Откако им го рекла тоа света Кирана замолчела и не одговарала на нивните
прашања. Во себе се молела на Господ Исус Христос да & даде сила да издржи
до крај. Преку молитвата таа заборавила на сите маки и срцето & се исполнило
со духовна радост. Посакала што побргу да ја прими смртта и да се соедини со
Бога.
СВЕТА КИРАНА МАЧЕНИЧКИ УМИРА ЗА ХРИСТА
Откако ја виделе нејзината непоколебливост, Турците ја фрлиле во затвор
каде ја оковале во синџири. Во продолжение се опишани страшните мачења на
кои била подложена светителката. Јаничарот лично одел во затворот да ја мачи.
Но, една ноќ додека темничарот бездушно ја тепал обесена за таванот и додека
од нејзиното тело течеле потоци крв, наеднаш преку кровот ќелијата се
исполнила со чудесна светлина, која го опфатила нејзиното тело. Темничарот
се уплашил и отишол да ги повика стражарите. Кога се вратиле виделе дека таа
е мртва. Светлината околу нејзиното тело наеднаш се повлекла, а ќелијата
останала исполнета со пријатен мирис. Тогаш ја симнале и ја положиле на
земја. Утредента се прочуло низ градот дека света Кирана починала и дека од
небесата се појавила чудесна светлина. Турците се засрамиле поради убиството
на оваа недолжна девојка и им дозволиле на христијаните да го погребаат
нејзиното тело. Тоа се случило на 28 февруари 1751 година.
Веќе рековме дека во Османлиската империја било невозможно муслиман да
помине во христијанство и дека таквиот бил осудуван на смрт. Рековме и дека
ова се однесувало и на оние христијани кои биле наклеветени дека пред
сведоци изјавувале оти преоѓаат во исламот. Овие христијани биле принудени
или навистина да поминат во исламот или да завршат маченички, каков што бил
случајот со света Кирана.
Таа живеела во време кога во Македонија владеела вистинска анархија. Во
18 век низ Македонија крстосувале банди кои на народот му нанесувале многу
зла, а власта не само што не била моќна да им се спротивстави, туку и самата,
преку своите органи, го тероризирала народот. Такви биле мартолозите, кои
под изговор дека ги бркаат разбојниците и самите ги напаѓале селата и ги
ограбувале. Сигурно дека таков бил и јаничарот кој ја прогонувал света
Кирана.
СВЕТИ АГАПИЕ ВАТОПЕДСКИ
Неговиот празник се слави на 1 март (стар стил), т.е. на 14 март (нов
стил). Свети Агапие бил послушник кај некој стар монах во манастирот Ватопед
на Света Гора. Еднаш, додека се миел крај морскиот брег, бил фатен од морски
разбојници и бил продаден како роб на некој неверник. Во ропство свети
Агапие поминал цели дванаесет години постојано молејќи се на Исус да биде
ослободен. Предобриот Бог ги послушал неговите молитви и една ноќ на сон му
се јавила света Богородица, која му рекла дека утредента може да се врати
кај старецот во манастирот. И навистина утредента свети Агапие сфатил дека е
слободен затоа што синџирите со кои бил врзан отпаднале сами од себе. Така
тој слободно заминал од домот на својот господар и отишол право кај старецот
во манастирот Ватопед. Кога го видел старецот се нажалил затоа што помислил
дека свети Агапие кришум побегнал од својот господар. Му рекол дека не
направил добро затоа што неговиот господар за него платил пари. Старецот го
советувал свети Агапие да се врати кај господарот и да продолжи да му служи.
Му рекол и дека Бог ќе го просветли господарот, па тој самиот ќе го ослободи.
Така и се случило. Свети Агапие се вратил кај својот господар, а овој не
можел да се изначуди кога го видел. Го прашал зошто се враќа, а свети Агапие
му ја кажал мудрата поука од старецот. Господарот станал восхитен од
возвишеноста на христијанската вера. Недолго потоа му рекол на Агапие да го
одведе и него кај старецот. Кога стигнале во Света Гора старецот ги крстил
господарот и неговите два сина и така тие го проживеале својот живот како
христијани, по што заминале во Царството Небесно.
Во изворите што ги консултиравме не се дадени никакви податоци околу
времето во кое живеел свети Агапие. Фактот што тој бил послушник во
македонската Света Гора е доволен за претпоставка на неговото веројатно
македонско потекло, затоа што во дамнешните времиња во овој македонски
христијански центар се подвизувале главно Македонците (иако имало бројни
припадници и од други народи).
СВЕТА ПРЕПОДОБНА МАЈКА ЦАРИЦА ТЕОДОРА
Нејзиниот празник се слави на 11 март (стар стил), т.е. на 24 март (нов
стил). Од нејзиното житие читаме дека света Теодора потекнувала од местото
Сервија во Македонија и дека била родена во семејството на благородниците
Јован и Елена. Таткото Јован бил намесник на Солун и на цела Македонија.
Обата нејзини родитела биле хумани луѓе и кон сите луѓе се однесувале со
љубов и праведност. Во тој дух била воспитувана и света Теодора. Во тоа
време Латините го завзеле Цариград и им нанеле многу зла на православните.
Византија се распаднала, а во дел од неа било создадено Епирското царство на
чело со Михаил Ангел Комнен (1204 - 1215 година). Престолнината на ова
царство се наоѓала во градот Арта на брегот на Јонското Море. Кога царот
умрел требало да биде заменет со својот малолетен син, но неговиот роднина
Теодор го завзел престолот во Арта, поради што синот на Михаил бил принуден
да бара засолниште на Пелопонез. Подоцна Теодор го превзел Солун од Латините,
по што се прогласил за цар. Но, тогаш загинал во борбата против бугарскиот
цар Асан Втори, а на престолот дошол младиот Михаил Втори Комнен (синот на
претходниот цар Михаил Ангел Комнен). Еднаш тој дошол во македонскиот град
Сервија и таму ја видел убавата Теодора. Веднаш посакал да ја земе за жена и
со помош на посредници, на крајот, успеал во тоа. По свадбата (која била
одржана во Сервија) се преселиле во својата престолнина Арта. Иако била
царица света Теодора и натаму предано Му служела на Христа, помагајќи им на
сиромашните и давајќи им утеха на несреќните. Тогаш ѓаволот ги вмешал
прстите во нејзиниот живот. Царот Михаил, подлегнал на својата страст кон
некоја вдовица од благородничко потекло. Ѓаволот толку го заслепил што тој
јавно го обелоденил својот живот во грев, живеејќи јавно со вдовицата,
додека кон својата царица се однесувал како кон слугинка. Еден ден, дури и
ја избркал од дворецот, иако била бремена. Така, несреќната царица се нашла
на улица. Во меѓувреме & се родило детето и таа не знаела каде да оди, па
талкала од место во место. Но, според Божјата промисла, еден ден света
Теодора се запознала со некој свештеник кој, откако слушнал за нејзината
судбина, ја зел кај себе дома заедно со детето. По неколку години царот
Михаил ја сфатил својата заблуда и се покајал. Засрамен и разочаран заради
својот грев ги испратил слугите низ целото царство да ја бараат света
Теодора. Набргу ја нашле во домот на добриот свештеник и, по негов совет,
таа и детето се вратиле кај царот. Таму света Теодора сфатила дека тој
навистина се кае и оттогаш живееле во слога, а царот секогаш ги слушал
нејзините совети. Во знак на благодарност кон Бога света Теодора подигнала
црква што ја посветила на свети Ѓорѓи.
По извесно време царот Михаил починал, а света Теодора се замонашила,
продолжувајќи да прави добродетелства и да се подвизува во името на Христа.
Во монаштвото еден ден и таа Му се претставила на Бога.
Светата преподобна мајка царица Теодора била позната историска личност.
Таа му била сопруга на императорот Михаил Втори Комнен (1237 - 1271 година).
Градот во кој се родила (Сервија) всушност е денешниот јужномакедонски град
Серфиџе. Латините (крстоносците) го завзеле Цариград во 1204 година, по што
Византија привремено се распаднала на мали државички со свои цареви. Тоа се
случило за време на Четвртата крстоносна војна, која иако била насочена
против муслиманите, довела и до судир помеѓу Византија и крстоносците.
Латините останале да владеат со Цариград се до 1261 година кога овој град
повторно станал престолнина на обединетата Византија. Од податоците за
животот на царот Михаил Втори Комнен може да се заклучи дека света Теодора
живеела во 13 век.
Житието на света Теодора го запишал монахот Јован Мелос. Подоцна тоа било
дополнето од епископот од Арта Серафим Визант и првпат било објавено во 1772
година во Венеција. За жал, за оваа македонска светителка во македонската
поширока јавност не се знае речиси ништо. Несомнено дека света царица
Теодора заслужува посебно место меѓу Македонците светители и нејзиниот
светол лик допрва треба да се истражува.
(Продолжува)