По професија сум
дипломиран правник, меѓутоа професионално се занимавам (надвор од ангажманот
како член на Парламентот) со јавност, маркетинг и адвертајзинг. Веќе подолго
време се занимавам со адвертајзинг, што претставува моја професија, иако сум
правник. Во политиката влегов на 15-16 години. Во тоа време беше актуелен
еднопартискиот систем. Меѓутоа сакам да потенцирам дека бев во
претседателството на тогашната младина кој беше еден од субјектите кој го
покрена прашањето за повеќепартизмот. Со плурализмот во 1991 година кога
имав околу 20 години бев еден од основачите на Младата Демократска
Прогресивна Странка, една од првите политички партии во тоа време. Мојот
политички ангажман значи датира од многу порано. Во својот политички
ангажман сум ги поминала сите стадиуми на политичко ангажирање. Од основање
на партија, формирање на партиска инфраструктура, преку претседател на
подмладокот, потпретседател на партријата во два мандати, и сега - член на
Парламентот.
МС: Кога е вистинскиот момент за жената активно да се вклучи на
политичката сцена и какво е вашето искуство?
ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ: Не би требало да двоиме дали станува збор за жената
или мажот. Тоа апсолутно не може да се одреди. Моментот е тогаш кога ќе
почувствувате да бидете дел од политичките збиднувања во државава. Особено
што Македонија ја градеше својата независност во изминатиот период и
поминуваше низ еден многу тежок, бурен процес и таков напор од секој
поединец станува добредојден. Во Македонија работите околу функционирањето
на државниот систем се уште се средуваат, за разлика од другите европски
земји каде што политиката е веќе етаблирана и има таков политички систем кој
без разлика кој е на власт-функционира беспрекорно. Македонија за жал ја
нема таа привилегија. Ние градиме демократски процеси, каде доминира
политичката припадност. Искрено се надевам дека ќе дојде време кога полека,
но сигурно ќе се релаксираме од нашите политички припадности и ќе се
ориентираме на тоа што значи глобален национален интерес. Под национален
интерес не се подразбира само суверенитетот и интегритетот на државата, туку
и многу други значења битни за поединецот пред се неговата економска моќ и
стандардот на живеење.
МС: Според Вас колку жените се способни да бидат политички активни и дали
цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во светот на
политиката?
ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ: Уште од почетокот на светот претпоставувам (тоа е
моја лична теорија, која не мора да биде вистинита) жената имала повеќе
обврски од мажот. Таа се грижела за семејството, раѓала деца, ги хранела,
додека мажот имал повеќе слободно време за да се занимава со условно кажано
помалку значајни и витални работи. Мажот ја измислил војната, мажот ја
измислил и политиката (претпоставувам). Политиката за жената во голем дел од
нашето минато била тешко достапна, или пак била забранета. Мислам дека
воопшто нема разлика меѓу интелектуалните способности меѓу мажите и жените.
Сметам дека и светот би бил похуман кога жените би биле на поистурени
позиции во оваа сфера.
МС: Каков е односот на Вашите колеги кон Вашата досегашна работа?
ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ: Јас со моите колеги сум веќе 15 години заедно.
Заедно сме создавале и граделе. Мене лично ми пречи да бидам на некое место
или пак функција, само поради тоа што сум жена. Тоа моите колеги добро го
знаат. Не би можела да посочам и да издвојам пример каде колегите гледаат со
помала вредност на мене затоа што сум жена.
МС: Покрај политичкиот ангажман, дали имате време и за Вашиот приватен
живот, за Вашето семејство?
ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ: За приватниот живот и за семејството секогаш мора да
се најде време. Тоа е темелот на опстојување на секоја заедница. Колку ни е
здраво семејството, толку ќе ни биде здраво и општеството. Мојот напор е да
изнајдам што повеќе време за ќерката, сопругот и семејството. Се грижам
мојата ќерка да биде здрава личност и да ги препознае вистинските вредности
во животот. Тоа не може да & го пренесе никој како што може мајката. Се
трудам да најдам што е можно повеќе време, поради што ги селектирам
обврските на важни и помалку важни.
МС: Кои се најчестите мотиви за да жената заплива во политички води и
какво е Вашето искуство?
ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ: Моите мотиви пред неколку години наназад беа
идеолошки, а остануваат такви и до ден денешен. Либералниот пристап на
нештата, зачувувањето на личните слободи, без чепкање во слободите на
другите, креирањето на креативен систем каде поединецот може да ја искаже
својата индивидуалност беа и се уште се мои идеали во политиката. Македонија
се уште е далеку од тие идеали, но јас ќе останам во политиката се додека не
ги реализирам истите. Се разбира дека сосема сум свесна дека таа опција
години наназад, а и сега нема поддршка од гласачкото тело, бидејќи во период
на градење на држава има подоминантни работи. Ние пред се мораме да излеземе
од оваа сиромаштија, од оваа катастрофа која не дава простор да политички и
духовно се развиваме и како граѓани, поединечно, но и како нација на
глобално ниво.
МС: Жената од билошки аспект пред се е предодредена да биде мајка и дали
тоа според Вас претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?
ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ: Според мене мајчинството се надоплнува на
политичката кариера. Во оној момент кога жената станува мајка, таа добива
една позитивна енергија и поинаку гледа на работите околу себе. Кога носите
политички одлуки внесувате позитивни чувства во една баласна работа, како
што е политиката. Не секогаш можете да застанете на тоа стојалиште, но сепак
сметам да бидете мајка и да бидете политичар е една многу позитивна работа.
Друго прашање е трошењето на вашата личност, на вашата енергија за да
успеете и на двете полиња. Сметам дека не им е лесно и на другите жени кои
не се занимаваат со политика, но сепак имаат динамична работа и исто така
тешко наоѓаат време за семејството. Значи не би ги издвоила само
парламентарките на кои им е тешко со наоѓање време. Сите ние жените сме
фрлени во ист кош и го користиме де факто истото време. Хендикепот во
политиката е што попладневното и времето за викендите кое по редот на
нештата треба да го трошите на семејството, го трошите за политички ангажман.
МС: Дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести
политички ангажмани?
ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ: Не можете да ја терате кариерата, за која било
професија, ако претходно немате поддршка од вашето семејство. Сметам дека
тоа го добивам во доволна мерка, дури понекогаш позитивните сугестии од
сопругот се добредојдени.
МС: Обично се вели дека позади секој успешен маж стои жена, но дали
според Вас би можеле да кажеме обратно-дека позади секоја успешна жена стои
маж?
ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ: Не знам кој позади кого стои, меѓутоа е очигледно
дека стоиме двајцата еден позади друг. Тој е исклучително ангажиран во
адвертајзинг фирмата како сопственик на маркетинг агенцијата IDEA PLUS DDB,
а јас повеќе сум во Парламентот. Можеме да кажеме дека позади секоја успешна
жена стои успешен маж и обратно.
МС: Колку време, покрај кариерата и семејството, посветувате и на самата
себеси, на својот изглед и стил?
ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ: Покрај барање време за семејството и политичкиот
ангажман, секогаш најмалку време се има за самата себе. Знам дека тоа е
погрешно, меѓутоа денот има само 24 часа. Се трудам да го почитувам својот
стил кој е веќе изграден и не бара многу време.
МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во
Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50
отсто застапеност на жените во оваа институција?
ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ: Женското движење во Македонија беше доволно активно
во минатиот период и една од придобивките е токму овој парламентарен состав.
Иако лично не го поддржувам клучот како репер за изборот на кандидатите
сепак се јавува како неминовност. Се надевам дека ќе влеземе во процес каде
што клучот и не е важен. Не е цел да дојдеме до 50-50, но целта е да не има
доволно. Се разбира дека жената треба да биде самата свесна за своите
способности и храбро да се вклучи во политичката сфера. Се надевам дека во
иднина ќе има многу похрабри жени кои ќе влезат во политички дуел со своите
конкуренти и ќе освојат место на политичката сцена.
МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни
парламентарки?
ПЕЕВА-ЛАУРЕНЧИЌ: Дефинитивно да знаат што сакаат. Да ја препознаат
својата политичка опција, да работат за нејзино развивање и да бидат храбри
кон предизвиците кои од нив ќе ги бара политичката опција или политичкиот
ангажман. Тоа понекогаш изгледа непотребно трошење на време, меѓутоа
политиката е нешто кое мора да го примените и научите за да можете да ги
сфатите сите опкружувања кои ќе ве следат при нејзиното пласирање во
јавноста.