|
ФОРУМ
КОЈ ЈА СНОСИ ВИНАТА?
Илија Кипровски
Р ешив да се обратам до Вас во
врска со мојот проблем кој трае речиси три и пол години и кој, најпросто
кажано, ми го упропасти целиот живот и стандардот на моето семејство. Имено,
јас поседувам ТМВ со приколка произведено во 1993 година со кое вршев превоз
на хуманитарна стока од Скопје кон Косово, како и на магистралниот пат
Скопје - Блаце во близина на месноста Стенковец. На 10.01.2000 година таму
бев сопрен од сообраќајна полиција и преупатен на некатегоризиран пат покрај
нивите каде пропаднав во дупка со должина од 30 метри и ширина од 3 метри
исполнета со вода, а по површината смрзната и покриена со снег. Со самото
пропаѓање јас го оштетив предниот долен дел и моторот од камионот. По
добивањето на записникот за увид од МВР на 22.03.2000 година се обратив
писмено до министерството со претставка за настанатата штета. Одговор добив
двапати од МВР. Тогашниот заменик министер за внатрешни работи Звонко
Каширски се заложи оштетата за возилото да ја побарам по судски пат. Но, до
ден денес судот на најпровиден начин веројатно по нечии притисоци не успева
да изнајде правдољубиво решение иако ситуацијата е мошне чиста и јасна, а
јас за сето тоа време морав и се уште морам да ги плаќам судските и
адвокатските трошоци оставајќи го моето семејство на милост и немилост затоа
што повеќе мојата фирма "КИПРОТРАНС" не е во работна состојба и ниту еден
член на моето семејство заедно со мене не е во работен однос никаде.
Записникот за увид од МВР од 2.03.2000 година бр.238 направен од лицето Сашо
Стојковски . Кога го изминав Стенковец за околу 30 метри со возилото што го
управував удрив во дупката при што со предниот дел од возилото пропаднав во
истата и го оштетив предниот дел од ТМВ. Јас се движев по локалниот пат
бидејќи бев пренасочен од магистралниот пат од страна на патрола на ПС за
безбедност на патниот сообраќај. Увидната група изврши разговор со патролата
од ПС при што дојде до сознание дека сообраќајот од магистралниот пат Скопје
- Блаце е пренасочен поради застој и редукција на сообраќајот. Според
Министерството за трансопрт и врски од 07.02.2001 година јасно се вели дека
"Патот на лице место СЕГА е тампониран и поминува низ нивите и истиот
претставува некатегоризиран пат" потпишано од Гоце Станковски. Значи, веднаш
по настанот МВР прикривајќи ги трагите го тампонира патот за да не се
забележи ударната дупка од 30 метри должина. Тоа го констатира комисијата на
Министерството за транспорт и врски кога дојде на местото и тоа јасно стои
во нивниот увид. Од друга страна, МВР, сектор за правни и кадровски работи
од 31.08. 2001 како одговор на мојата тужба го оспорува моето тужбено барање
во целост, по основ и висина иако нивната комисија како и комисијата на
Министерството за транспорт и врски го потврдуваат настанот документирано од
кое јасно се гледа кој ја сноси вината. МВР во одговорот на тужбата вели "тужителот
не бил единствен возач кој со своето ТМВ бил пренасочен да вози по локалниот
пат Скопје - Блаце. Со тоа Министерството признава дека ги прекршило
сообраќајните правила упатувајќи и други возачи кон критичното место знаејќи
притоа дека таму има смрзната дупка. Тие велат дека не сум ја прилагодил
брзината кон условите на патот. Се поставува прашањето како може шлепер со
должина од 18 метри и бруто товар од 33 тони да развие брзина на само 30
метри должина по патот. Увидот од тахографската лента јасно покажува дека
брзината не е пречекорена со што се демантира тврдењето на МВР. Целта на
моето обраќање до Вас е да се забрза процедурата на судската разврска на
случајот која оди во недоглед. Јас денес живеам или подобро речено
преживувам со проблемите од пред 3,5 години доведувајќи се во ситуација да
не можам да ги задоволам основните животни потреби. Штетата на ТМВ е
неколкукратно повисока од онаа што вештакот ја процени на 14.875 денари.
Какво лицемерие! Вештакот Кољо Краљевски, дипломиран машински инженер при
самото вештачење на ТМВ покажа непрофесионално познавање на самите делови
кои беа оштетени. Оставам на надлежните да имаат разбирање за мојата
ситуација и да покажат дека правната држава сепак постои и функционира иако
не верувам во тоа.
|