КОМЕНТАР

Македонски плурализам

ИРАНСКИТЕ ДУВЛА - АЛИБИ ЗА НОВ ПРОДОР

Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Балканскиот регион, покрај Средниот исток, а посебно Иран ќе стане главниот центар на американската војна против глобалниот тероризам бидејќи токму во овој регион се наоѓа најсилното оружје на иранскиот режим.
  • Борбата против тероризмот која делумно од Блискиот исток ќе се префрли на Балканот не е единствената причина поради која Американците повторно се свртуваат кон ова парче на Европа!

На неодамнешниот годишен самит на САД и Европа претседателот на европската комисија, Романо Проди не можеше да ја заобиколи заедничката декларација за воспоставување на транснационално партнерство во која е одбиена идејата да & се понуди соработка на Америка. Оваа декларација заеднички ја напишале поранешните највисоки американски службеници: Медлин Олбрајт, Александар Хејг, Лорен Иглбергери, Хенри Кисинџер. Одговорот од Европа стигна од вкупно 17 држави меѓу кои се запишани имињата на Даглас Херд, Жискар д Естен и Џулијано Амато. Европјаните им порачаа на Американците "делете ги вашите непријатели, а не пријателите".

На крајот Проди им порача на "најголемите" да им дозволат на своите европски партнери повторно да воспостават доверба и надеж меѓу луѓето и да го направат светот сигурно место за живеење за сите. Европа ја разбра и ја сфати Америка после 11 септември, но Америка не ја разбра Европа. Не ја сфати нејзината политика иако и помогна во најтешките мигови последните десетина години. И се уште не сака да ја разбере нејзината суштина раководејќи се од своите потреби и интереси.

ВОЈНА НА ЅВЕЗДИТЕ

Воглавно, судирот меѓу САД и Европа барем за кратко е смирен и стопирана е ескалацијата на нетрпението меѓу сојузниците, а во исто време и ривалите. Причина за нетрпението не се само безбедносните случувања ширум планетата, туку и економските чинители кои ги диктираат вкупните општествени процеси во секоја земја и регион. Имено, Европа и во тој поглед предничи пред Америка со вкупен раст на бруто општествениот производ од 2,7 отсто наспроти 2,2 отсто кај американското стопанство со тенденција ваквиот сооднос да продолжи до 2010 година. И куриозитетот да биде поголем ова се случува за првпат во последните седумдесет години. Со проширувањето на ЕУ Европа станува пазар на околу 450 милиони луѓе додека на Американците им се заканува опасноста да бидат потиснати од најсилниот и најголемиот светски пазар. Затоа грижата на американската администрација е голема и мора да бара други излези. А кога најголемата светска економска и воена велесила ќе почне да бара други излези за спас на нешто тогаш е јасно дека тоа ќе стане и голема грижа за другите земји. Борбата против тероризмот е во полн ек. Обете страни по тоа прашање имаат исто мислење иако Европа се плаши дека борбата против модерното зло може да прерасне во она што се случи во Ирак. Е, тука Американците знаат најдобро да изиграат и полека да го вратат севкупното влијание кое го имаа врз стариот континент. Ако економијата во моментов им оди слабо тогаш џокерот со кој можат да ја завршат партијата покер е токму тој - тероризмот и тоа не било кој туку европскиот, балканскиот. Балканот наскоро повторно ќе се најде во фокусот на вниманието на американската надворешна политика, но со негативна конотација и значење. Ваквите предупредувања стигнуваат од американскиот воен аналитичар, Грегори Копли, главен уредник на неделникот "Forin afers and difens" истовремено и автор на многубројни доверливи анализи испратени и до канцелариите на Белата куќа и Стејт департментот. Тој е човекот кој го откри планот на официјален Вашингтон дека САД своите воени бази од западноевропските земји ќе ги преместуваат на Балканот. На почетокот сите ги демантираа таквите анализи, но вистината пред триесетина дена на јавноста и ја обелодени американскиот секретар за одбрана кој призна дека планот на САД навистина е таков. Балканскиот регион, покрај Средниот исток, а посебно Иран ќе стане главниот центар на американската војна против глобалниот тероризам бидејќи токму во овој регион се наоѓа најсилното оружје на иранскиот режим. Радикалниот исламски режим во Техеран сега по најновите светски притисоци е дотеран до ѕид, бидејќи е опкружен од непријателски држави како што се Турција, Ирак, Пакистан, Азербејџан и останатите арапски земји. Свесни дека се наоѓаат пред тежок пораз Иранците се борат буквално за гол опстанок. Поради тоа режимот во официјален Техеран ќе се обиде да ја активира и употреби целокупната терористичка инфраструктура која & стои на располагање ширум светот, а посебно на Балканот. Станува збор за подрачјата каде има голем број исламски радикали, милитанти и терористи во Босна и Херцеговина, Косово и Метохија, а се уште не се знае за Македонија. Разузнавачките служби, оние подобро информираните сметаат дека Иран ќе ги употреби сите свои луѓе и сите пари кои досега ги имаат собрано и заштедено. Цифрата се движи некаде околу 250 милиони долари. Грегори Копли дури сега открива дека сите војни кои досега се водеа на просторите на некогашна Југославија директно се помагани и финасирани од Иран. Целта била едноставна: да направат своја база во западниот свет од која подоцна, во одреден момент кога ќе се создадат услови ќе се атакува кон западот, пред се кон САД.

"ГОЛЕМАТА САТАНА"

Добро упатените велат, моментот е дојден. Не е познат само часот. Војните во Босна и Косово биле првата фаза на иранскиот план во борбата против Соединетите Американски Држави. Нивните терористички бази на балканскиот Полуостров ќе им бидат потпорна точка во понатамошната борба со Америка која ја нарекуваат "големата Сатана". Создавањето муслимански држави во срцето на Европа не било самото по себе цел. Меѓутоа, Владата во Вашингтон дури сега почнува да го увидува тоа. Затоа САД и западните контраразузнавачки служби не смеат повеќе да ја раздвојуваат Босна и Херцеговина и вештачката конструкција создадена со дејтонскиот мировен договор, независно од сопствените желби за борба против глобалниот тероризам. Оттука, владите на балканските земји Србија и Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Албанија и Македонија мораат повеќе да се потрудат што подобро да ја известуваат силата број еден во светот која и најмногу се залага за искоренување на тероризмот од светски рамки. Треба да ја известуваат за врските на тероризмот на Балканот и неговите корени и извори кои потекнуваат од Иран, Сирија, Либија и во организацијата на Осама Бин Ладен. Од друга страна пак, и САД треба да ги разберат балканските минијатурни држави дека се обидуваат да сторат се што е во нивна моќ да го сопрат бранот на екстремизмот кој повторно ги надвиснува овие простори, да ги разберат дека тие не се непријателски расположени кон Вашингтон туку дека сакаат фер и коректна игра, без двојни стандарди и двоен морал посебно кога станува збор за тероризмот. Тоа пред се, затоа што терористите и криминогените групи повторно ќе се обидат со својата веќе докажана способност и финансиски средства да ги изманипулираат западните печатени и електронски медиуми и да го скријат вистинскиот тек на настаните. Вашингтон во обезбедувањето на Балканот веќе го повлече првиот чекор. Најавено е повлекување на американските воени трупи од Германија и нивно преместување на европскиот југоисток. Иако Стејт департментот тоа сега засега го демантира, Белата куќа сепак ќе ги послуша советите кои & се даваат од страна на Министерството за одбрана на САД, а тоа е разместување на американските сили кон југот. Тоа нема да се случи одеднаш, туку постепено. Романија и Бугарија се главните опции на Рамсфелд, но во игра се и Србија и Црна Гора, а делумно и Македонија. Познат е предлогот на македонскиот претседател, Борис Трајковски САД да ги распореди своите сили на полигонот Криволак, па дури и да го користи како трајна воена база за своите геостратешки потреби. Меѓутоа, борбата против тероризмот која делумно од Блискиот исток ќе се префрли на Балканот не е единствената причина поради која Американците повторно се свртуваат кон ова парче на Европа. Со ширењето на ЕУ, Европа се прошири од Атлантикот до Урал и од Арктикот до Медитеранот, па оттука центарот на гравитацијата на стариот континент ќе се помести кон југ и кон исток. Затоа и Америка, за да биде во центарот на вниманието ќе мора да се придвижува кон исток, во иста насока како и Европа. Поради овие геополитички раздвижувања и разместувања Балканот и Иран ќе бидат двете клучни геостратешки точки и предмет на најголемо интересирање во наредните години. Ем Европа ќе биде доведена до една незавидна ситуација од која полесно ќе може да се натера да моли пред портите на Вашингтон, ем американската надворешна политика и дипломатија ќе ги препокрие т.н. двојни стандарди и аршини кои ги практикуваше цели петнаесет години низ повеќето европски и азиски региони. Бриселските дипломати наизуст ги знаат овие веќе неколупати видени и испробани рецепти. Меѓутоа одговорот на прашањето дали ќе може со своите капацитети и моќ да возврати на ваквите "спасителни" акции од налетот на меѓународниот тероризам и криминал се уште останува неодговорено. Она што во моментов може да се забележи е само давање еден просечен отпор од неколкуте европски земји кои полека се отрезнуваат од опиеноста и славата што до пред некое време им ја подаруваше американската администрација прво на Клинтон, а потоа и оваа на Буш. "Секогаш треба да работиме на основа на она што не обединува, а да го потискуваме настрана она што не раздвојува" - ќе рече во една прилика грчкиот премиер, Костас Симитис за време на претседавањето на неговата земја со ЕУ во првата половина од оваа година. Грција е мала земја, а малите земји како по обичај стравуваат од судирите меѓу големите, па дури и кога тие припаѓаат на една страна. Ако таквите се плашат тогаш што им преостанува на најмалите како нас, како Македонија, Србија, Хрватска, како Албанија. Тие не припаѓаат никаде. А сепак се најголемите жртви од судирот.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"