Танушевчани против граничниот премин

Педесетина селани од Танушевци со трактори и возила, во вторникот, поставија блокада на патот кон караулата Кодра Фура, не дозволувајќи да се отвори новиот граничен премин кон Србија и Црна Гора во делот кон Косово. Жителите велат дека нема да дозволат да се отвори новиот граничен премин Танушевци - Дебалде, бидејќи не им одговарала неговата локација, која е единаесет километри оддалечена од селото и тврдат дека се наоѓа на косовска територија.

Престрелка во "Чаирчанка" во Скопје

Најмалку три лица се убиени, а неколкумина се повредени во вооружената престрелка меѓу непознати лица што се случи во средата, пред ресторанот "Фонтана", во трговскиот комлекс "Чаирчанка" во Скопје.

Во престрелката е убиен Ридван Незири, кој има криминално досие. Според очевидци, напаѓачите кои носеле маски на главата, испукале повеќе рафални истрели и фрлиле експлозивна направа.

Референдум за самоопределување на Албанците

Ќе побараме референдум за самоопределување ако до февруари идната година не се реализира охридскиот Договор, изјави потпретседателот на ДПА во оставка, Мендух Тачи. На претстојниот конгрес што треба да се одржи идниот викенд, како што најави Тачи, ќе има битни измени во платформата на ДПА.

ДУИ бара албанска општина во Скопје

Демократската унија за интеграција бара во Скопје, на левата страна на Вардар, да се формира нова општина Кале, која ќе биде со мнозинско албанско население. Партијата на Ахмети преку новата општина гледа и поголема можност за официјална употреба на албанскиот јазик и албанското знаме на територијата на општината.

Етничките прашања не се решаваат со територијални поделби

Новиот концепт на територијална поделба нема да ги продлабочи етничките и национални поделби во Македонија, бидејќи врз основа на територијални решенија не можат да се решат етничките прашања, изјави министерот за локална самоуправа, Александар Гештакоски.

МНР издава пасоши од неовластена печатница

Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, во врска со аферата "двојни пасоши", тврди дека Министерството за надворешни работи го заобиколило Министерството за внатрешни работи и надвор од пропишаните правила директно ги порачало пасошите за дипломатско- конзуларните претставништа од печатница што го загубила правото да ги печати.

Зарески и Селмани не знаат каде да се потпишат

Клучните луѓе во Министерството за здравство, министерот Реџеп Селмани и директорот на Фондот за здравство, Рубинчо Зарески, десет дена се надмудрувале кој да се потпише на левата, а кој на десната страна на договорот за проширување на " бесплатната листа" лекови, за која болните чекаат една година.

"Гнило јаболко" за 2002 година

Друштвото на екологисти на Македонија, критиката "Гнило јаболко" за 2002 година им ја додели на Велешката топилница, свињарската фарма од Свети Николе и на "Охридска пастрмка" а.д. Топилницата оваа критика ја доби, бидејќи раководството не направило ништо за да го спречи загадувањето на Велес, а свињарската фарма ја доби поради нехуманиот однос кон животните, чувањето на 2.000 мртви свињи и испуштање на отпадните води во Кумановска Река, Пчиња и Вардар. "Охридска пастрмка" го доби "гнилото јаболко" поради оштетување на рибниот фонд.

Сања била принудувана на проституција

По двонеделна полициска потрага, во неделата, во Штип во домот на родителите беше вратена 16-годишната Сања И., која пред повеќе од 15 дена исчезна од родниот град. Киднапираната штипјанка била пронајдена во кафеаната "Џезо Компани" во тетовското село Желино, каде како што соопшти полицијата била принудувана на проституција.

Македонија на 60 место по сиромаштијата

Државниот завод за статистика констатира дека дваесет и четири проценти од македонското население живее под линијата на сиромаштијата. Според Економскиот институт, тој процент се движи некаде околу 30 проценти. Со речиси една третина од населението вброено во категоријата сиромашни, Македонија годинава се најде на 60 место во светот според индексот на сиромаштијата на Програмата за развој на ОН (УНДП), која го презентираше извештајот за човековиот развој - 2003 година.

Кинеските инвестиции не завршуваат со "Козјак"

Кинеските инвестиции во Македонија не почнуваат и не смеат да завршат со "Козјак", а македонските бизнисмени имаат отворена покана да дојдат и да го истражат кинескиот пазар, беше речено на прес-конференцијата во Скопје, на заменик-министерот за надворешни работи на НР Кина, Лиу Гучан, и вториот човек на македонската дипломатија, Фуад Хасановиќ.

 


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"