Провокација за Грците

Градоначалникот на Солун, Василис Папагеоргопулос, ја повика Владата на Грција да ги употреби сите дипломатски средства и да изврши притисок врз, како што тој вели, Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ) за расчистување на прашањата за името на оваа земја.

Според Папагеоргопулос договорот со ПЈРМ е доказ за несподобноста на грчката надворешна политика и е провокација за совеста на секој Грк и навреда за грчката историја.

Трилатерална средба во Ѓуешево

Претседателите на Македонија, на Бугарија и на Албанија денеска ќе одржат работна средба во бугарското погранично гратче Ѓуешево, на границата со Македонија, на која ќе ги разгледаат можностите на трите држави за настап со заеднички Проект за доизградба на дел од Коридорот 8.

Иднината на Балканот е европска

Земјите од Западен Балкан треба да бидат задоволни од пораките по Солунскиот самит, под услов тие да се материјализираат преку кохерентна и сеопфатна стратегија на ЕУ кон Балканот, рече Илинка Митрева, шефицата на македонската дипломатија, на средбата со мрежата на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) за Југоисточна Европа, која викендов се одржа во Скопје. Тема на работниот состанок беше што и како треба да сторат земјите од Југоисточна Европа по Солунскиот самит.

Закана на АНА кон албанската Влада

Албанските власти и меѓународната заедница уште еднаш се предупредени дека АНА постои, дека таа расте, зајакнува, дека има и силни структури на сите албански простори што гарантира дека чекори по сигурен пат кон реализација на својот светол идеал - обединување на сите албански територии на Балканот. Покрај ова, во писмото упатено до албанските власти е потенцирано и дека властите во Тирана не треба да ги апсат и протеруваат членовите на АНА.

Откриени две Романки и илегалци од Албанија

Две жртви на трговија со бело робје од Романија и повеќе од 150 илегалци од Албанија биле откриени во акција на струшката и гостиварската полиција. Најголем дел од илегалците се надничари на полињата во Полошко, а меѓу нив има и луѓе со криминални досиеја.

Порака од Брисел до Тирана

Европската комисија бара од Албанија до крајот на годинава да подготви точни податоци за бројот на припадниците на етничките малцинства што живеат во таа земја. Овој чекор е неопходен доколку официјална Тирана сака да ги избегне непријатните последици во преговорите со ЕУ за Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Запленета дрога на Деве Баир

Двајца скопјани биле уапсени на граничниот премин Деве Баир при обид да внесат таблети "екстази" и марихуана. Дел од наркотиците биле наменети за продажба, а дел за лична употреба.

Уапсени уште пет лица

Уште пет лица се притворени поради сомневање дека продавале оружје на АНА, по апсењето на политичкиот лидер на таа илегална организација, Гафур Адили, познат како Вардари.

АРМ во Албанија

Припадници на АРМ учествувале на трилатерална воена вежба "Орел 2003 - барање и спасување" што се одржа во Албанија. Цел на вежбата беше увежбување на процедурите на потрага и спасување на копно.

Граничниот камен предизвика немир

На македонско-српска граница на северната страна во близина на кумановското село Татариновац беше поставен нов граничен камен. Но, овој нов камен внесе немир меѓу македонските и српските селани.

Македонско-грчко партнерство

Ресторанот "Фуфо-Лессе" со италијански стил и кујна, плод на партнерството на македонскиот бизнисмен Љупчо Николовски - Фуфо и Павлос Лессе, сопственик на слаткарниците "Стела", беше отворен во центарот на грчкото летувалиште Ханиоти.

"Матуранти" на Фестивал во Бугарија

Младинското драмско студио "Глорија" кое работи во состав на Домот на културата "Крте Мисирков" од Свети Николе со претставата "Матуранти" на 12 и 13 јули ќе учествува на Меѓународниот фестивал "Велинградски културни празнувања" во Велинград. Со настапот на ова студио свечено ќе биде затворен Фестивалот кој има мултимедијална содржина. Автор на текстот на оваа комедија е Методи Манев, а веќе е поставувана во неколку градови во Македонија. Треба да се напомене дека заедно со "Глорија" на овој Фестивал учество ќе земе и Женската пејачка група "Камелија" од Свети Николе.

Театар за деца во Мала Преспа

Децата - Македонци од Мала Преспа, Република Албанија, викендов првпат присуствуваа на куклена претстава на македонски јазик. Театарот за деца и младинци од Скопје во селото Долна Горица ја изведе претставата "Лакомата меца" пред стотина деца - Македонци.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"