Најкорумпирани професори во државава се оние од Економскиот факултет во
Прилеп, Правниот и Педагошкиот факултет во Скопје, како и Факултетот за
туризам во Охрид, а најмал степен на корумпираност е евидентиран на
Природно-математичкиот факултет во Скопје и техничките факултети. Неодамна
објавените истражувања на фондацијата "Сорос" за корумпираноста во нашето
високо образование предизвикаа лавина реакции претежно од страна на
посочените "најкорумпирани" професори.
Скопскиот универзитет не може да ги прифати паушалните и неаргументирани
оценки кои го рушат неговиот потврден авторитет, без разлика од кого и од
каде тие доаѓаат, изјави ректорот на Универзитетот во Скопје, Александар
Анчевски по повод извештајот за корумпираноста во високото образование.
За ректорот Анчевски резултатите од анкетата би биле поверодостојни
доколку во истражувањето биле вклучени и Универзитетот, факултетите и сите
студентски сојузи. Ставот на Анчевски е дека Универзитетот е подготвен
заедно со деканите, Сојузот на студенти, Министерството за образование и со
МВР, согласно законските акти, остро да се спротивстави на сите девијантни
појави и да ги санкционира со сите расположиви механизми.
Ние не сме корумпирани, може да стане збор само за индивидуални случаи, а
и тие треба да се докажат. Ќе преземеме мерки против корумпираноста на
професорите, но дури откако ќе имаме конкретни податоци во врска со одделни
случаи, реагираа Скопскиот и Битолскиот универзитет "Св. Кирил и Методиј"
и "Св. Климент Охридски" по објавените резултати од истражувањето на
Институтот "Отворено општество". Според истражувањето некои од факултетите
беа прозвани и етикетирани по високиот процент на мито што професорите го
бараат од студентите за полагање испит, но имаше примери и за купување
дипломи и упис на факултетите. Министерот за образование и наука, Азис
Положани, најави постапка против корумпираните професори, но и тој бара
конкретни информации за случаи на мито и поткуп. На студентите лично им се
понуди министерот за внатрешни работи, Хари Костов.
Не велам дека нема корупција на факултетите, но крајно е штетно да се
обвинат невини луѓе. Ние не може да преземеме мерки ако не знаеме кои се тие
луѓе, вели деканот на Правниот факултет, Димитар Бајалџиев.
Тој се сомнева во резултатите од истражувањето и потенцира дека како
пример биле земани само по двајца студенти од факултет, што не може да се
смета како релевантен показател за постоење на корупција на факултетите.
Деканот посочува и дека прашањата се формулирани со претпоставки, а не и со
факти. Згора на тоа, додава Бајалџиев, студентите сега веќе знаат
дека постои студентски омбудсман и може да се обратат кај него за каков било
проблем. Деканот на Педагошкиот факултет "Св. Климент Охридски" во Скопје,
Мурат Мурати, размислува да формира антикорупциска комисија на факултетот,
или пак, некоја друга форма со која би ја открил корупцијата кај нив, но
засега нема конкретни одлуки.
Не знам колку е реална анкетата. Се зборува дека и на нашиот факултет има
корупција, но немам конкретни податоци и затоа не можам да преземам мерки,
вели Мурати.
Конкретни показатели за корупција побараа и Економскиот факултет во
Прилеп и Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, кои во целост ја
отфрлија анкетата како неоснована.
Ако постои корупција, таа е дело на поединци, а не на целата институција.
Доколку студентите се обратат кај нас со конкретни имиња, подготвени сме да
дејствуваме, изјави продеканот на Економскиот факултет во Прилеп, Сашо
Атанасовски.
Анкетираните студенти, анонимно, го посочија овој факултет како еден од
најкорумпираните, заедно со оној во Охрид. Деканатот на охридскиот факултет
ја коментираше анкетата како инсинуација и обид на конкурентите да се
девалвира работењето на факултетот.
Доколку има корупција, таа треба да се аргументира и да се процесуира низ
институциите на системот, велат во Деканатот на Факултетот за туризам.
МИТО
Според направеното истражување се доаѓа до констатација дека за поголема
сума евра, диплома за завршено високо образование може да се добие и на
послужавник!
Диплома на Економскиот факултет во Прилеп може да се купи за 19.000 евра,
на Факултетот за туризам во Охрид за 15.000 евра, а упис на еден од
скопските факултети чини 6.500 евра. На Медицинскиот и на Стоматолошкиот
факултет во Скопје испит се полага за 500 - 2.500 евра, на скопскиот
Економски факултет за 300 евра, а на повисоки авторитети им се дава и по
1.000 евра. Малку поевтини се Правниот факултет каде што цената за испит е
600 евра, а на Земјоделскиот од 100 до 500 евра. За испит на Економскиот
факултет во Прилеп се плаќа поткуп од 150 до 1.500 евра, на охридските
факултети од 200 евра, па нагоре, а на Техничкиот факултет во Битола оваа
услуга се наплаќа од 200 до 600 евра. Ова го покажаа резултатите од
истражувањето за корупцијата во високото образование, со кое беа опфатени
2.010 испитаници од четириесетина факултети од Скопскиот универзитет "Св.
Кирил и Методиј" , битолскиот "Св. Климент Охридски" и Универзитетот на
Југоисточна Европа во Тетово. Истражувањето кое го промовираше Институтот "Отворено
општество" ќе биде почеток на јавни расправи, кои ќе се организираат на оваа
тема.
Голема корупција студентите забележале и кај асистентите на Правниот и на
Филолошкиот факултет во Скопје, Економскиот и Факултетот за туризам во Охрид,
каде што за најкорумпирана се смета Деканската управа. Зад него, по степен
на корумпираност на раководството на факултетите, следуваат Филозофскиот и
Земјоделскиот, а најмал степен има на Машинскиот, Технолошкиот и
Електротехничкиот факултет во Скопје.
УСЛУГИ
Истражувањето исто така укажува на "големо незнаење" на студентите.
Една третина од студентите би дале мито за побрзо да ја завршат работата,
а поголем број од нив би дале подарок или би завршиле некаква услуга ако
професорите го побараат од нив тоа. Дури 79 отсто од студентите не знаат што
е тоа студентски омбудсман, додека голем дел од нив сметаат дека треба да се
организираат кампањи за охрабрување на студентите да ги пријавуваат случаите
на корупција.
Поделено е мислењето за регуларноста на уписите на факултетите, а поголем
дел од студентите веруваат дека конкурсната комисија работи правилно.
Студентите се жалат дека професорите, во голем број случаи, побарале од нив
да купат книга како услов да положат испит, но повеќето велат дека не би
понудиле мито за каква било услуга на професорите. Секој втор од
анкетираните студенти смета дека стипендиите и студентските кредити од
Министерството за образование се добиваат на нерегуларен начин, додека близу
две третини оцениле дека не се почитуваат критериумите при распределувањето
на собите во студентските домови.
Истражувањето, според организаторите, било опструирано од професорите и
затоа е изведено надвор од факултетите. Претседателката на студентската
организација Марија Стамобилева рече дека корупцијата се спомнува само во
неформални кругови и најави донесување закон за студентско организирање.