Оваа самостојна изложба на Милошески е трета по ред, а учествувал и на
осум групни изложби. Тој дипломирал на ФЛУ на педагошкиот оддел сликарска
насока во класата на професор Рубенс Корубин, додека во 2002 година завршил
и постдипломски студии на сликарскиот оддел на истиот Факултет во класата на
професорот Родољуб Анастасов.
ИДЕЈА
Изложбата "Од семејството" се надоврзува на она дело кое беше насловено "Мутации"
пред година дена која моментално се наоѓа во Белград и треба да патува во
повеќе европски земји.
Идејата за оваа изложба, па и претходната, е многу јасна, вели
уметникот Милошески. Опфаќа повеќе проблеми, на пример генетички. Ние
секогаш се стремиме да бидеме убави, меѓутоа некогаш за да бидеме преубави
знаеме и да се упропастиме. Знаеме да легнеме на хируршки стол и да
дозволиме не по нивна желба, туку по наша желба да направат некои
интервенции кои би не нагрдиле. Колку е тоа иронично или не, времето ќе
покаже, но сметам дека носи една порака за целата таа ситуација во која се
наоѓаме. Инаку, мирисот на кој најмалку размислуваме не потсеќа на тоа како
другите смрдат, а не размислуваме како нас не чувствуваат другите. Негативни
реакции за изложбата не сум слушнал, а позитивните може да се слушнат, но
можеби се дадени од куртоазија.
Генетичарот
За да бидеме преубави знаеме и да се упропастиме
Оваа изложба по претставувањето во Скопје, можеби ќе биде изложена и во
некој друг македонски град, а и надвор од земјава.
Во претходната изложба "Мутации" за разлика во оваа каде што се
претставени луѓето, централна фигура е бикот.
Бикот во "Мутации" е претставен во природна големина, но можеби и ја
надминува, додава уметникот Милошески. Кога би имало таков бик во
природна големина би биле задоволни оние коишто произведуваат, односно оние
кои го бараат нивното месо. Но, мене ми е потребно да е голем од друга
гледна точка. Тој симболизира силина, има поинаква енергија. Многу малку
знаеме за тие легенди каде се спомнува бикот, но мене ме интересираше она
што е најблиску, она што го опкружува бикот, односно она нас што не
опкружува - нечистотијата?!
За да создаде една ваква изложба, на авторот Милошески му е потребна
најмалку една година. Претходно е потребна многу поголема работа и
размислување отколку да се дојде до реализација.
Кога ќе се дојде до реализација се наидува на еден проблем, собирање
материјал, седнување и работење, вели уметникот Милошески. Мислам
дека друго треба да не интересира. Појдовната точка и што сакаме да кажеме.
КЛОНИРАЊЕ
За изложбата на Љубомир Милошески, Конча Пиркоска дава свој критички
осврт во кој вели дека "Од семејството" претставува резултат на негово
неколкугодишно истражување на влијанијата и на последиците од
постиндустриската и од биотехнолошката ера врз телесната структура на живиот
свет.
Ироничниот дискурс на телото го исчитуваме токму преку користењето на
рециклираниот неконвенционален природен материјал (свинска кожа и нејзиниот
дериват - сапунот) и преку презентација на телесната дегенерација, вели
Пиркоска. Оваа инсталација не реферира само на фрагмените од митолошката
традиција, туку и на современата естетска хирургија, на последиците од
експериментите на генетскиот инженеринг, на родовиот расистички однос на
човекот кон животните, но и на клонираниот совршен двојник како најстар сон
во историјата на човекот. Мутираниот "митолошки" бик е огледална
слика на хомо дуплексот, на морално мутираниот човек во кој се препознава
неговата анимална авто)деструктивна природа. Со заокружувањето на целината
на концептот за мутантите, авторот не иронизира само со здруженија на
животните, туку по аналогија и со здруженијата за заштита на луѓето.
"Клонирањето" на седумте човечки суштества Милошески ги гради врз
принциопот на една полова матрица. Бројката седум алудира и на ерата на
биотхенолатријата и укинувањето на творбата на Бога. Шесте клонирани
суштества ги предводи седмиот - мутираниот лидер со свинска глава кој
реферира на творецот на групата - генетичарот. Авторот не само што иронозира,
туку и протестира против страотното клеточно расадување и умножување, против
идната индустрија и трговија со човечки битија.