ЕГЕЈ

Посета на родните огништа на децата бегалци во Република Грција

ПАТ НА НЕЗАБОРАВОТ

Пишува: Ташко ЈОВАНОВ

  • Селото Сетина се наоѓа на 24 километри североисточно од градот Лерин, во подножјето на планината Кајмакчалан. Сетина денес е урбанизирано село населено со етнички Македонци и брои околу 200 жители.
  • Ги посетивме Воденските водопади. Водата паѓајќи од овие водопади на висина од околу триесеттина метри се разбиваше од камењата на безброј капки кои беа налик на ситни искри кои ја жареа нашата восхитеност.

Изминаа 55 години откако во далечната 1948 година децата бегалци од Егејскиот дел на Маке-донија под пресија на монархофашистичкиот режим мораа да ги напуштат топлите домови, да ги заборават детските игри. И тргнаа на пат, голи, боси, гладни, пат кој ги распрска низ целиот свет. По тој повод ќе се одржи Трета светска средба на децата - бегалци во Република Грција која ќе биде пропратена со многу културни манифестации како во Република Грција, така и во Република Македонија. Свој придонес во организацијата на оваа средба има и Здружението на сетинци и попадинци од Лерин во Македонија-Скопје, кое е член на Сојузот на здруженијата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Авторот на текстот, лево, пред Воденските водопади

Една од приоритетните задачи на ова Здружение е организирање на посети на родните огништа во Република Грција. Таква посета беше реализирана и оваа година на 20 и 21 мај, чија организација беше предводена од претседателот Ташко Јованов заедно со Ѓорѓи Конзуров, Наце Гудов, Тодор Мучов, Рула Попова, Харикла Кеќева, како и други членови на ова Здружение. Утрото на 20 мај, автобусот на "Млаз Богданци" заедно со 30 патници се упати на пат, пат кој ги одведе 30 срца низ историјата на детството на незаборавот.

РАДОСТ

Патувањето беше преку граничниот премин Меџитлија-Ники.

На граничниот премин Ники, грчките царинарници откако ни посакаа добредојде не замолија да ги ставиме на увид визите и пасошите. По извршеното фотокопирање на нашите документи не прашаа за тоа кои места планираме да ги посетиме. Откако го дадовме нашиот одговор дека ќе ги посетиме градовите Флорина и Едеса како и околните села, царинарниците ни посакаа среќен пат во Република Грција. На нашата радост и немаше крај, радост испреплетена со солзи во очите, топли прегратки и песни, песни македонски. И додека траеше радоста не ни сетивме кога стигнавме во селото Сетина.

Дел од селото Сетина

Селото Крушодари

Ова село се наоѓа на 24 километри североисточно од градот Лерин, во подножјето на планината Кајмакчалан. Сетина денес е урбанизирано село населено со етнички Македонци и брои околу 200 жители. Улиците овде се асфалтирани, куќите обновени со уредени дворови и решена е комуналната инфраструктура. Тој ден во ова село се славеше празникот летен "Св Никола". По тој повод во истоимениот манастир се одржуваше свечена литургија која беше изведена на грчки јазик. По завршувањето на литургијата месниот поп и неговите службеници ни приредија топол ручек подготвен од нашите соселани. Ручекот беше проследен со разговор на кој евоциравме и спомени од далечната 1948 година. По завршувањето на ручекот отидовме на прошетка низ Сетина, а оттука преку селото Крушодари се упативме кон големото македонско село Овчарани. Во Овчарани наидовме на доброорганизиран пречек, а во еден од тамошните ресторани бевме почестени со освежителни пијалоци и пријатен разговор. Разговорот беше проследен со македонски песни од сопатничката Марија Димкова, а ја слушнавме и песната "Сетинска свадба", која е прва песна испеана за овој крај. Квечерината напуштајќи го селото Овчарани се упативме кон селото Забрдени каде се одржуваше прослава во чест на селската слава "Св. Елена и Костадин". Тука бевме сместени во првите редови до почесните гости од општествениот живот на соседните села и градот Лерин. Од организаторот на прославата беше најавено нашето присуство и при тоа ни беше овозможено на македонски јазик да упатиме поздравен говор до присутните со желба за среќна слава. На оваа слава се пееја песни, песни македонски, се виеше орото, оро македонско.

УБАВИНИ

Наредниот ден според нашата програма патот најпрво го продолживме кон една нагорнина на која со своите убавини е распослан градот Воден. Тука ги посетивме Воденските водопади. А таму природата дарила се од себе. Водата паѓајќи од овие водопади на висина од околу триесеттина метри се разбиваше од камењата на безброј капки кои беа налик на ситни искри кои ја жареа нашата восхитеност. Воздухот пак кој се ширеше околу нас го даваше чувството на пријатност и свежина. За надополнување на прекрасната слика што природата ја дарила придонесуваше и присуството на неколку мали црквички кои се наоѓаа во долниот дел на водопадите. Восхитени од природните убавини зад нас го оставивме градот Воден и се упативме кон градот Лерин, а попатно ги посетивме и селата Русилово, Чеган, Пателе и др.

Групата пред обновената црква "Св Ѓорѓија" во село Овчарани

Подземната црква "Св Ѓорѓија" од 11 век во село Овчарани врз која е изградена новата црква

Лерин брои околу 13.000 жители и е населен претежно со етнички Македонци. Овде бевме топло пречекани од раководството на здружението "Виножито" на чело со претседателот Павлос Воскопулос и Атанасис Парисис, претседател на Грчкиот комитет за малцинските јазици во Грција при Европското биро за помалку употребуваните јазици во ЕУ и претседател на Одборот на Третата светска средба на децата-бегалци, од Лерин. Тој низ разговорот ни укажа дека со нашата посета во родните села, особено во селото Забрдени сме оставиле добар впечаток и тоа позитивно влијаело на одговорните државни структури во Лерин и Грција. Оваа посета одиграла важна улога околу одобрувањето за одржување на Тртетата светска средба на децата бегалци во градот Лерин.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"