али Визентал би доживеал толкава
длабока старост ако покрај нацистичките би ги гонел и кому- нистичките
злосторници?
Убиството во име на идеологијата е убиство без оглед на идеологијата. Тие
ограничени суштества тешко можеле да сфатат дека идеологијата секогаш умира
пред човекот.
Теророт на сопствениот народ не бил нужност, туку штетност. Не толку
сигнал за тревога колку отров.
Должни сме да имаме обзир спрема живите, а на мртвите им ја должиме само
вистината. Трагањето по вистината е свесна дожност на секој поединец. Не ни
требаат повеќе победници туку само вистината. Се уште се надевам дека таа
еднаш ќе се наврати по своето. Колку повеќе го сакам својот род толку повеќе
сум му должен во трагањето по вистината. Немало време што да се плаши толку
од вистината, како ова - нашево. Тешко може да се свати времето кога лагата
била крената на пиедесталот на вистината.
Но тоа е сосема јасно: она што го немате во умот го немате ни на јазикот,
она што го немате на јазикот не можете ни да го разберете, а во тоа што не
можете ни да го разберете, не можете ни да поверувате.
Смртта не е страшна. Смртта е мир, смртта е покој. Но кога таа иде
ненавреме, кога Македонците истргале од редиците на Македонците млади луѓе,
тогаш таа причинува јад и болка. Тој јад и болка се чувствуваат еднакво
длабоко кај сите вистински Македонци, достојни синови на оваа земја. Никогаш
нема да се заборави овој суров максиум на човековата неправда.
Онавремените идеолошки фанатици по болно отрезнување се потешко го носат
бремето на каење и грижата на совеста. Зборовите се голтаат, стојат тука
некаде во грлото. Прашање е на момент кога ќе почнат да навираат. Точно е
единствено дека тие не ослободија и лишија од многу нешта, одбранувајќи не
од се што вредеше.
Имам обичај да не бирам многу аргументи, да зборувам емотивно, бидејќи
аргументите се во мене, аргументите се целиот мој живот.
Потоп од факти, а ни поштук од вистината. Тишината го почитуваше
тоталитетот на вистината. Бегаа од паметењето. Бегаа од вистината. Ја
прокрчмија најподлата лага евтино како вистина.
Луѓето молчат кога не можат да зборуваат, а зборуваат кога не можат да
молчат. Затворањето е секогаш знак на слабост, а не на снага. Човек што е
отворен е експанзивен, креативен, а човек што е затворен делува како некој
што капитулирал. Во мене има нешто неранливо, нешто што човек не може да го
закопа, нешто што ги разгранува карпите. Тоа е мојата волја. Таа чекори
молкума и не се менува со текот на годините. Го сакам сето она што зборува
чесно и гледа отворено.
По добиените информации дека тој доста знае, појдов кај него - Јордан
Марчески - Таљанот, мојот драг шаховски учител. Беше болен, стар, в постела.
Секогаш ми било право задоволство да разговарам со овој мудар човек. И тој
беше страдалник во она лудо време. Неколку години одлежа на Голи Оток.
Според писанието на Александар Ранковиќ, од октомври 1944 година до мај 1951
година низ затворите и мачилиштата поминале - не, не ја спомнувам таа цифра,
за неверување - огромен број, стотици илјади. Секој трет – малолетен, а
секој втор наполно невин дури и по настраните комунистички мерила.
Разговорот го започнавме за повеќепартискиот систем кој веќе се наѕираше.
"Деца ве лажат, ве лажат да ги раширите крилата за да ви земат мера на
кафезот. Оваа багра така лесно нема да си оди. Не верувам дека во оваа земја
каде не тероризираа со едноумие, сега оддеднаш да биде плурализам."
Прехрабро речено од устата на досега исплашениот голооточанин. Но тој си
дојде на себе кога го прашав нешто повеќе за Голи Оток, а уште повеќе се
затвори кога оддеднаш го прашав за онаа в катанчена вистина - за
ликвидирањето на мојот татко. Многу малку прозбори: ... да..да..Трајан,
Трајан. Го знаеш ли она: твоето светло е моја темница, моето светло е твоја
темница? Не, неразбирам - велам. Ете гледаш, вие младите ништо не разбирате.
Јас сето тоа убаво го разбрав, но сакав нешто повеќе да извлечам.
"Убиецот редовно одеше во старата црква во Прилеп. Тој знаеше дека Господ
не ја сака смртта на грешникот, но сака грешникот да се поправи. Тие се
плашат од смртта зошто им е страв да не настрадаат отаде гробот. Можеби
верата му беше средство да го сокрие сомневањето. Но Бог гледаше, па и
човекот. Тој бог мораше да умре. Човекот не можеше да поднесе да живее еден
таков сигурен сведок. Затоа комунистите извршија пустош на црквите,
манастирите со нивните имоти и се што е свето. Ако сакаш да убиеш еден народ
тогаш убиј му го неговото најдлабоко паметење, убиј му ја црквата. Тој -
убиецот на своето Зевс - овско лице стави Прометејска маска. Тие безр'бетни
човекови сенки прифаќајќи го џелатскиот занает неможеа лесно да се вратат
меѓу луѓето се додека маглата не се крене од нивната заматена свест. Никој
освем нас не знае колку нашите големи луѓе биле мали. Основниот закон на
комунистичкиот свет Бог го заменува со диктатори, правдата со своите желби,
човековите права со бестијални декрети и синџири, покрај вечитиот ѕвекот на
вечен страв и бескраен терор. Безбожниот комунизам мора да замине таму каде
што се сите божји противници - во пеколот. А што е најголемо? Верата!
Народните маси вистински дишат низ верата, низ неразбирливиот, но силен
фанатизам.
Ако на човек му е потребен непријател тој секогаш се создава вештачки.
Еднопартискиот политички систем не може без свои непријатели и политички
процеси. Услов без кого тој не може да опстане е прогон на политичките
опоненти и неистомисленици. Тоа е таков модел на власт кој произведува
непријатели, мислејќи да ги елиминира. Се уште никој не се превоспитал во
затвор, ниту го променил своето мислење. Сите од затвор излегуваат уште
поуверени за она за што седнале на обвинителната клупа.
Комунистите биле немилосрдни кон комунистите. Тие сигурно толку долго не
би останале на власт ако не се служел со сите расположливи, а особено
недозволени средства. Немаа обичај својот народ да го испуштат од раце па
често, превентивно и воспитно го пропуштаат низ раце, од страв да не се
предомисли и да се отргне од нивната другарска прегратка.
А зошто овие години претера со својот молк - чичко Орде? Зарем им го
прости на другите она што сам себеси никогаш не би си простил. Вистината
постои. Може само лага да се измислува.
Некако одеднаш ми ја промени темата за дискусија: револуција, Ленин,
Русија.
"Чичко Орде, Ленин не бил нормален човек. На нормален човек не може да му
падне на памет да наметнува со диктаторски методи еден вид еднаквост што е
можна само во логор. Еднаквоста не значи изедначување на се со нулата.
Комунизмот не е повеќе неизлечлива болест. Никој за тоа нема повеќе интерес.
Луѓето повеќе не сакаат да хранат диносаурус, а тој не е на доволен
еволутивен степен за да може сам да се прехрани".
"Овој изворен комунизам почива врз ќотек, грабеж, присилби. Да ги мачел
комунистите стариот режим онака како што комунистите ги мачеа своите другари
- комунисти, редовите на комунистите добро би се проретчиле" - коментираше
Орде.
"Системот на тортура и злосторство над затворениците по логорите и
затворите, кој досегашната историја на цивилизираното општество не познава,
не произлегува од волјата на поединците, но од определбата на раководните
структури во борбата за зачувување на личната власт без обѕир на жртвите со
кој тоа било нужно да се плати.
Во комунизмот овој народ го извлече подебелиот крај, но од јунаштвото на
овој народ најдобро живеат неговите гробари. Го отфрлија Сталин, но не го
отфрлија сталинизмот како метод на живот".
Чичко Орде - љубовта на сила е силување, а комунизмот на сила е
сталинизам. Лениновата власт не чинеше ништо помалку човечки животи од
Хитлеровата диктатура. Но зошто не извлекоа поука дека не се убиваат своите
деца затоа што поулавел соседот.
Човековата природа е способна за најголеми дела и за најокрутни ѕверства.
Секој човек носи во себе зло. Содржината на моралната борба е на тоа зло да
се спротивставиме.
Што историјата ќе посведочи за Голи Оток? Дали воопшто барем само ќе ги
забележи имињата на оние кои одредиле и организирале помор на човековите
мисли и чувства, легализирајќи ја и смртта и унакажување на толку невини
души.
А денес? Денес ги истопориле нивните фаци по парковите и булеварите и им
ги дале нивните имиња на улиците за да се уште ни пркосат и ни се подбиваат
продолжувајќи да прават мајмуни од нас. Таквите места со нив ќе влезат во
историјата како искариотски места (Искариот - негде во Јудеја) - места на
убијци и предавници. Ќе дојде време кога и нивните фамилии ќе ги променат
своите презимиња поради нивните непријатни и срамни асоцијации. И Градот -
Херој во исто време ќе биде и искариотски град.
Тоа беше последно наше видување и наш последен разговор.