ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Моќта на Свети Наум Охридски и на Свети Јован Крстител

ЧУДОТВОРНАТА СИЛА НА "ЛЕКАРОТ НАД ЛЕКАРИТЕ" И "АНГЕЛОТ ВО ТЕЛО"

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • Скоро 11 векови луѓето ја чувствуваат моќта на Св. Наум, особено на изворот на благодатта, осветувањето и чудата - на Светиот гроб, во кој почиваат неговите свети мошти, во манастирот "Св. Наум Охридски", на брегот на Охридското Езеро.
  • На 8-от ден по раѓањето Јован бил обрезан. Татко му Захарија, бидејќи бил нем напишал на штичка: "Јован му е името". И веднаш му се одврзал јазикот и почнал да зборува.

Големиот македон-ски светител преподобен Наум Охридски, Богомудриот просветител, мисионер, вечниот раководител на монасите, втемелувач на писменоста и верата, заедно со преостанатите Свети Седмочисленици: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Св. Сава, Св. Горазд и Св. Ангелариј, не дозволија македонскиот народ да се загуби во морето на туѓински влијанија. Знаејќи го тешкиот пат низ кој поминал македонскиот народ, страдањата, маченичкиот живот кој и самиот Светец го живеел, измачуван од страна на германските мисионери, фрлениот и мачен во затвор, некогашниот продаден роб, Св. Наум Охридски, останува засекогаш силен и неуморен заштитник на македонскиот народ низ сите векови. Скоро 11 векови луѓето ја чувствуваат моќта на Св. Наум, особено на изворот на благодатта, осветувањето и чудата - на Светиот гроб, во кој почиваат неговите свети мошти, во манастирот "Св. Наум Охридски", на брегот на Охридското Езеро.

Големиот македонски светител преподобен Наум Охридски

Сесилниот Бог ни остави големо богатство, неизмерно богатство, непроценлив дар, светите мошти на силниот и неуморен Светител, чудотворните мошти кои живо дејствуваат, чесните мошти на небесниот човек, чудотворниот лекар, Св. Наум Охридски.

ГОРДОСТ

На датумот 3.07. на летниот празник (или Собор) на Светителот, реки од поклоници од Македонија и од целиот свет доаѓаат во манастирот што тој го изградил, да се поклонат и да го целиваат неговиот гроб, да му оддадат почит и слава. Во манастирот доаѓа до голем Собор на народот. Многу болни доаѓаат и преку вера и молитва добиваат излекување над неговите мошти, и тоа не само православните христијани, туку и луѓето со друга вера. Бог му дал голема сила и Св. Наум "лекар над лекарите" ги лечи луѓето од сите болести и од смртна постела ги подига и ги враќа повторно во живот. Неговиот гроб со векови и векови е извор на чудотворна сила. Небесниот граѓанин и сега гледа на овој свет и со телото и духот прави чуда. Тој е гордост на македонскиот народ, гордост на Балканот.

Раѓањето на Св. Јован Крстител се слави на 7.07. Архангелот Божји Гаврил го објавил натприродното зачнување на неплодната Елисавета. Му се јавил на првосвештеникот Захарија во олтарот на храмот Ерусалимски и му рекол: "Јас сум Гаврил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и да те известам за оваа радост; ... жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован ... тој ќе биде голем пред Господа ... а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си".

Раѓање на Св. Јован Крстител

Поради тоа што Захариј веднаш не поверувал на зборовите на вестителот Божји, бил казнет. Онемел и не можел да зборува се до 8-от ден по Јовановото раѓање. Зборовите на Архангелот Божји се исполниле. Иако била во подоцнежни години, Елисавета родила син. "Се роди оној кој заради моралната чистота е наречен 'ангел во тело'". На 8-от ден по раѓањето Јован бил обрезан. Татко му Захарија, бидејќи бил нем напишал на штичка: "Јован му е името". И веднаш му се одврзал јазикот и почнал да зборува. Захарија исполнет со Свет Дух, го благословувал Бога, ја прорекол вистината за младенецот дека ќе се нарече пророк на Севишниот и Претеча. Во Израел се пренел глас за чудното раѓање на Св. Јован. Гласот за тоа стигнал и до цар Ирод кој владеел во Јудеја. Тогаш, по негова наредба се убиени 14.000 витлеемски деца.

СПАС

Ирод стравувал од Јован да не би бил тој идниот цар. Затоа им наредил на војниците да го убијат. Но, гласот за убиството на витлеемските маченици стигнал и до Елисавета. Таа веднаш со младенецот Јован бега во пустата и висока гора. Наеднаш, од врвот на гората, забележува дека војниците се приближуваат кон неа. Со солзи во очи, а со силна вера во Бога, пред карпата извикува: "Горо Божја, прими ја мајката со чедото!". По Божја волја, карпата се отворила, се создала пештера, и во неа се скрила Елисавета со младенецот Јован. Разгневен поради ова, Ирод ги испраќа војниците во ерусалимскиот храм, кај Захарија. Но, таткото не им го предаде својот син да го убијат, и џелатите го убиле Захариј помеѓу притворот и храмот. Неговата света крв се скаменила и "останала така како постојан сведок против Ирод". Четириесет дена по убиството на Захарија, Св. Елисавета починала во пештерата. За младенецот Јован во пустината се грижел Сесилниот Бог.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"