оспоѓа Марика Поповска од Скопје,
за првпат во својот живот доживеа правдата да биде на нејзина страна,
односно да добие сопствен дом. Меѓутоа, нејзината среќа не траеше долго.
Претставниците на актуелната владејачка гарнитура го поништија Конкурсот за
социјални станови и оваа госпоѓа остана без покрив над главата. Госпоѓа
Поповска со своето семејство, сопругот и двете ќерки, осумнаесет години
живее под крија. Единствениот приход во семејството го обезбедува таа со
своите скромни примања, бидејќи нејзиниот сопруг, по осумнаесет години
работа е оставен на "улица".
Нашиот живот под кирија започна во населбата "Ѓорче Петров 2", а во
моментов под кирија живееме во населбата Радишани. Моите ќерки се родени и
израснати под кирија. Во моментов сме без адреса, зашто како потстанари не
можеме да имаме секаде адреса. Тоа што ни се случуваше мене и на мојот
сопруг, го оставивме во наследство на нашите деца. Со овој проблем се
судривме кога требаше да вадиме лична карта за ќерката, затоа што таа нема
адреса, нема потекло, вели госпоѓата Поповска.
Нашата соговорничка плаќа кирија во износ од 4.000 денари. Тоа е всушност
половина од нејзината плата, а остатокот & е предвиден за комуналните сметки.
За храна и за преостанатите трошоци заработува на чесен начин, како што знае
и умее. Во животот многу & помагаат роднините и нејзината директорка која
секогаш излегува во пресрет на нејзините барања.
ШОК
Госпоѓа Поповска, како и преостанатите луѓе од оваа категорија,
конкурирала на огласот за станови. Оваа госпоѓа потенцира дека становите ги
добиле со помош на претставниците од Општината Чаир, кои како што вели таа,
не можеле повеќе да ги гледаат како секоја втора година се селат, како
тропаат на општинските врати и прашуваат што ќе се случи со нив. Овие луѓе
постојано им укажувале на вработените во Општината, дека црвената линија на
социјалци е многу тенка.
Мојот сопруг тогаш работеше, но полека се кинеше црвената линија и
дојдовме во ситуација фирмата на сопругот да престане да работи. Останавме
само со мојата плата и веќе немаше каде. Конкуриравме на огласот и верувајте
немавме никаква надеж дека ќе добиеме стан. Добивањето на станот за нас беше
вистински шок. Првпат ни се случи да плачеме од радост. Единствено само
скептик беше малата ќерка која рече: "Луѓе, ај да не се радуваме, нам убави
работи не ни се случуваат". Ја убедувавме да не биде скептик. Но, помина
некое време и од медиумите дознавме дека господинот Правобранител изјавува
оти ќе се прави ревизија на Конкурсот за станови, вели госпоѓа Поповска.
Во почетокот, како што објаснува нашата соговорничка, постојано оделе кај
Правобранителот кој им ветувал дека нема да се поништи Конкурсот, и дека
токму тој се залагал за ревизија затоа што имало неправилности при
распределбата.
Ние, додава госпоѓа Поповска, постојано контактиравме со
Правобранителот, а како што почесто се сретнувавме, така тој ги менуваше
своите изјави, за да каже дека веќе не станува збор за нерегуларност при
распределбата, туку за нерегуларност при самата постапка на огласување. На
моето прашање дали ние сме виновни за тоа, тој велеше: "Па мора некој тоа да
го сноси како последица". На прашањето зошто тоа да биде обичниот
граѓанин, немаше одговор. Како што поминуваше времето, тој веќе не беше
Правобранител во вистинска смисла на зборот. Имаше непријатен однос кон нас
и на крај рече: "Ќе се видиме на суд".
На 26 декември минатата година во "Службен весник на РМ" беше објавено
дека се поништува Конкурсот за станови. Луѓето од оваа категорија формираа
Координативно тело и поведоа иницијатива да се преиспита одлуката на Владата.
Тие тогаш се сретнале со премиерот Црвенковски кој им велел дека нема да
страдаат граѓаните, туку тој што е одговорен за настанатиот проблем. Но,
оттогаш поминаа шест месеци, а претставниците на Владата се уште молчат.
Не знам што понатаму, затоа што шест месеци се молчи и ако се донесе
некој акт, тој се носи на штета на граѓаните. Јас не почувствував дека во
овие шест месеци се донесе некоја одлука или решение во корист на граѓаните.
Владата, министерствата, постојат за граѓанинот не да го оштетат, туку да го
најдат здравиот начин да му помогнат. Не видов дека претставниците на власта
имаат таква намера. Тоа го покажа самата собраниска Комисија и играта на
господинот Борис Кондарко. Тоа беше една одвратна перфидна игра, шест часа
малтретирање на членовите на Комисијата и неверојатен притисок за на
крајот заклучокот да биде дека се одбива оваа граѓанска иницијатива. Сега
кажете ми каде? Како да верувам во правната служба. Се што ние како
Координативно тело правиме е стигнато до ушите на Премиерот, но ние не
напаѓаме, ние ја бараме правдата, коментира госпоѓа Поповска.
ХАОС
Нашата соговорничка, дообјаснува дека нејзиниот сопруг две години бил
инвалид, имал проблеми со 'рбетниот столб, а сега се наоѓа во депресивна
состојба затоа што не може да & помогне. Госпоѓа Поповска не се откажува од
она што го добила, затоа што, како што и самата вели, ги исполнила сите
критериуми за да го добие станот. Таа му порачува на министерот за внатрешни
работи, Хари Костов, и на премиерот Бранко Црвенковски дека ако треба и со
животот ќе го брани она што го има, зашто првпат во нејзиниот живот има
решение за стан со адреса, а тоа е улицата "Босна и Херцеговина". Таа сака
еднаш засекогаш да го реши нејзиниот статус и статусот на нејзините деца,
односно тие да имаат адреса, да не се срамат во училиштето и да не одбиваат
да ја кажат.
Ќе го бранам она што е мое. Јас од државава и од Министерството за
транспорт и врски имам решение и печат и по тој критерум сум го добила
станот. Работава дојдена е "нож до коска". Моите деца имаат право на живот
во оваа држава. Ако треба, еднаш засекогаш ќе ги затворам очите, но да знам
дека моите деца сум ги оставила каде што треба. Не ме интересира и не
признавам ниту една политичка игра, признавам само граѓанско право и право
на живеење, вели госпоѓа Поповска.
Станот кој таа го добила, а кој се наоѓа во населбата Бутел, Општина
Чаир, во моментов не се гради, затоа што, според информациите кои кружат во
јавноста, наводно немало пари. Но, средствата, како што објаснува госпоѓа
Поповска, им биле доделени на претпријатијата кои требало да ги градат и
дека во прашање е некаква игра.
Во осумнаесетгодишното живеење под кирија сме се селеле тринаесет пати.
Со сопругот се трудиме да создадеме слика за еден дом. Се трудиме да им
објасниме на нашите деца дека не е се лошо, дека ќе биде добро, да не тргнат
по лош пат, да немаат проблем со криминал, со дрога. Тоа е слика на
едно нормално семејство кое осумнаесет години се обидува да остане такво во
овој хаос. Кога првпат добивме дом, го изгубив правото на
сопственост. Не знам дали очекува господинот Црвенковски дека ние нема да се
вселиме во становите. Мисли ли дека со оружје ќе ги брани? Моите деца се
одлични ученички. Значи, ако сака господинот Црвенковски здрави дечиња во
оваа држава, ќе ми го остави станот, зашто моето дете е жител на оваа
држава. Моите ќерки ми велат да се откажам, но не се откажувам, туку им
велам: "Јас ве имам вас, се борам за вас, зашто осумнаесет години ве шетам
низ државата, првпат имате сопствен дом и адеса", вели госпоѓа Поповска.
Уставниот и Врховниот суд се оградија. И овојпат, како што објаснува
нашата соговорничка, не владееше правото. И додека тие ја префрлаат топката
од една на друга страна, овие луѓе талкаат и тропаат од врата на врата.
Ако Премиерот бара помош од меѓународната заедница за секој проблем,
тогаш и ние ќе го искористиме демократското право како граѓани да побараме
помош од оваа заедница. Ако меѓународниот фактор е фактор во оваа држава, не
очекувам во државата да ни функционира правото, потенцира госпоѓа
Поповска.
Нашата соговорничка коментира дека ниту еден човек од оваа категорија
граѓани на кои Владата им ги одзеде становите, нема решение дека станот му е
одземен. Госпоѓа Поповска вели дека инсистирале да се направи ревизија на
Конкурсот и оние кои си ги заслужиле да си ги добијат становите. Владата
најавува нов Конкурс, но сите овие луѓе нема да конкурираат на него.
Ќе се појават луѓе со исти адреси. Ако мојот документ е валиден со печат
и потпис, може да се појави и друг документ со печат и потпис. Што ќе
правиме тогаш? Ќе се случат многу лоши работи. Станува збор за граѓани кои
се тешко болни. Одговорноста ќе ја има Владата. Меѓународниот суд ни е
последната сламка, иако не очекувам многу, затоа што противник ни е Владата
која ја изгласавме. Не сум оптимист, играта е политичка. Само едно ќе го
прашам господинот Црвенковски - со кого си игра, со обичниот граѓанин? Ние
воопшто не сме му виновни. Му испративме две писма. Последното е пред месец
дена. Му се даде рок од десет дена. Тој не сака ниту да не види. Дали ме
познава господинот Премиер, дали знае како се снаоѓам во државава? Зошто не
не повика да не види? Зошто не прашал како е дваесет години да си домаќинка,
а да немаш дом? Зашто цел живот си жртва на правда, а сега првпат правдата
ми е задоволена и ускратена, коментира госпоѓа Поповска.