Илинден во дијаспората
Во организација на здружените македонски радио програми "Т’га за Југ", "Македонска
Лоза" и "Радио Ѓердан", под раководство на Џон и Бети Треноски, а по покана
на невладините организации од Македонија, здружението на граѓани "Климентов
завет", дел од македонските естрадни уметници од Австралија ќе земат учество
на културните настани во Македонија по повод одбележувањето на 100
годишнината од Илинденското востание.
Средба на СДСМ и ДПМНЕ
Како резултат на политичкиот договор за водење отворен, конструктивен и
искрен дијалог за повеќе клучни стратешки прашања, на неодамнешната средба
помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се разговараше и се разменија ставови и мислења по
прашањата на безбедносната ситуација во Република Македонија,
територијалната поделба и функционирањето на правната држава и владеењето на
правото. Беше констатирано дека заштитата на територијалниот интегритет на
државата е врвен и заеднички приоритет. Во таа смисла се укажа на потребата
од продолжување на реформите и преструктуирање на безбедносниот сектор како
предуслов за поуспешно остварување на стратегиските цели на Република
Македонија - одбрана и контрола на својата територија, како и зачленување во
НАТО.
Промоција на Camel
роаминг
На своите Моби+припеид корисници, МобиМак им овозможи да го користат
Camel при пеид
роаминг, со што во голема мера се поедностави досегашното користење УССД
базираниот Моб+припеид роаминг. Со ова се решаваат проблемите кои досега се
јавуваа со префиксите и суфиксите кога се користи при пеид роамингот. Значи
наместо досегашниот формат на телефонскиот број *123* 00 389 70 123 456#
кој се користи кога се бира додека роамирате во странство, истиот ќе може да
се бира на "обичен" формат 00 389 70 123 456.
Ова воедно не значи дека со воведувањето на Camel
техонологијата се укинува роамингот со повратен повик, туку и двата системи
ќе функционираат паралелно овозможувајќи му на корисникот да бира на кој
начин ќе го користи. Со ова тарифите за роамингот со повратен повик ќе се
намалат и до 30 отсто, а тарифите за Camel
ќе бидат на ниво на досегашните кои беа за роамингот со повратен повик.
Заедничка борба против корупцијата
Двата државни универзитета, скопскиот и битолскиот, како и Универзитетот
на Југоисточна Европа, ќе формираат работни групи кои ќе изготват програми
со конкретни мерки за откривање случаи на корупција и непотизам. "Добро е
што универзитетите ја прифатија улогата дека самите треба да преземат нешто
за да ги исчистат своите редови", потенцираше претседателката на Комисијата,
Слаѓана Тасева.
Пријава против Војо Михајловски
Полицијата поднесе посебен извештај против Војо Михајловски за сторено
кривично дело злоупотреба на службената должност и овластување. Во декември
2001 и во јануари 2000 година во својство на директор наредил на фабриката
да & се исплати за наводно потрошен медицински материјал во износ од
22.502.305 долари.
Разбојништво во Тетовско
Две непознати лица во околината на Чегране извршиле разбојништво врз
дваесет и седумгодиншниот А.Х од Тетово додека тој со такси автомобил од
Тетово одел за Гостивар. Разбојнците со закана со пиштол од оштетениот А.Х.
зеле 738 илјади денари, по што избегале во непознат правец.
Тутунопроизводството во криза
Оваа производна година, според досегашните проценки на теренот, ќе имаме
за 20 отсто помалку тутун од планираните количества пропишани од страна на
Министерстовото за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тутунарите
предупредуваат дека може да дојде до изумирање на тутунопроизводството
доколку продолжи владината политика на неподдршка на овој сектор.
Пропусти на Филозофскиот факултет
На Филозофскиот факултет се случи голема збрка кога кандидатите за
запишување требало да го полагаат вториот дел од приемниот испит.
Кандидатите пријавени за една студиска група добиле тестови наменети за
други катедри. Така на кандидатите за студии по историја им биле поделени
тестови по психологија.
Реставрација на Лешочкиот манастир
Неодамна започнаа реконструкциските зафати за обнова на Лешочкиот
манастир, кој беше разурнат за време на воените конфликти во земјава.
Разурнатиот храм ќе го реконструира стручен тим од Републичкиот завод за
заштита на спомениците на културата, а овој Проект е финансиран од
Европската агенција за реконструкција, кој изнесува 391.000 евра.
Тоше на "Евросонг 2004"
Мегаѕвездата Тоше Проески ќе биде нашиот претставник на "Избор за песна
на Евровизија" што ќе се одржи во Турција идната година. Според зборовите на
генералната директорка на МРТВ, Гордана Стошиќ, изборот на Тоше е резултат
на неговите успеси во и надвор од земјата. Тоше истакна дека ќе даде се од
себе достојно да не претставува во Турција.
Незадоволство на "Канадски пошти"
"Канадски пошти" ќе ја тужат македонската Влада ако го раскине Договорот
за заедничко оперирање со "Македонска пошта". Канаѓаните бараат Владата да
одлучи дали го прифаќа договорот потпишан лани во јули, а ревидиран пред два
месеца.
|