ЕКОНОМИЈА

Електростопанство отпушти 1.100 вработени - протест пред Дирекцијата и пред Владата

ЛУЃЕТО ОД "ЦРНАТА ЛИСТА" ОСТАНАА БЕЗ ЛЕБ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Според оние што се најдоа на листите за прекубројните, овие отпуштања се партиски обоени, бидејќи на удар се најдоа сите оние што се вработени во изминативе четири години, со што и се оквалификувани како партиски вработувања.
  • Народниот правобранител укажал дека ако се утврдат неправилности при прогласувањето на технолошки вишок во ЕСМ, тој ќе застане зад правата на работниците на кои им престанал работниот однос по оваа основа.
  • Доколку е направена грешка при бодирањето или, пак, техничка грешка, тогаш таа ќе биде исправена, вели портпаролот на ЕСМ, Сашо Новевски според кого отпуштањата се оправдани.

Минатата недела беше кобна за повеќе од 1.000 вработени од ЕСМ кои се најдоа на листата на отпуштени работници.

Вистината оди во два контрадикторни правца. Според првиот, отпуштени се само претежно неквалификувани и несоодветни кадри, во согласност со економските и други структурни промени кои се спроведуваат во соработка со Владата и утврдената агенда, а на што се придржува менаџментот на компанијата. Оние што се најдоа на списоците пак обвинуваат дека околу 30 отсто од отпуштените лица се со високо образование, а на нивно место сега се вработени лица без соодветни квалификации. Која и да е вистината, сепак едно е сигурно, околу 1.000 семејства останаа без егзистенција за живот. Ни криви ни должни отпуштените од ЕСМ ги снајде еврејската клетва "да имаш, па да немаш". Отпуштените работници остварија средба со генералниот директор на ЕСМ, Панде Лазаров, кој не им излезе во пресрет на барањето да се повлече одлуката за отпуштањата, по што тие побараа средба и со премиерот Бранко Црвенковски, продолжувајќи со протест пред Владата на РМ.

Вработените прогласени за технолошки вишок незадоволни од средбата со генералниот директор, Панде Лазаров

На сето ова се огласи и Народниот правобранител кој од раководството на ЕСМ побара да изготви извештај за бројот на нововработените лица во периодот од изминатите седум месеци. Од "Електростопанство" било побарано во извештајот да биде наведено по која основа се извршени вработувањата, квалификационата структура, работните места на кои се вработени нови работници и нивната национална припадност. Народниот правобранител укажал дека ако се утврдат неправилности при прогласувањето на технолошки вишок во ЕСМ, тој ќе застане зад правата на работниците на кои им престанал работниот однос по оваа основа.

БАРАЊЕ

Група од 20 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и ЛПМ врз основа на член 63 став 2 од Деловникот на Собранието на РМ побараа итна седница на Собранието на РМ со единствена точка на дневен ред: "Отпуштањата во ЈП Електростопанство на Македонија". Во образложението се потенцира дека отпуштањата се исклучиво врз основа на времето на нивното вработување, односно повеќе од 95 отсто од тие што се на списокот се примени во периодот од 1 јануари 1999 па наваму. Според нив со тоа се прави селективен пристап и со пристрасно бодирање се прават повреди на законите. Тие сметаат дека во отпуштањата има партиски реваншизам. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и во ЛПМ потенцираат дека отпуштените во ЕСМ во најголем дел се социјални случаи, самохрани мајки, роднини на загинатите бранители, најдобри студенти на генерацијата, регрути на отслужување на воениот рок и слично. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, и координаторот на пратеничката група на ЛПМ, Стојан Андов, до претседателот на Собранието на РМ доставија и информација за состојбите во ЕСМ и според нив селективната примена на правото во процесот на реформите со отпуштањата на вработени, со молба за што поскоро свикување на седницата.

ДЕМАНТИ

Раководството на ЕСМ ги демантираше обвинувањата на отпуштените работници дека во текот на изминатите седум месеци има вработено околу 600 нови лица. Според Сашо Новевски, портпаролот на ЕСМ, има нови вработувања, но не се 600, туку многу помалку.

За седум месеци има само две нови вработувања, на местата вршител на должност помошник-директор на информатичка технологија во "Електродистрибуција Скопје" и в.д. директор на подружницата на "Електродистрибуција Кочани", потенцираше Новевски.

Отпуштените работници протестираа и пред Владата

Тој појаснува дека во Куманово, Тетово, Гостивар и во Дебар, пак, биле ангажирани нови работници со договор на дело, но нивниот број е само 24.

Тие работеа како инкасатори заради подобрување на неплаќањето на сметките за струја, бидејќи во овие региони ние се соочувамесо големи проблеми, коментираше портпаролот на ЕСМ.

Новески вели дека при бодирањето на работниците кои се нашле на списоците за отпуштање од работа можно е да се напревени грешки за кои избрканите ќе може да поднесат приговори до Управниот одбор на ЕСМ, како второстепен орган.

Портпаролот на ЕСМ потенцира дека бркањето на работниците е со поддршка од Владата на Македонија, ресорните министерства и од УО на фирмата, а тоа е предвидено и со програмата на ММФ и на Светската банка.

Во првата фаза бројот на вработените треба да се намали за 1.100 лица. На списокот сега се 1.035 работници, 23 доброволно ги раскинаа договорите за работа, а триесетина треба да заминат во пензија, вели гласноговорникот на ЕСМ.

ПРОТЕСТИ

Над 200 вработени во ЕСМ што се најдоа на листата за отпуштање од работа по објавувањето на листите го блокираа влезот во Дирекцијата на Претпријатието, изразувајќи го на тој начин незадоволството од објавените листи со над 1.000 лица на кои треба да им престане работниот однос. Истовремено, мирни протести се одржаа и во круговите на термоцентралите "Битола" и "Осломеј". Вработените прогласени за прекубројни ги повикаа пратениците во Собранието и Народниот правобранител да застанат во одбрана на нивните интереси, а на премиерот Бранко Црвенковски му упатија прашање што е со неговите предизборни ветувања дека барем по еден член на семејство во земјава ќе биде вработен.

Тие обвинуваат дека додека тие се отпуштаат, има нови вработувања и склучување на договори за дело. Истовремено велат дека во извештајот од консултантот во реструктуирањето на ЕСМ, Мајнел банк, изготвен лани, стоело дека нема вишок вработени во Компанијата. Направеното бодирање, според нив, било само про форма, бидејќи не се водела никаква грижа за квалитетот на работникот, ниту за неговиот статус. Тие, исто така, посочуваат дека меѓу вишокот има и инженери, па дури и првенци во генерацијата, потоа самохрани мајки, лица од семејства кои се социјални случаи и слично. Оттаму, тие сметаат дека и нивниот Синдикат соработува со менаџментот и затоа го повикаа претседателот на ССМ, Ванчо Муратовски, кој само прокламативно кажува дека е против отпуштања од работа, да застане во заштита на нивните интереси.

СИНДИКАТ

Самостојниот синдикат на ЕСМ, инаку стои зад направените листи и, според претседателот Роберт Симоновски, извршеното бодирање било во согласност со Колективниот договор и Законот за работни односи. Тој ги оцени отпуштањата како неминовност, посочувајќи дека до 1998 година била спроведувана рационализација со која со одвојување на несуштински дејности и предвремено пензионирање, бројот на вработени се намалил за 1.000 лица и се дошло до оптимална бројка од 7.900 вработени. Потоа почнал процесот на нови вработувања при што во 1998 година биле новопримени 211 лица, следната година - 50, годината потоа - 301, а лани во изборната година дури 979 лица. Тој тврди дека направеното бодирање било контролирано од синдикалните претставници во подружниците, за да нема злоупотреби и дека од доаѓањето на новиот менаџмент немало нови вработувања, ниту пак договори за дело.

Менаџментот на компанијата протестите ги оквалификува како непримерен притисок и смета дека доколку имало пропусти, тие ќе бидат исправени со приговорите и жалбите на кои отпуштените имаат право.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"