ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

ЗАБОРАВЕНИОТ КРСТЕ ЦРВЕНКОВСКИ

Гог ма Гог

Ај, на политичарите да им простиме, ангажирани околу дневните настани, немаатвреме за некои подлабоки проникнувања во животот што го живееме. Да им простиме и на господарите на бизнисот, тие пак од пусти профит забораваат дури и на своите семејства... Ама како да им се прости на историчарите, социолозите и другите "ите" кои науката ги задолжила да мислат поинаку од ние - сите?!

Познат научник историчар, го прашале, што е историја? Утрото на денот! За нас историја не се ни петте напади да се освои Солун, ни стотте години Илинден... Ние се уште доволно не сме ги сместиле во историјата ни Рацин, ни Блаже Конески. Да не зборуваме за Крсте Црвенковски. А, токму со него, со една негова реченица, сакав да ја почнам оваа колумна. Кога го обвинуваа за либерализам, и Лазо (Колишевски) го намести кај Тито, да биде симнат од политичката сцена на тогашна Југославија, Крсте Црвенковски ја изговори онаа чудесно мудра далекуметна мисла за Солун, вековна мора на сите Македонци: "... Нема Македонец што не го посакува Солун. И тоа е природно, дури и човечки. Но мое мислење е дека Солун никогаш и никому нема да му се предаде да биде освоен. За нас Македонците е најважно ние Солун да го - користиме!"

И - толку. Крсте Црвенковски отиде. Во Солун некогаш влегувале каравани македонски трговци (заедно со грчки, ерменски, еврејски, турски...), Солун го запоседнале неброени граѓани и селани, Солун вриел од туристи и други бадијалџии, Солун бил домаќин на многу сојузи и организации, а неодамна и на - ЕУ.

Срцевината на Европа, во која сакаме да одиме и да бидеме нејзин составен дел, никогаш не биле поблиску до Скопје, само неполни 200 километри, пеш да ги изодиш. А, ние после Солун, пак фрустрирани, омаени, како англиска кралица, ни весели ни тажни, туку - мамурлии... Успехот на македонската политика мора веќе да се мери со некои допирливи критериуми, а не со политички флуиди. На пример: влегувањето во - Солун... Тоа не треба да биде измачување, чекање, проверување. Прашајте ги американските граѓани после 11 септември 2002 што значи тоа? Губење на слободата, зошто на сопствените аеродроми, автобуски и железнички станици, ги проверуваат како да одат во - Солун?! Толкава и таква недоверба, можеби оправдано или неоправдано, трпат Македонците, ако сакаат во Солун по сомун!

Единствено оној што не ја чувствува слободата може да го фрли контролираното и селективно однесување. Зошто ми е мене Солун да го управувам? Мене Солун ми треба да го посетам, да престојувам, да го користам! Јас искрено се радувам што во Солун заедно со Хрватите, Босанците, Албанците и Србите и Црногорците, и ние Македонците бевме тема конечно за - почит.

Политиката не трпи егзалтираност, а историјата - лицемерие. Што им требаше на нашите политичари (ама и новинари) да не пумпаат со енормни количини нереален оптимизам, пред да се случи - Солун.

Знаете ли што ми напиша една Белгијанка, деновиве пред Солун:

"... Внимавајте, преголемиот оптимизам е рамен на политички инфантилизам. Вие во Македонија треба многу, многу да направите, да ја уверите Европа во она што таа сака да верува!".

Ми се крена "косата на главата". А, знаете ли зошто? Да сме само Македонци во оваа земја, нека не толчат ако сакаат, како змијата главата. Ама, веќе не сме. Ние сме сега "оркестирана држава" во која немаме, а можеби и не можеме да имаме - диригент. Ние не можеме се уште да воспоставиме единствена даночна дисциплина на целата македонска територија; немаме на сите граници легални гранични премини; нашите институции зависат од добрата волја на нечије население во нечии реони, дали ќе функционираат или нема да функционираат... Таква држава никој не сака да & влезе во Европа.

Дури сега разбирам, што значело да и бидеш партнер на Европа за - интеграција! Да не се залажуваме: во Солун, завршните документи ги "усвои" Брисел, но ги подготвуваше Атина... Велат, Грците најмногу и најдобро го знаеле Балканот! Затоа не заборавајте го Крсте Црвенковски!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"