Георгетоњн",
Вашингтон, САД. Интересно е да се согледаат нејзините видувања за нашиот
процес на евроинтеграција.
МС: Госпоѓо Ристова-Астеруд, што мислите за договорот потпишан со САД
каде не фигурираме како државен субјект, туку само како институција - Влада
на Македонија? Како стои во досега потпишаните договори, на пример меѓу
Романија и САД? Меѓу две држави или две влади?
РИСТОВА-АСТЕРУД: Иако не сум имала можност да ги проучам ниту нашиот,
ниту договорот на било која друга држава со САД во врска со Меѓународниот
кривичен суд, сепак, можам да ви кажам дека од аспект на
меѓународно-правните правила за меѓународни договори (пред се, вообичаените
правила кои произлегуваат од Виенските договори за склучување на меѓународни
договори меѓу држави и меѓу држави и меѓународни организации), нема ништо
спорно. Според овие правила, меѓународно-правен субјективитет да склучуваат
договори имаат државите и одредени меѓународни организации. На секој, па и
на САД, му е јасно дека не склучува договор со меѓународна организација,
туку со држава која ја признава. Исто така, постојат варијации во тоа кој во
името на државата склучува меѓународен договор, а Владите односно нивни
претставници (во случајот министер и амбасадор) се една од тие варијанти. Се
друго е прашање на правна инвентивност, за да се избегнат некои билатерални
(а во случајот трилатерални) проблеми, какви што можат да се јават во врска
со името на нашата држава на релацијата Грција-САД-Македонија, и некои
внатрешно-политички бранувања во Конгресот на САД во процесот на
ратификацијата на овој договор, како последица на ова. За нас она што е
најбитно е што договорот го користи изразот "Влада на Македонија" кој
сугерира влада на држава која се вика Македонија, без оглед што не се
користи целосното уставно име. Нам ни е битно нашата државност да се именува
како Македонија, тоа е суштината на спорот со името, а дали таа држава е
Република или Монархија, никој не го интересира, ниту нешто за тоа се
оспорува. Оттука, ова е голем исчекор за нас во борбата за деноминацијата на
нашата државност како Република Македонија.
МС: Дали потпишаниот договор со САД негативно ќе се одрази на нашите
односи со ЕУ?
РИСТОВА-АСТЕРУД: Не верувам. Мислам дека ЕУ добро ја разбира
ситуацијата во која се наоѓаме. Можеби ова ќе биде и поттик за ЕУ подобро да
проанализира зошто држава како Македонија, како држава-аспирант за членство
во ЕУ, за прашања сврзани со меѓународниот-правен поредок се приклонува кон
САД, за разлика од редица држави-кандидати за членство во ЕУ. Јас верувам
дека анализата и решенијата што ќе произлезат од една таква анализа можат да
бидат само поволни за нашите евро-амбиции во иднина.
МЕДИУМСКА ЛАДОВИНА
МС: Како ќе ја оцените парламентарната димензија на евроинтеграцијата на
Република Македонија?
РИСТОВА-АСТЕРУД: Многу ми е мило што конечно некој од медиумите
поставува едно вакво прашање. Парламентарната димензија добива слабо
медиумско покривање, за што нема оправдување, бидејќи има исто толку големо
значење како и владината димензија. Не смееме да заборавиме дека токму
Парламентот е институцијата од која зависи темпото и крајниот квалитет на
приближувањето на нашата легислатива со онаа на ЕУ, од која зависи степенот
на одговорност на извршната власт за тоа како работи во евроинтеграционите
процеси и, конечно, од која зависи во која мера ќе биде мобилизирано и
информирано македонското граѓанство за оваа наша стратегиска цел. Ваквата
медиумска ладовина, од друга страна, не делува добро врз пратениците,
бидејќи ги обесхрабрува, остава простор за неработење, неинформираност и
импровизација, како и ја намалува нашата политичка тежина наспроти
министрите. Не случајно, сите документи што доаѓаат од ЕУ, а се однесуваат
на државите од регионот, инсистираат на зајакнување на парламентарната
димензија на евоинтеграцијата. Сепак, и во вакви услови, парламентарната
димензија постепено се унапредува, при што би издвоила неколку поважни
работи. Прво, веќе со години функционира делегацијата за соработка со
Европскиот парламент, а која нашите парламентарци се подобро ја користат за
изворно информирање на европарламентарците за нашите успеси, проблеми и
очекувања. Тоа не ретко вродува со плод, бидејќи европратениците потоа
прашањата кои нас не засегаат ги придвижуваат во рамките на ЕУ, до
Комисијата и до Советот на Министри. По изборите во 2004 година,
Европарламентот планира да формира билатерални делегации за сите држави во
регионот, а не како досега, една за цела Југоисточна Европа. На тој начин,
може да очекуваме и поголемо зајакнување на парламентарната димензија,
бидејќи многу поголем број на европратеници ќе се инволвираат во состојбите
во регионот. Второ, овој собраниски состав донесе одлука за формирање на
ново постојано работно тело на Собранието - Комисија за европски прашања -
чија главна задача ќе биде токму динамизирање и повисоко профилирање на
парламентарната димензија на евроинтеграцијата, а која се надевам наскоро и
персонално ќе се конституира и ќе профункционира. Пред Самитот во Порто
Карас, Собранието донесе и пригодна декларација за парламентарната димензија
во која, меѓу другото, се обврзавме, најмалку еднаш годишно, по објавувањето
на извештајот на Европската Комисија за РМ, да расправаме за состојбите на
евроинтеграцијата, особено за тоа што ние како пратеници сме сработиле. На
ваквата собраниска седница ќе ја повикуваме и Владата, која ќе мора да ни
реферира за тоа што таа сработила, зошто нешто не е сработено... Тоа ќе биде
голем притисок врз сите нас, што треба да придонесе работите побрзо да се
придвижуваат напред.
МС: Какво е значењето на т.н. твининг систем кај нас и колку тој е
неопходен за евроинтеграцијата?
РИСТОВА-АСТЕРУД: Твининг системот е лансиран во 1998 година, како
основен механизам во т.н. институционално изградување на државите- кандидати
за членство. Главна цел е да им се помогне на овие држави да ги организираат
и подготват своите институции и да го обучат својот административен кадар за
применување на правните прописи и стандарди на ЕУ. Твинингот се состои од
конкретни проекти меѓу конкретни партнер-институции од земја-кандидат и
земја-членка на ЕУ, со конкретни периоди на реализација и конкретни
резултати кои мора да се постигнат, и се користат најчесто во области за кои
ЕУ проценила дека државата кандидат има посериозни проблеми или каска заради
институционални и кадровски слабости. Досега, твининг системот го имаат
користено буквално сите држави-кандидати и се покажал како еден од
најефикасните инструменти на т.н. пред-пристапна стратегија. Какво би било
значењето за нашата земја? Ќе ви одговорам низ неколку примери на твининг.
Чешката Република ја користела помошта на Холандија во воспоставувањето на
независно судство и обвинителство. Бугарија користела помош од Италија за
обучувањето на својата ветеринарна служба заради обезбедување поквалитетна
гранична и внатрешна инспекција на храната од животинско потекло. Литванија
ја користела помошта на Данска за реформите во буџетот и даночниот систем.
Словачка ја користела помошта на Велика Британија за тренинг на своите
полициски сили во борбата против перењето на пари, трговијата со дрога,
заштита на сведоците. Зарем не мислите дека сите овие примери на твининг
проекти не би ни дошле добро и нам? Оттука, за жал, негативните реакции во
врска со твининг системот кај нас (туторство и сл.), повторно не "издаде"
колку ние всушност не сме информирани, колку повеќе сакаме да критикуваме
без аргументи, а не да учиме, и над се, колку сакаме да импровизираме во
процесот на евроинтеграцијата на РМ, за кој, сите по ред, се колнеме дека е
најстратегиска цел на нашата држава.
МС: Пред само десет години РМ беше земја за пример на земјите од Западен
Балкан, заедно со Република Словенија. Денес сме меѓу последните во редот со
Република Албанија?
РИСТОВА-АСТЕРУД: Ние бевме земја за пример со Словенија кога
стануваше збор за исполнувањето на критериумите за признавање од страна на
ЕУ како независни држави, а кои произлегоа од распаднатата СФРЈ. Логиката,
условите и критериумите за признавање на независната државност од кои се
водеше експертската комисија на ЕУ (т.н. Бадентерова комисија), сепак, не се
исто што и условите за членство во ЕУ. Првите, сепак, беа само добар
потенцијал и старт да се исполнат вторите. Заедничката стартна позиција со
Словенија ја изгубивме, како од објективни, така и од субјективни причини.
Нам ни се случија низа војни и конфликти во опкружувањето и дома, долга
дипломатска битка за признавање на државноста и името, ембарга. Словенија
немаше вакви проблеми. Заради ова, но и заради затајување на македонската
политичка, интелектуална и медиумска елита, не создадовме реформска клима во
Македонија кога станува збор за евроинтеграцијата, освен на декларативно
ниво. Хрватска имаше забавување заради воен конфликт и ретроградни
авторитарни процеси во домашната политичка сцена, но сега компензира со
економски поповолна конјуктура и опкружување и максимална мобилизација на
целото општество да работи на забрзана евроинтеграција. Сепак, јас сум
оптимист и мислам дека и кај нас има шанси и потенцијал да се придвижат
работите напред, и сепак верувам дека сме во подобра ситуација не само од
Албанија, туку и од БиХ и Србија и Црна Гора.
МС: Од Самитот на ЕУ во Порто Карас очекувавме многу, а не добивме ништо.
Какво е Вашето видување на Самитот?
РИСТОВА-АСТЕРУД: Јас мислам дека јавноста доби впечаток дека
очекувањата на македонската надворешна политика беа изневерени или дека е
направена лоша проценка врз основа на сето она што беше изнесено пред
Самитот од официјални владини претставници како наша листа на барања, а
потоа не беше добиено. Таквиот впечаток за мене не држи. Нашата надворешна
политика, односно Владата, треба секогаш пред ЕУ да истапува со нашите, за
даден момент, максимизирани барања за тоа што ние мислиме дека нам ни треба
за побрзо да се евроинтегрираме. Унијата, од своја страна, ќе види што од
тоа што го бараме е прифатливо. Од тоа нема што да изгубиме, дури може и да
добиеме. Друго, јас, за разлика од доминантното мислење и оценки изнесени во
јавноста, сметам дека Самитот има историска димензија. Не во смисла на
некаква спектакуларна пресвртница, туку органски и еволутивно, како што
впрочем сите големи промени во ЕУ зреат, ако добро се проучи нејзината
историја. За тоа ќе изнесам два клучни аргументи. Прво, ЕУ дефинитивно го
отвори процесот на јакнење на асоцијативниот елемент во процесот на
стабилизација и асоцијација со отворањето на низа инструменти и програми од
предпристапната стратегија (Европски партнерства, твининг, учество во
програми на Европски Заедници, зголемена финансиска помош) за државите од
регионот, а кои дотогаш беа достапни само за државите-кандидати за членство.
Значи, ЕУ го прифати нашиот аргумент дека стабилизацијата и асоцијацијата
треба да одат заедно, иако можеби различно дозирано, а не во некаков
хронолошки редослед, гледиште кое доминираше во ЕУ од лансирањето на овој
процес во 1999 година па се до Самитот. Она што за мене е уште поважно: две
институции на ЕУ со важна улога во процесот на прием на нови држави-членки,
Европскиот Парламент и Европската Комисија, пред Самитот, донесоа, првата
резолуција, втората препорака, од кои, ако се споредува со нивните претходни
ставови за регионот, се гледа историски храбар исчекор и визија. Од тоа
враќање нема. Овие две институции се најавтентични институции на ЕУ бидејќи,
за разлика од Европскиот Совет и Советот на Министри, немаат двоен идентитет
и двојна лојалност, односно, и спрема ЕУ (како нивна институција), но и
спрема државите-членки ( како шефови на држави и влади) и од кој, нужно,
произлегува попретпазлив и поконзервативен пристап. Како такви,
Европарламентот и Комисијата секогаш покажуваат поголема грижа за европскиот
отколку интересот на државите - членки и имаат поголем сенс за европската
перспектива. Од нивните ставови за овој Самит сосема е јасно дека овие
институции сметаат дека нашиот регион нужно е дел од европската перспектива
и во иднина, верувам, особено Европарламентот, ќе го притискаат Советот во
овој правец, освен ако ние овде не направиме нешто драстично ретроградно за
да ги предомислиме или ако нешто спектакуларно се смени во внатрешното
политичко милје на Унијата. Затоа, заради значењето на ставовите на
Европарламентот и Комисијата, не случајно, македонскиот парламент ја усвои
декларацијата што веќе ја спомнав и во која се поздравуваат низа идеи на
овие институции во однос на регионот. Конечно, од Самитот сосема јасно, на
највисоко политично ниво, беше кажано дека нашиот статус на потенцијален
кандидат за членство во ЕУ не ги вклучува двете логични разврски (може да,
може не) туку само едната: прашањето веќе не е дали ќе бидеме член, туку
кога ќе станеме член. Сето ова заедно, сепак, претставува историско
поместување.
АМБИЦИЈА
МС: Италија го презеде од Грција европското кормило. Дали тоа ни влева
нова надеж за подобра евроинтеграција?
РИСТОВА-АСТЕРУД: Да, бидејќи и Италија, како и Грција, има висок
интерес за состојбите во регионот, и во духот на ЕУ-традицијата, има
амбиција за покровителство врз регинот. Позитивната улога на Италија ќе биде
во настојувањето Солунската агенда навистина и брзо да се реализира, а не да
се забави низ ходниците на евробирократијата.
МС: Кога реално може да очекуваме наше полноправно членство во големото
европско семејство?
РИСТОВА-АСТЕРУД: Најсигурен одговор за мене е да се каже минимум
10-15 години од влегувањето во сила на Спогодбата за стабилизација и
асоцијација. Покрај нашата способност успешно да ја спроведуваме спогодбата
и зајакнатите асоцијативни елементи од пред-пристапната стратегија, тука ќе
влијаат и други два момента. Ќе влијае т.н. длабочинско интегрирање на ЕУ,
односно, колку успешно ЕУ внатрешно ќе се преуредува да функционира како
економско-социјален, политичко-воен чин), што е актуелна тема и сега со
Конвенцијата за Европскиот Устав. Исто така, т.н. апсорбциона моќ на Унијата
за нови членки има свое влијание. Со други зборови, со која успешност ќе
заврши престојното проширувањето со новите десет членки идната година, како
ќе се одвиваат работите со Бугарија, Романија и Турција, дали Норвешка,
Швајцарија и Исланд конечно ќе се решат да влезат (за нас би било подобро да
се решат на таков чекор, заради финансиско зајакнување на процесот на
евроинтеграција на посиромашните држави на континентот), што ќе се случува
во нашиот регион.... Иако се зборува за индивидуален пристап, сепак,
искуството покажува дека групните проширувања се правило во ЕУ, па така во
наш интерес е сите земји во регионот да одат забрзано со реформите,
стабилизацијата и асоцирањето. Јас лично сум оптимист, сметам дека
евроинтеграцијата како геополитички процес сепак нема да може да не
прескокне. Од нас зависи дали евроинтеграцијата на РМ ќе се случи побрзо или
побавно, а за тоа ни се потребни две работи: реализам и многу работа во
достигнувањето на критериумите за членство, но и верба во нашата европска
иднина до степен на религиозност. Македонија во ЕУ не можат да ја одведат
песимисти, скептици, циници, вечни критизери, импровизатори и
квази-експерти, без оглед дали се дел од политичката, интелектуалната или
медиумската елита на државата. Климата што тие ја создаваат во државата само
не фрла во поголем очај, ни ја слабее волјата за било што, а особено за
големи подвизи и реформи и го ништи вистински креативниот, особено
помладиот, потенцијал на луѓе со знаење и ентузијазам во државата. Иако ова
што ќе го кажам не е егзактно-научен пристап, сепак, јас најискрено верувам
дека, со оглед на тешката ситуација и духовната и моралната летаргија во
која е западната нацијата кога станува збор за нашата европска перспектива,
Македонија во ЕУ ќе ја однесат само луѓе кои веруваат во евроинтеграцијата
на РМ со истата внатрешна верба која ја имал еден Кристофер Колумбо кога
верувал дека со своите бродчиња ќе може да премине океани до "Ветената
земја".