ПОЛИТИКА

Се стега екстрадицискиот обрач околу криминалците и терористите

БАЛКАНСКИ РЕШЕТКИ ЗА АЛБАНСКИТЕ МАФИОЗИ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Макрото од Велешта, Дилавер Бојку, по екстрадицијата од Улцин, Црна Гора, се наоѓа во Истражниот затвор во Шуто Оризари. Но, сомнителен е начинот на кој тој избега од струшкиот затвор!
  • И додека македонската власт се обидува, но не доволно, да се справи со терористичките и криминалните банди, тие продолжуваат со провокациите и загрозувањето на безбедноста на државата.

Веќе одамна е познато дека во нашава држава албанските крими-нални и терористички банди работат на дестабилизација на државата, а целта на нивните водачи е остварување на големоалбанските апетити. Потврда за ваквите констатации се речиси секојдневните инциденти кои ни се случуваат во земјава, а во кои како главни виновници се посочуваат токму припадниците на албанската етничка заедница. Меѓутоа, виновна за тоа е македонската власт, која не само што потклекнува на албанските барања, туку најголемите екстремисти ги вклучи во власта. Познато е дека нивниот најефикасниот начин за остварување на правата се граѓанската непослушност и оружјето. Албанските дестабилизатори на безбедносната состојба, откако под сомнителни услови, прво ќе & "киднат" на македонската власт и откако таа по нив ќе распише меѓународна потерница, со помош од соседството, ги сместува во затвор. Криминалот и теророризмот ја разнебитија македонската држава и го уништија нејзиниот углед пред светот. Дилавер Бојку, макрото од Велешта - Струшко, кој на 20 јуни избега од струшкиот затвор, беше уапсен во Улцин, во координирана акција со црногорските власти и македонското Министерство за внатрешни работи. Иако тој се најде зад решетки, се уште сомнителен е начинот на кој успеал да избега при преместувањето од струшкиот во охридскиот затвор и зошто тој бил без лисици на рацете, за што истрагата треба да даде дополнителни податоци. По скандалозната судска одлука што ја изрече Судскиот совет со кој претседаваше судијката Клементина Савевска, обвинителството ја обжали пресудата, а Апелациониот суд во Битола предметот го врати на повторно судење. Врз основа на ова решение на Апелациониот суд во Битола од 12 јуни за продолжување на мерката притвор до завршување на главниот претрес, Бојку по екстрадицијата е пренесен во затворот во Шуто Оризари.

АКЦИЈА

Сега се тврди дека на струшкиот макро одново ќе му се суди во Македонија, врз основа на обжалената скандалозна пресуда, но ова е доказ за неефикасното македонско судство. Бојку ќе одговара за бегството од струшкиот затвор, за што може да добие од една до пет години затвор, како и за делата за кои е осомничен во дваесетината кривични пријави поднесени против него. Казна затвор ќе биде предвидена и за оние кои му помогнале на Бојку за неговото шеснаесетдневно криење во Велешта и во уште две други села во Македонија, но и во Улцин, Црна Гора. Се уште не се знае кој ќе ја добие наградата од 10.000 долари за информацијата каде се наоѓал Бојку што ја распиша американското Здружение за борба против трговијата со луѓе. Неофицијално се дознава дека наградата ќе одела во рацете на "пријател" на Бојку којшто дал детални информации за неговото движење во Македонија и оттука во Албанија и Србија и Црна Гора. Идентитетот на примачот на десетте илјади долари ќе се чува во тајност.

Акцијата за апсење на Леку била изведена врз основа на неодамна потпишаниот билатерален договор за соработка во борбата против организираниот криминал, тероризмот, нелегална трговија со дрога, луѓе и нелегална емиграција меѓу владите на Република Македонија и на Црна Гора. Во акцијата биле вклучени пристанишните и аеродромските безбедносни структури во Црна Гора. Некрунисаниот крал на проституцијата, Бојку, обвинет и осуден за посредување во вршење проституција, бил на терасата на кафе - барот "Капетан Кук" во најјужниот црногорски приморски град Улцин. Бојку пристигнал во Црна Гора со лажен пасош и сакал неколку дена да престојува во улцинскиот Дом на пензионери и инвалиди на трудот, од каде што планирал, наводно, да замине за Бразил. Неофицијално се дознава дека Бојку неколку дена по неговото бегство од затворот се криел по подрумите во некои куќи во Велешта. Портпаролот на Министетството за внатрешни работи на РМ, Мирјана Контевска, информираше дека акцијата за апсење на Бојку била подготвувана две недели. Балканскиот макро Бојку во своите ноќни барови имал на располагање околу 3.000 жени кои живееле како робинки. Тој самиот имал три "вистински" жени и голем број љубовници, а купените и киднапираните жени најчесто ги држел во своите клубови во западниот дел на Македонија. Молдавките, Романките и Украинките ги купувал по цена од 1.500 до 5.000 евра, а некои што "веќе ја одработиле својата работа" ги препродавал. Кога една 22-годишна Молдавка забременила по сексуалните односи со околу 100 мажи во неговиот бар, тој ја вратил на "поранешниот сопственик" кој му платил отштета.

УЦЕНИ

Омер Белули, еден од осомничените киднапери на дванаесеттемина Македонци од Тетово, исчезнати за време на војната, од тетовското село Боговиње, по кого полицијата трага две години, минатиот петок бил уапсен на граничниот премин Јажинце при обид да избега на Косово. Судот, како што е познато, пред две години, му одредил притвор за кривично дело киднапирање, меѓутоа, тој бил уапсен дури деновиве, бидејќи се криел во Албанија. Република Македонија се уште нема испратено барање до Албанија за екстрадиција на политичкиот лидер на АНА, Гафур Адили, познат како командат Вардари. Нашите власти чекаат да заврши истрагата на албанската полиција за кривичните дела на Вардари, па потоа ќе достави барање за негова екстрадиција. Властите во Тирана дотогаш ќе го држат во притвор на неодредено време.

Македонската власт не само што секогаш изглегува во пресрет на албанските барања, туку таа подлегнува и на уцените на Албанците, па така се случи и Џавид Асани, поранешен припадник на ОВК, и еден од командантите на паравоените формации во РМ, да биде трампан за неколку македонски војници. Како што е познато, постапувајќи по меѓународната потерница со која Џавид Асани се бараше за извршен обид за убиство, откако пукал во припадниците на МВР кои дошле да асистираат при уривањето на неговата дивоградба во една населба во Скопје, тој беше откриен од властите на УНМИК на Косово и предаден на македонските безбедносни органи, а потоа трампан за неколку македонски војници.

Но, по малверзациите и скандалите во нашата држава е познат и поранешниот министер за економија, Бесник Фетаи. По обвинувањата за злоупотреба на службената должност и малверзациите во НИП-от, тој "исчезна" од државата, а со меѓународна потерница беше екстрадиран од Хрватска, по што се најде зад решетки. Фетаи беше обвинет и за нетранспарентно доделување шеќер на одредени фирми.

И додека македонската власт се обидува, но не доволно, да се справи со терористичките и криминалните банди, тие продолжуваат со провокациите и загрозувањето на безбедноста на државата. Неодамнешниот случај во селото Булачани - село на Скопска Црна Гора, го потврдува фактот дека вооружените банди во државава прават што сакаат. Настанот се случил на седми овој месец, кога Драган Трајковски, неговиот син Дејан и уште еден нивни пријател, сите од Булачани, неповредени се извлекле од напад во кој учествувале десетина вооружени лица. Врз тројцата било пукано во моментот кога со тракторот натоварен со дрва се симнувале од планината кон селото. Куршумите завршиле во тракторот, а тие со трчање се упатиле кон блиските бачила. Додека бегале, слушнале дека напаѓачите комуницирале на албански. Случајот бил веднаш пријавен. Од МВР соопштуваат дека повеќе информации за овој случај, ќе се знаат во наредните денови. Жителите на Булачани претпоставуваат дека напаѓачите биле арачиновци кои на планината дошле од страната на кумановско Матејче и дека можеби се дрвокрадци кои не сакаат други во делот од шумата, за кој сметаат дека тие го контролираат. Овој настан покажува дека албанските криминогени структури, се уште го провоцираат македонското население и му го ограничуваат просторот на неговото движење.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"