Правило за возраста
не постои, затоа што тоа најмногу зависи од мотивацијата, амбицијата и
желбата на самата жена за активно вклучување на политичката сцена. Моето
активно вклучување во политиката започнува преку партиските органи на мојата
партија ВМРО-ДПМНЕ, всушност како и секое "впловување" во политичките води.
Во структурата на ВМРО-ДПМНЕ жените се вклучени уште многу одамна, пред се
преку Унијата на жени, но нивното учество во креирањето како на политиката
на партијата на највисоко ниво, така и во креирањето на политиката на
локално ниво, никогаш, а и сега, не е занемарливо. Токму таквата клима во
партијата ме мотивираше активно да се вклучам на политичката сцена.
МС: Која е Вашата професија и како се случи да запловите во политичките
води и на која возраст?
КОЈЗЕКЛИСКА: По занимање сум дипломиран правник со положен правосуден
испит. Од денот на моето дипломирање, па се до денот на моето вработување
како Раководител на Фондот за здравствено осигурување во Штип, во 1999
година, поминаа точно 10 години. Во тој долг временски период морав да
работам разни работи, пред се заради обезбедување на егзистенција на моето
семејство и токму постојаниот контакт со луѓето кои размислуваа така како
што размислував јас, пред се за политичката состојба во тоа време, ме
мотивираше да се вклучам, преку партиските, во политичките води. Да не
заборавиме една многу важна работа, а тоа е дека Штип од почетокот на
осамостојувањето на Република Македонија, е центар на сите најважни
политички збиднувања во Македонија, со оглед на историјата на градот и на
сите политичари кои произлегле од овој град.
МС: Дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во
светот на политиката?
КОЈЗЕКЛИСКА: Никогаш не сум се согласувала со ваквата споредбата.
Ваквата споредба е наметната токму од т.н. "посилен" пол и е страшен остаток
од патријархатот, кој за жал се уште упорно се форсира и наметнува. Сметам
дека причината е токму осознавањето на т.н. "посилен" пол за можностите и
капацитетот кој го поседува секоја жена. Сите сме свесни за фактот дека
голем број од мажите кои се во политиката, како кај нас така и во светот,
имаат одреден "ментален склоп", но со години тие се на политичката сцена
токму поради фактот што се мажи. Тие до некаде се плашат од способностите на
жената која, сакале тие да признаат или не, генарално ги држи заедно, се
грижи несебично и го брани семејството од секакви зла, каде и мажите се
составен дел. Токму таквата функција жената ја прави многу потемелна и
потолерантна во изградбата и изразувањето на своите ставови. Затоа жената
имала и ќе има успех во политиката, во најмала рака, рамноправен со мажите.
МС: Колку досега имавте проблем со фактот дека сте жена во светот на
мажите како што обично се вели за политиката?
КОЈЗЕКЛИСКА: Мојот карактер и мојата личност секогаш ми помагале
многу лесно да се вклопам во секоја средина, па и во т.н. "свет на мажите",
така што отсекогаш мажите имале проблем како тие да се однесуваат кон мене.
Голем е бројот на колегите пратеници со кои сум во постојана борба со
аргументи за определено актуелно прашање, така што бројот од 22 жени,
членови на Парламентот, сепак полека ја разбива тезата за "политиката - свет
на мажите".
МС: Дали жените - парламентарки имаат време и за своето семејство?
КОЈЗЕКЛИСКА: Жените, без оглед на кое работно место се наоѓаат, а со
тоа и парламентарките, секогаш наоѓаат време за своето семејство. Сите, без
исклучок, ја знаат важноста на семејството како основна клетка на секое
општество и сигурна сум по ниедна цена нема да дозволат нејзино
разнебитување. Најважна е, сепак, организацијата на целокупниот живот, како
семеен така и политички, односно да се најде баланс меѓу нејнеопходните и
сите други потреби, како и да се пронајде приоритетот кој во одреден момент
се бара од жената. Жените генерално имаат некое "шесто сетило" за тој
приоритет и точно знаат кога му се потребни на семејството, а кога треба
политички да бидат поактивни.
МС: Како е да се биде мајка - парламентарка?
КОЈЗЕКЛИСКА: Мајчинството е една невидлива, нераскинлива и вечна
врска меѓу мајката и децата. Тие се повеќе приврзани за мајката, можеби
затоа што таа некако најмногу е до нив од првите моменти на нивниот живот,
па низ сите настани кои подоцна им се случуваат. Моите обврски, во најголем
број случаи и кога тоа ми го дозволува професионалниот ангажман, ги
синхронизирам со потребите на моето семејство. Со оглед дека сум мајка на
две деца - синот Зоран (16 години) кој заврши прва година средно училиште и
ќерката Анастасија која има 7 години и заврши прво одделение - доволно
зборува за моето ангажирање во нивното воспитување и правилно насочување.
МС: Жената пред се е предодредена да биде мајка. Дали тоа, според Вас,
претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?
КОЈЗЕКЛИСКА: Точно е тоа дека жената во минатите векови била
преодредена само да биде добра мајка и добра жена и тука завршува секое
нејзино експонирање. Но, во историјата, исто така има и многу случаи на
поединечни животни судбини на жените кога сакале да отскокнат од тогашното
клише на општествениот живот заради остварување на одредена позитивна цел.
Без поддршка на целото семејство, како потесно, така и пошироко, а свесна за
своите можности и квалитети, градењето на политичката кариера никогаш не ми
претставувало хендикеп. Од почетокот на мојата политичка кариера, најголем
број личности со кои непосредно сум соработувала биле мажи.
МС: Колку и дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите
чести политички ангажмани?
КОЈЗЕКЛИСКА: Ако немав целосно разбирање за мојот досегашен политички
ангажман, почнувајќи од 1995 година до денес, пред се и најважно од страна
на мојот сопруг, потоа од моите деца како и од моите родители и родителите
на мојот сопруг, верувајте дека немаше да стигнам до овде или доколку сепак
стигнев, некој дел од овој мозаик наречен семејство немаше да биде тоа како
треба.
МС: Која беше причината поради која се вклучивте во политиката и дали
сметате дека може да се биде успешен и во политичката кариера и во градењето
хармонично семејство?
КОЈЗЕКЛИСКА: Претходниот мој одговор сметам дека е доволен за ова
прашање, посебно во делот за успешноста и во политичката кариера и во
градењето на хармонично семејство. Ќе напоменам само дека доколку жената
сака да биде успешна во политичката кариера, мора со взаемен договор меѓу
мажот и жената да се преуредат односите во бракот, со прераспределување на
одредени надлежности кои досега биле на товар на едниот или на другиот
брачен другар. Тоа е неопходно потребно заради, пред се, зачувување на
бракот и градењето на хармонично семејство. Во тој поглед, јас сум му
благодарна на мојот сопруг кој несебично ме поддржуваше во изминатите
години, а неговата несебична поддршка ја имам и сега, како парламентарка.
МС: Дали покрај сите обврски наоѓате време и за самата себе за нега и
одржување на изгледот?
КОЈЗЕКЛИСКА: Минимум време мора да се најде. Некое посебно внимание,
на пример со третмани на тело, на лице, вежби и слично не посветувам. Повеќе
грижа водам за нега на лицето и на исхраната, но и тука имам поддршка од
сопругот кој се грижи целото семејство да се храни здраво.
МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во
Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50
отсто застапеност на жените во оваа институција?
КОЈЗЕКЛИСКА: Можеби мажите кои учествуваа во политиката од
осамостојувањето на Македонија до денес како и сите припадници на машкиот
пол, прво себеси си признаа дека ако жената има незаменлива улога во
семејството, зошто пак нејзината улога во креирањето на државната или
партиската политика да не биде исто толку важна. Ова не сметам дека е
феминистички, туку дека е одредена промена во психологијата на пристапот на
мажите кон жените. Што се однесува до 50 отсто учество на жената во
Парламентот, мислам дека со овие избори вратата за влез на жената во
Парламентот е "подотворена", но сигурно дека ќе помине уште извесен период
додека го достигнеме тој процент.
МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни
парламентарки?
КОЈЗЕКЛИСКА: Можностите и желбата за промена на определени сегменти
од општественото живеење, како и се она што претходно го наведов, посебно во
односите во семејството, треба да биде столб за секое натамошно политичко
ангажирање на идните парламентарки.