КОМЕНТАР

Сито и Решето

КОМАНДАНТИ НА УЧК ВО МВР

Од Редакцијата

Велат дека секое чудо трае три дена. Но, за жал, чудата што учките ни ги приготвуваат траат повеќе од три дена. Пратеникот на Демократската унија за интеграција, Хазби Лика, со 69 гласа "за" и со 17 опозициски "против", е именуван за заменик на министерот за внатрешни работи, Хари Костов. Колку и да звучи апстрактно, безмалку налудничаво, сепак е реално дека довчерашниот непријател на нашите бранители сега е именуван за втор човек во МВР. Кандидатот за заменичкото место во полицијата, Хазби Лика, ја доби довербата на пратениците дури во вториот обид, откако претходно пропадна техничкото изјаснување во кое за него гласаа само 60 пратеници. Хисни Шаќири (исто така довчерашен "борец" на УЧК) побара поединечно изјаснување, сомневајќи се во резултатите што ги даде техничкиот систем. И покрај обидот на опозицијата да посочи на скудните биографии од кои не можат да се прочитаат квалитетите на идните функционери, сепак ДУИ си ги намести своите команданти онаму каде што посака. Поранешните команданти на УЧК како печурки по дожд "се нацртаа" на важни позиции во власта.

Предизборните и поизборните ветувања на премиерот Бранко Црвенковски дека во власта нема да вклучи директни учесници во конфликтот се разлеаја како меурчиња од сапуница.

БЕЗГЛАСНИ БУКВИ

Бракот помеѓу СДСМ и ДУИ се повеќе заличува на брак од интерес од кој само едниот го "молзе" и искористува другиот. Што може и да очекувате од вакви "наместени" бракови каде наводаџии се моќните политичари од Западот кои едноставно ни ги кројат животите и судбините. Што да & рече Бранко на нацијата за своето ветување кое за жал го погази, кога ете неговиот коалиционен партнер Али Ахмети вети дека ќе го изучи македонскиот јазик, од кој ни ал ни абер ни по една година учење. За изминатиов период Бранко да сакаше, сигурно ќе станеше експерт за албанистика.

Нејсе, нам муабетот ни беше како жедни не пренесоа преку вода. Приказната започна (покрај ветувањето на Али дека ќе "парла" на македонски) од поставувањето на командантот Шпати, припадник на т.н. УЧК на директорската фотелја на Државниот архив на Македонија. И така Шпати стана чувар на македонската ризница за која е засегнат исто колку за ланскиот снег. За голема жал тоа не е и крајот на приказната, туку таканаречените "команданти" на УЧК полека, но сигурно се инволвираа во МВР, АРМ, во Владата и во дипломатијата. Можеш да ги сретнеш и онаму кај што не си ги посадил. Но, кој знае зошто некои се чудат на ваквите работи кога ете еден Али Ахмети директно од црната листа на САД се сликаше пред Белата куќа во Вашингтон. Уште малку можеби и ќе го предложат за Нобелова награда за мир! А бракот со СДСМ? Па се знае кој во семејството е "безгласна буква".

ДОГОВОР

Македонците, според сите случувања во државава, се ориентираат и се придржуваат во реализирање на Рамковниот договор. Интересно е да слушнеме што впрочем тоа значи и во практиката. Дали и командантите Шпати и Лика се дел од тој неизбежен, срамен и болен договор. Дали според тој договор Албанците треба да добијат повеќе места во државните институции, а Македонците да летаат од работа, оти така ни кумуваат од ММФ. Но, дали нешто и спротивната страна (Албанците) треба да сторат во име на тој Рамковен договор?! Што е со протераните Македонци и нивното враќање во родните домови? Како да се вратат протераните Македонци кога со сопствени очи видовме како Хари ги молеше селаните од Вејце да го пуштат како цивил да прошета по нивна територија! Како да се вратат Македонците во Арачиново кога таму шетаат лица во црни униформи?! Како да се разберат блокадите кај Танушевци кога тамошните жители сами бараа граничен премин, а сега би сакале тие да ја одредуваат локацијата каде ќе биде отворен тој граничен премин?! Албанците од Дебалде на косовска страна, пак, не сакаат ниту граница, ниту граничен премин, зашто тоа била "нивна земја"! Албанците на Балканот не престанаа досега и нема да престанат ни во иднина се нешто да бараат. Сиот Балкан, според нивната големоалбанска илузорна логика и филозофија, е нивна сопственост. Така е и во Макеонија. Во бракот меѓу СДСМ и ДУИ, досега само ДУИ цело време нешто бара, а СДСМ само ги остварува многубројните желби на коалициониот партнер. Би било добро барем малку да се сменат улогите и веќе еднаш и СДСМ да почне нешто да бара од Али Ахмети, односно од Македонците со албанско етничко потекло.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

Опозицијата смета дека Владата ќе биде запаметена по промашени кадри во извршната власт за кои веруваат дека нема да ја подобрат кревката безбедносна ситуација во државава, ниту пак ќе влијаат позитивно во подобрување на условите за стопанисување.

Располагаме со податоци дека Лика бил директен учесник во конфликтот, како командант на 112-та бригада на ОНА, рече Жарко Караџоски.

Податоци може да имаат колку и да посакаат, но за жал со нив може само да се сликаат и ништо повеќе.

Во името на ДУИ, пак, Теута Арифи се обиде да ја "нашминка" биографијата на Лика велејќи дека дипломирал јазик и книжевност, а не полициска академија, можеби поради големата дискриминација на Албанците во минатото.

Како и да е, сакале ние или не, од сега натаму терористичкиот командант Хазби Лика ќе биде слика и прилика на безбедносната ситуација во Република Македонија.

Човек да види и да не верува!


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"