Одложено судењето против избеганиот Бојку

Новиот судски процес за посредување во вршење проституција против Дилавер Бојку - Леку закажан за минатиот петок беше одложен, бидејќи обвинетиот Бојку се уште е во бегство. Новото судење ќе биде презакажано за првата половина на јули. Доколку Леку се врател да издржува притвор во охридскиот затвор, ќе бил суден за другите дела.

"Лавови" притворени поради фалсификување

Четворица припадници на трансформираната полициска единица "Лавови" неодамна биле уапсени под сомнение дека фалсификувале дипломи за завршено средно образование, а приведени биле уште две лица кои се товарат дека помогнале во фалсификувањето на документите.

Пратениците ја надмудрија техниката

Пратениците во Собранието во иднина ќе се соочат со санкции ако продолжат да го користат двојното гласање на пленарните седници. Оваа појава спикерот Никола Поповски ја констатираше на 24-та седница кога некои пратеници гласаа во името на нивните колеги кои воопшто не присуствувале на седницата.

Не сме "најнеписмени"

Не се релевантни и не треба да се земат "здраво за готово" резултатите од истражувањето на УНЕСКО и на организацијата за развој и соработка со Европа дека учениците на 15-годишна возраст во земјава се меѓу најнеписмените, тврди Зоран Поповски, државен секретар во Министерството за образование, уверен дека нешто длабоко не е во ред со начинот на тестирање.

Во анализата на 43 земји во светот нашите 15-годишни ученици се на 40-то место поради проблеми со читањето и математиката.

Продолжува растечкиот тренд на невработеност

Според Заводот за вработување, за пет години се зголемил бројот на невработени за 100.000. Само од јануари до мај годинава во Заводот за вработување се пријавиле 30.518 нови невработени. Се уште се незначителни ефектите од Законот за поттикнување на вработувањето со кој нашле работа 906 лица. Најголем процент од невработените, или 35,5 отсто од вкупната бројка, се на возраст од 30 години.

Жетвата ќе доцни

Поради дождовите што неодамна ја зафатија земјава, жетвата ќе доцни десетина дена, а приносот ќе биде за 50 отсто понизок од просечното. Земјоделците не знаат кому ќе му ја продадат пченицата по заштитна цена од 10 денари за килограм, бидејќи мелничарите купуваат увозна за 8 денари.

Корумпиран професор на битолскиот Универзитет

Кон крајот на оваа недела Државниот инспекторат при Министерството за образование и наука ќеја испита работата на еден професор на битолскиот Универзитет за кого се верува дека примал мито. Професорот чие име не се споменува бил посочен во најголем број случаи на отворениот телефон во Канцеларијата за врски со студентите што Министерството неодамна ја отвори.

Во Свети Николе зголемен бројот на карциноми

Жителите на Свети Николе се сериозно вознемирени од евидентното проширување на карциномот. Најчести се малигните заболувања на градите, белите дробови, црниот дроб, хранопроводот и на дебелото црево, велат лекарите. Болеста зафати многу лица и однесе повеќе животи.

Центар за исхрана со детско советувалиште

Републичкиот завод за здравствена заштита на втори овој месец ја презентираше својата веб страница: www.rzzz.org.mk. Истовремено беше промовиран и Центарот за исхрана со детско советувалиште лоциран на првиот кат од зградата на Министерството за здравство. Центарот ќе работи секој ден со вообичаеното работно време.

Шумската полиција е немоќна

Дрвокрадството во Прилеп последниве години зема навистина загрижувачки размери. Добар дел од шумите во околината на градот, посебно кај вештачкото езеро, месноста Шаторов Камен, Дервен и Тројачката Котлина се тотално уништени, а ништо не е подобра ни сотојбата со околните шуми во повеќе мариовски села како и на Црнилиште.

Шумската полиција е немоќна, додека минатата година поднела прекршочни пријави против 516 лица.

Сахарски температури во Македонија

Според синоптичарите, Грција оваа недела ќе биде зафатена од топлотен бран кој ќе предизвика температура над 42 Целзиусови степени, а последици од сахарските температури ќе се почувствуваат и во Република Македонија.

"Скрб и утеха" во Маврово

На 5-ти јули во рамките на манифестацијата "Денови на Александар Македонски" и чествување100 години Илинден, театарот "Скрб и утеха" гостува на "Мавровско лето". Претставата "Леб и игри" во режија на Тихомир Стојановски ќе се изведе пред ски-школата во село Маврово во 21 часот.

Следните гостувања на театарот "Скрб и утеха" со оваа претстава се планираат во селата Ростуше, Жировница и античкиот театар во Охрид.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"