ИСТОРИЈА

Сеќавања за катастрофалниот земјотрес во Скопје (2)

МАКЕДОНСКОТО КУЛТУРНО-ИСТОРИСКО НАСЛЕДСТВО ПОД УРНАТИНИ

Подготвила: Милева ЛАЗОВА

  • Градскиот завод за заштита на спомениците на културата беше нов објект и требаше да ја преземе работата на заштита на бројни споменици под заштита на државата во Скопје. Беше на најдобар пат да започне со систематска работа на овој сектор, но скопската катастрофа го спречи.
  • Бидејќи Скопје имало и има голем број споменици на културата, авторите на книгата се задржуваат само на оние кои се урнати и тешко оштетени.

Книгата "Музеи и споменици на културата на Скопје по земјотресот од 26. VII 1963" од авторите Миодраг Хаџи - Ристиќ и Драгољуб Јанковиќ изобилува со бројни податоци и фотографии за последиците од скопската трагедија. Покрај користењето на податоците од книгата, во фељтонот се користат, меѓу другото, и непубликувани материјали од личната архива на професорот Хаџи - Ристиќ.

Остатоци од Етнолошкиот музеј

Сули ан пред земјотресот и по него

Голем е бројот на урнати и оштетени културни објекти од времето по земјотресот. Некои од нив веќе се спомнати како Археолошкиот, Народниот Историскиот музеј, како и Уметничката галерија и Куршумли ан, меѓутоа останаа уште многу други кои се од особено културно значење.

МУЗЕИ

Заводот за заштита на спомениците на културата и природните реткости во Македонија, преку своите оддели и реферати работеше на проблемот за заштита, па располагаше со богата научна и техничка документација, со стручна библиотека, фототека и картотека на споменици на културата под заштита на државата, како и работилници за препарирање, конзервација и реставрирање на сите типови материјали и фотолабораторија. Овој Завод ја издаде и едицијата "Културно-историско наследство во Македонија". Зградата на Заводот на тврдината "Кале" до темел беше урната, па најголемиот дел од стручната документација, фототеката и картотеката беше уништен или тешко оштетен. Оштетени се и бројни движни споменици кои биле во процес на проучување и заштита. Исто така, се уништени сите апарати во работилницата и фотолабораторијата.

Состојбата на депоата во Природно-научниот музеј

Влезот на Природно-научниот музеј

Градскиот завод за заштита на спомениците на културата беше нов објект и требаше да ја преземе работата на заштита на бројни спменици под заштита на државата во Скопје. Беше на најдобар пат да започне со систематска работа на овој сектор, но скопската катастрофа го спречи.

Институциите за кои се говореше се наоѓале во стариот дел на градот, на левата страна од реката Вардар.

СПОМЕНИЦИ

На десната страна од реката, односно во новиот дел на Скопје, се наоѓале повеќе институции.

Етнолошкиот музеј со збирките за текстил, домаќинство и домашниот живот, метал, народното земјоделство и занаетот, како и посебни оддели за применета уметност, илустративна служба, за снимање етнолошки филмови, потоа стручна библиотека, фототека... Музејот од 1958 година издавал и годишна ревија "Гласник на Етнолошкиот музеј".

Зградата на овој Музеј е една од музејските згради во Скопје која не беше многу оштетена, но имаше поголема штета во изложбените простории на Музејот, депоата на систематски збирки. Евакуација на музејскиот и другиот материјал не е извршена, меѓутоа веднаш се пристапило кон санирање и поправки на зградата.

Природно-научниот музеј ги имаше одделенијата: ботаничко со хербариум и лабораториум, ентомолошко со лабораторија, хидро и палеонтолошко, како и стручна библиотека, препараторска работилница и фотолабораторија. Зградата на Музејот претрпела големи оштетувања и & претстоел рушење затоа што не било можно да се поправи. Поголем дел од материјалот бил уништен или тешко оштетен; хидродепото на ситни птици и изложба на збирка на рептили. Преостанатите делови од музејскиот материјал како и некои апарати од лабораторијата и работилницата биле евакуирани, но под неповолни услови на заштита.

Рибарскиот музеј беше објект на Заводот за рибарство кој низ своите изложби го прикажувал рибарството на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро, како и флората и фауната на реките и езерата во Македонија.

Зградата во која бил сместен овој Музеј се наоѓала во градскиот парк надвор од градските блокови, па претрпела само мали оштетувања како и изложените експонати.

Бидејќи Скопје имало и има голем број споменици на културата авторите на книгата се задржуваат само на оние кои се урнати и тешко оштетени. Така, на пример на Сули ан кој бил изграден од камен и цигла во средината на XV век, но многу бил оштетен во 1689 година, така што подоцна бил обновен и последниот изглед на објектот наликувал на Куршумли ан со два влеза, затворен двор, приземје и кат со силни сводови. Овој споменик бил потполно урнат. Од него се сочувани само мали делови од фасадните ѕидови. Дјурчилер амам или Кури амам бил изграден од Муслидин Хоџа во втората половина на XV век, а бил користен до 1689 година се до пожарот кој потешко го оштетил. По ова амамот не бил обновен, а земјотресот целосно го разурнал.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"