ПОЛИТИКА

Владата "ги ослободи" американските војници од Меѓународниот кривичен суд

МАКЕДОНИЈА СЕ ОДЛУЧИ ЗА САД

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Со скептицизам или со изнуден оптимизам треба да гледаме на одлуката на македонската Влада да потпише спогодба со САД за изземање на американските војници од јурисдикцијата на новооснованиот Меѓународен кривичен суд.
  • Ние треба да бидеме реални во политичките проценки, а не да лутаме и да седиме на две столици. Тоа за нас е погубно, бидејќи времето и меѓународните интереси на големите држави не газат. Како ќе се најдеме ќе зависи од нас, поточно од волјата на политичарите. Дали тие знаат што сака македонскиот народ и другите граѓани на Република Македонија?
  • Европската унија им порача на балканските лидери дека во Европа се влегува со регионална соработка и со реформи, а реализацијата на нивните задачи индивидуално ќе се проценува.

Македонската Влада потклекна под американскиот притисок за изземање на нивните војници од јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд. На тој начин и го сврте грбот на Старата Дама која во Порто Карас во Грција ја разочара Владата. Со ова се отвора нова страница во македонската надворешна политика која и натаму лута и не знае на која столица да седи, иако се обидува да не смири и да не залажува со сонот за брз влез во Европската унија.

Напротив последните стратешки потези на македонската Влада се зачудувачки, бидејќи просторно и физички и припаѓаме на Европа, а ние тежнееме кон Америка која се наоѓа во друга часовна и економска зона. Сепак одлуката, владите во Скопје и во Вашингтон да потпишат договорот за изземање на американските војници од надлежностите на Меѓународниот кривичен суд, донекаде е можеби оправдана затоа што од Европа нема јасни сигнали за наше приближување кон Заедницата.

Таа одамна не смести во т.н. Западен Балкан, докажувајќи ја старата политика дека впрочем Дамата никогаш во историјата не била заинтересирана да постои Република Македонија и македонскиот народ. Тоа го покажа со инертноста во воениот конфликт во 2001 година кога не успеа да се наметне во смирувањето на националистичките страсти на Албанците во Македонија. Во прилог на ова одат се поголемите гласини дека ЕУ не планира нашата земја да ја прими во своето семејство пред 2010, односно 2015 година. Затоа расне незадоволството кај граѓаните во нашата држава чиј простор за движење се стеснува, како во РМ така и во странство. Оттаму одлуката на македонската Влада има двоен ефект, смирување на албанскиот екстремизам и засилување на позицијата на РМ во меѓународните стратешки прегрупирања и движења, кои во наредниве неколку години ќе се интезивираат и поларизираат.

ПОДДРШКА

Република Македонија станува четврта земја од регионот која покрај БиХ, Албанија и Романија, се приклучува на земјите што го потпишаа ваквиот договор на кој остро се спротивставува Европската унија. Овој американски договор го поддржаа четириесетината земји во светот, од 139 држави кои веќе ставија потпис на Римскиот статут на Меѓународниот суд.

За оваа цел Министерството за надворешни работи го подготви текстот на договорот, кој се чешлаше меѓу македонските и американските експерти пред неполн месец во Скопје. Кога ќе се потпише спогодбата и во која форма ќе се најде пред македонскиот Парламент, засега се непознати деталите, но најверојатно тоа ќе биде пред летниот одмор на пратениците.

Според одредени извори од Владата, на последната седница одделни министри директно се заложиле да се потпише договорот, а како аргументи ги навеле антитерористичката коалиција со САД и Јадранската повелба, односно политиката на САД активно да го поддржи македонското барање за влез во Алијансата.

На подготвената расправа во врска со Судот присуствуваше и претседателот Борис Трајковски, кој од самиот почеток на иницијативата отворено застана на страната на САД околу потребата да се изземат нивните војници од јурисдикцијата на меѓународното право. Со одлуката е ставена точка на контроверзиите што ги предизвика американското ултиматовно барање кое беше проследено со закани за укинување на воената помош, па и со најави за условување на приемот во НАТО за земјите што ќе одбијат да го потпишат Документот. Со него, кој генерално е ист за сите земји ако не инсистираат на одредени финеси, Македонија ќе се обврзе дека нема да ги предава на Хашкиот суд функционерите, воениот персонал, контракторите и генерално сите Американци, па и странци ангажирани од нив кои ќе бидат евентуално учесници во најголемите кривични дела - геноцид, агресија, злосторства против човештвото и воени злосторства. Македонија не ќе може да даде и транзит или да ги испорача таквите лица во други земји, а за таквите отстапки нема да бара реципрочен однос од САД, бидејќи е потписник и го ратификува Римскиот статут.

Инаку, Советот на Европа пред донесувањето на владината одлука до македонските власти упати предупредување, нагласувајќи дека со билатералните договори се прекршува статутот на Судот, иако САД тврдат дека се сосема компатибилни според член 98 во него. За Советот на Европа, овие договори се легално проблематични и политички штетни, бидејќи се мешаат во функционирањето на Судот, односно му ги одземаат ингеренциите и го прават неефективен. Политичките кругови блиски до власта сметаат дека потпишувањето на договорот за изземање на американските војници од надлежностите на Меѓународниот кривичен суд нема да предизвика остри реакции од ЕУ, а барањето до Брисел да ја продолжи мисијата "Конкордија" ќе биде одобрено. Но, сепак скептиците оценуваат дека соодветната реакција од Брисел допрва треба да се очекува. Во каква форма тоа ќе биде ќе видиме. Но, некои предвидуваат дури да се одолговлекува со донесувањето на одлуката за продолжувањето на мандатот на мировната мисија "Конкордија". Други пак полемизираат дека Европа дури сега ќе го изградува својот став во врска со галопирачкото стампедо на американската надворешна полтика која се труди да ги заштити своите интереси, вклучувајќи го целокупниот воен потенцијал што се користи во т.н. дискутабилни мировни мисии што се преземаат како дел од светската антитерористичка кампања.

Во врска со ова се очекува Договорот меѓу владите во Скопје и во Вашингтон да биде потпишан под името "Македонија". Тоа ќе биде прв формално-правен акт потпишан меѓу Македонија и САД во кој се употребува уставното име на нашата земја. Инаку, за одлуката на седницата на Владата биле претседателот Трајковски, кој присуствуваше на неа, премиерот Црвенковски и министрите Владо Бучковски и Илинка Митрева. Во расправата наводно биле изнесени аргументи кои се од стратешки и национален интерес за Република Македонија. Владата пред да ја донесе одлуката ги информирала претседателот на Европската комисија во Брисел, Романо Проди и шефот на Делегацијата на ЕК во Скопје Донато Кјарини. Двајцата политичари навестиле дека ќе биде испратен демарш поради одлуката на Македонија.

ПОРАКИ

Инаку, како предигра на ова, Република Македонија претходно беше разочарана од солунскиот самит на Европската унија. Таа посакуваше на Самитот барем да добие статус на кандидат за членство во ЕУ, но и временско дефинирање на европското интегрирање и отворање на претприемните фондови на Унијата. Наместо ова таа доби засилено партнерство со ЕУ, збогатување на интегративниот процес, можност да го зголеми бесцаринскиот извоз, да учествува на тендери за проектите што се финансираат од фондовите наменети за кандидатите и најава дека ќе се почне дијалог за либерализација на визниот режим. Претседателот Трајковски, кој учествуваше на солунскиот самит го оцени како успешен и задоволителен.

Задоволни сме од тоа што го добивме. Не може да се каже дека ова е историски настан или пресвртница. Нашата соработка со ЕУ е збогатена, за нас се отвораат нови можности, а Унијата има поинаков однос кон Западниот Балкан. Останува ние да си ги одработиме своите задачи, изјави претседателот Борис Трајковски, по средбата ЕУ со земјите од т.н. Западен Балкан.

Министерката Илинка Митрева истакна дека "перспективата не треба да се гледа со нагласен скептицизам или со преголем оптимизам, туку треба да бидеме реални во процените", но и дека за нас е многу значајна пораката оти Западниот Балкан е високо во агендата на Европската унија. Митрева најави дека до крајот на годинава Македонија најверојатно ќе ја поднесе кандидатурата за членство во Унијата, откако ќе се направат сите анализи за реализираните насоки од ЕУ.

Инаку, првите луѓе на ЕУ во Порто Карас - Солун, им порачаа на балканските лидери дека во Европа се влегува со регионална соработка и со реформи, а реализацијата на нивните задачи индивидуално ќе се проценува.

Убеден сум дека земјите во регионот ќе работат со иста детерминираност како и ние во спроведувањето на неопходните реформи, нагласи претседателот на Европската комисија, Романо Проди.

Тој објасни дека регионалната соработка не ја опфаќа само историската поврзаност меѓу земјите, туку регионалниот пазар, борбата против организираниот криминал и трговијата со луѓе, решавање на проблемот со бегалците. Без регионална соработка, Проди потенцира дека нема да има ни регионална стабилност.

Правете реформи, а ние ќе ви одговориме со повеќе пари, им порача Проди на сите лидери од Западен Балкан.

Од солунскиот самит на релација ЕУ - Западен Балкан произлезе "солунската агенда за Западниот Балкан" и Завршната декларација во која се осудуваат тероризмот, екстремизмот и насилството без разлика дали имаат криминални, политички или етнички мотиви. Во неа се нагласува неповредливоста на границите и се повторува европската иднина на балканските земји. Во документот се исклучува секаква поделба по етнички линии, ама се бара и борба против организираниот криминал и корупцијата. Во врска со либерализацијата на визниот режим, во документот се бараат реформи како што е справување со нелегалната имиграција, подобра гранична контрола и обезбедување, заштитени пасоши.

Од таму Европската унија уште им порача на земјите од Западен Балкан дека за спринтери и краткопругаши во Унијата нема место, туку дека патот до членството е тежок маратон кој треба да се одработи, а постигнувањето на целта е работа на индивидуалните способности и кондиција на секоја од земјите поединечно.

Лидерите на Европската унија во Солун демонстрираа јасна визија и трезвеност за состојбите и иднината на Балкан. Меѓутоа, очигледно дека кочница за мир и просперитет на Република Македонија и другите земји на Балканот мора да се бара кај домашните политички претставници кои лутаат и не умеат своите земји да ги доведат пред прагот на европската порта. Затоа секој маневар или скршнување преку океанот може да се оцени како обид за скривање на својата грешка која не е наша туку на поединци кои имаат свои калкулации или лажни претстави за иднината на Република Македонија. Оттаму донесената одлука за прифаќање на американското барање за изземање на нивните војници од јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд може да се оцени како изнуден потег за Република Македонија. Но, со тоа не може да се уценува ЕУ, бидејќи ние го трчаме европскиот маратон. Притоа, не може да се загреваме и тренираме за една трка, а ние одеднаш скршнеме во друга насока. Затоа на одлуката мораме да гледаме со политичка и аналитичка недоверба, бидејќи таа е донесена под притисок, како надворешен така и внатрешен. Ако оној надворешниот јавно беше искажан од страна на американските страни, тогаш албанскиот притисок кој притаено се чувствува во Владата беше најбитен и одлучувачки. Затоа не треба со разочарување да гледаме на ЕУ, таа не не изневери туку самите се изневеруваме и лажеме. Отаму, многу набргу ќе ги видиме резулатите од нашиот изнуден потез кој најверојатно ќе не оддалечи од посакуваното темпо и приближувањето кон европската заедница. Таа уште многу време ќе биде оддалечена за нас. Исто онака како што ЕУ мора да прифати дека таа се одалечува од САД и НАТО. Прашање е само дали ние го одбравме подобриот пат, оној што ни е близок или оној за кој немаме ниту брод, ниту мост, ниту компас.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"