ни изјави Војо Гоговски, еден од роднините
на 12 -те киднапирани Македонци по неодамнешното формирање на собраниска
комисија за случајот "киднапирани".
Тој исто така со жалење ни кажа дека државните институции постојано ја
избегнуваат средбата со нив.
Го формиравме Здруженито на граѓани "Надеж" со цел да дојдеме до
вистината. Наскоро "Надеж" ќе има и своја канцеларија, а досега остварува
соработка со Комисијата за киднапирани и исчезнати лица во Скопје, како и со
Здружението на исчезнати Албанци, вели Гоговски.
Роднините на 12-те киднапирани Македонци го формираа
здружението на граѓани “Надеж“
Здружението остварило контакт и со Меѓународниот Црвен крст во Тетово,
како и со седиштето на ОБСЕ исто така во Тетово, но засега наидуваат само на
класичните одговори од типот "работиме на случајот, засега нема резултати".
Тврдиме дека девет луѓе се живи, потенцира Гоговски, кој додаде дека
има голем интерес за распишаната награда од страна на МВР во износ од 25.000
евра за оние кои ќе го расветлат случајот "киднапирани".
Покрај тапкањето во место за случајот "киднапирани" во нашава држава за
жал се уште има протерани Македонци кои веќе две години живеат во исчекување
дека еден ден повторно ќе се вратат дома.
КОМИСИЈА
Македонските пратеници дадоа парламентарна виза за основање комисија за
утврдување на судбината на киднапираните и исчезнатите лица за време на
конфликтот во 2001 година. За потребата од основање вакво тело во кое,
покрај претставници на пратеничките групи ќе бидат застапени и членови од
семејствата на киднапираните, позитивно се изјаснија 53 пратеници, додека 10
беа воздржани.
При донесувањето на ваквата одлука пратениците сепак не ја пропуштија
можноста да си упатат меѓусебни обвинувања на релација опозиција - власт.
Сепак, тие заборавија дека многу поважно од меѓусебните караници е да се
здружат за заедно да ја расветлат судбината на киднапираните Македонци.
Нагласувајќи ја чувствителноста на прашањето министерот за внатрешни работи,
Хари Костов забележа дека собраниската седница не треба да се претвори во
полемика со меѓусебни обвинувања. Само за потсетување, со промената на
власта МВР обвини дека сите досиеја во врска со случајот "киднапирани" се
исчезнати. Така целата постапка за дознавање на вистината се врати на
почеток, тапкајќи во место.
Целта на владината информација е формирање комисија во која, покрај
претставници од семејствата на киднапираните и од Меѓународната комисија за
исчезнати лица, ќе бидат вклучени и пратеници, бидејќи некои од нив можеби
имаат повеќе информации за тоа што се случило во 2001 година, образложи
министерот Костов.
Околу 393 семејства на протераните Македонци се уште
живеат во колективни центри
МВР индиректно ја признава својата немоќ да го расветли овој случај,
реагираше пратеникот Блаже Стојановски од ВМРО - ДПМНЕ според кого со
формирање на комисијата ќе се разводни можноста за оперативно прибирање
сознанија и евентуално затворање на случајот.
Во информацијата категорично стои дека една од приоритетните задачи на
Владата е утврдување на судбината на лицата. Затоа, ВМРО - ДПМНЕ бара од неа
да го стори тоа, без да формира било каква комисија, реагираше
пратеникот Стојановски.
На ваквата дискусија реагираше Зоран Томиќ од СДСМ кој подвлече дека
целта на овие активности е поквалитетно расветлување на случајот. Според
него особено од формирањето на оваа Влада до денес преземени се низа
активности, но за жал ефектите изостанале.
Роднините на 12 -те киднапирани Македонци се во исчекување на ефектите од
работата на собраниската комисија која ќе ја утврдува судбината на нивните
најблиски и која треба и практично да профункционира.
ИСЧЕКУВАЊЕ
Според прегледот на внатрешно протераните лица од кризните региони
евидентирани во Црвениот крст на Република Македонија регистрирани се вкупно
4.561 лица сместени во домаќинства и во колективни центри. Вкупната бројка
на внатрешно протерани лица сместени во домаќинства изнесува 3.396 лица или
736 семејства. Вкупно 710 домаќини во РМ обезбедиле сместување за
протераните лица. Најголем е бројот на семејствата во Скопје, вкупно 339 под
чиј кров живеат протераните лица, додека во Тетово 202 семејства ги
прифатиле протераните и во Куманово 135.
Во колективните центри има вкупно 1.165 семејства, од кои во Скопје има
759 и во Куманово 406 лица. Во Куманово најголем број лица се сместени во
камп "Куба" - 165 и во камп "Кристал" -162. Во Скопје најголем број
протерани семејства има во камп "Здравко Цветковски", вкупно 47 или 136 лица,
додека во камп "Партенија Зографски" сместени се 106 лица.
Во поглед на националната припадност според евиденцијата на Црвениот крст
на РМ, 36,90 отсто се протерани Македонци, додека 48,52 отсто се Албанци,
0,20 отсто се Босанци, 0,02 отсто се Македонци - Муслимани и останатиот дел
се припадници на други националности.