Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква бара донесување на посебен акт за ваквите видови на "спомени и споменици" од периодот на поделбите на Македонија кои наштетуваат на угледот на МПЦ и ги навредуваат чувствата на православните Македонци.

СММК барањето во копија го достави и до Архиепископот и архиереите на САС на МПЦ, црковниот одбор на "Св. Вмч. Димитриј Солунски" од Кривогаштани, градоначалникот, претседателот на Советот и Правната служба на општината Кривогаштани од кои се бара максимално ангажирање за симнување на овој навредлив "споменик" во кој не само што не се спомнува македонскиот народ туку истиот го негира и омаловажува дека некој друг го ослободил.

СММК исто така упатува нота на негодување до "историчарите" во Кривогаштани за инертноста во својата професија кои ја покажаа во овие години од осамостојувањето на нашата држава. Имено, "истите", покажаа многу повеќе маневрирање и активност во времето на проаѓањето на титовите (фалусни) штафети низ овие простори, па голема би била заслугата ако сега, дури и со помал елан, дадат труд во афирмирање на се што е македонско во Кривогаштани.

(Авторот е претседател на Светскиот македонски младински конгрес и шеф на постојаната мисија на Светскиот македонски конгрес при невладиниот сектор на Советот на Европа во Стразбур, роден во Кривогаштани)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"