оранешниот директен учесник во
воениот конфликт во 2001 го-дина, командантот на 112 бригада на ОНА и
најблизок соработник на Али Ахмети, Хазби Лика, стана заменик на министерот
за внатрешни работи.
На тој начин, контролорот во Тетовско ќе ги контролира неконтролираните
територии во Република Македонија. Или, ако & поверуваме на народната
поговорка "и волкот сит и овците на број", тогаш се ќе ни биде како
подмачкано. Но, волкот може да биде сит, ама овците не ни се на број. Тие се
угол голи, истрижани. Постојано нешто се приграбува, или се убива на една
третина од територијата на нашата земја. Зарем тоа не е доволен факт дека
токму тој или тие што го иницираа албанското незадоволство не можат да ги
контролираат сопствените јастреби. Тие се диригирани непријатели на оваа
земја, бидејќи требаат да ја завршат незавршената политичка работа. Затоа се
ни се случува само не она вистинското - мирот го нема. А го нема и редот и
поредокот. Со изборот на Хазби Лика се урнаа сите политички принципи,
вклучувајќи го и ветувањето што го даде Црвенковски дека во власта нема да
вклучи директни учесници во конфликтот. Но, очигледно во политичката
реторика се е можно, дури да се жртвува основното правило во парламентарната
демократија - ветувањата. Македонскиот народ, гласачите, кој ги прашува? Тие
се тука само да слушаат она што им го сервираат.
ПРОМАШЕНИ
Пратеникот на Демократската унија за интеграција, Хазби Лика, со 69 гласа
"за" и со 17 опозициски "против", е новиот заменик на министерот за
внатрешни работи, Хари Костов. Кандидатот за заменичкото место во полицијата,
Хазби Лика, ја доби доверба од народните избраници дури во вториот обид,
откако претходно пропадна техничкото изјаснување во кое за него гласаа само
60 пратеници. Но, по поединечната прозивка го доби потребното мнозинство.
Инаку, во претходното гласање се посомнева пратеникот Хисни Шаќири, кој
побара поединечно изјаснување за предлогот на Владата. Покрај него нов
функционер во Владата на Црвенковски стана Куртали Саити, кој од позицијата
помошник-директор на Стопанска банка-филијала Гостивар, со поддршка од 66
пратеници, а 12 "против", е именуван за заменик на министерот за економија.
Новиот заменик на министерот за внатрешни работи, "командант"
Хазби Лика
За изборот на Лика и Саити кои ги пополнија испразнетите места на кои
седеа Фатмир Дехари и Џеладин Шатку, односно поднесоа оставки на функциите
заменици министри за полиција и за економија, опозиционерите имаа остра
дебата, посочувајќи на скудните биографии од кои не можат да се прочитаат
квалитетите на идните функционери.
Опозицијата смета дека Владата ќе биде запаметена по промашени кадри во
извршната власт за кои веруваат дека нема да ја подобрат кревката
безбедносна ситуација во државата, ниту пак ќе влијаат позитивно во
подобрување на условите за стопанисување. Во контекст на ова, Жарко
Караџоски од ВМРО-ДПМНЕ, во својата дискусија потенцира дека Премиерот не
бил доследен во ветувањето дека во извршната власт нема да бидат вклучени
лица кои учествувале во воениот конфликт од 2001 година.
Располагаме со податоци дека Лика бил директен учесник во конфликтот,
како командант на 112-та бригада на ОНА, рече Караџоски.
Во името на ДУИ зборуваше Теута Арифи, која за Хазби Лика кажа дека
дипломирал јазик и книжевност, а не полициска економија, можеби поради "големата
дискриминација на Албанците во минатото".
Кандидатот Саити не се докажал на локално ниво, бидејќи не помогнал за
економијата во Гостиварско, а сега се унапредува за функционер во
економијата, критикуваше Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во дебатата на 28 собраниска седница што под итно беше свикана по барање
на премиерот Црвенковски, а на која беа избрани новите функционерски лица се
отиде многу подалеку, односно беше посочен проблемот со фалсификуваните
факултетски дипломи, на тоа кој знае, а кој не знае што е корупција, се
проговори и за илегалното оружје, за поздравите со униформи.
ОТСТАПКИ
Премиерот Бранко Црвенковски конечно се предаде на стихијата и на
дневното политиканство. Со изборот на Хазби Лика, пуленот на Али Ахмети, за
втор "џандар" во државава, си го погази својот даден збор дека во власта
нема да вклучи директни учесници во конфликтот. Но, политичката одговорност
и јавно искажаниот збор одамна го загубија сопственото значење, мерливост и
тежина.
Јавниот искажан збор е сведен на марионета која се употребува кога се
сака и во која пригода. Затоа, намерното или ненамерното простување со
основните принципи, постулати во политичкиот живот, се сведува на една
обична политичка берзанска трансакција од која допрва ќе се видат
негативните резултати. Инсталирањето на терориристичките елементи кои
подоцна законски беа амнестирани одамна започна, но толку брзото искачување
на мошне значајните функции и фотелји во власта е опасна работа. Бидејќи
може да се освети врз стабилизирањето на безбедносните структури во
Република Македонија. Оттаму, овој чекор на Премиерот, може да се мери како
преседан во поновата македонска парламентарна демократија. Но, тоа не може
да не зачудува, бидејќи лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, уште пред овој
чин призна дека имал многу заблуди во својата кариера. Така на пример, на
последниот Конгрес на својата партија, на која беше реизбран, призна дека
живеел во лажен сон во која 23 отсто од населението на нашата држава не биле
лојални на РМ и неа не ја сметале за сопствена земја, бидејќи се чувствувале
како загрозена нација. Затоа ако Премиерот вака продолжи да се разбудува од
сонот само да остане на власта тешко нам ќе ни биде, бидејќи заблудите и
соништата се негови грешки чии последици дури сега ќе ги видиме и ќе ги
почувствуваме. Сепак, овие што ги направи се крупни, иако некој сака да ги
објасни како остапки или да ги оцени како прилагодување на Рамковниот
договор и негови реперкусии во државава. Меѓутоа, ваквите промени не можат
да се сфатат како сериозни, бидејќи не станува збор за квалитетни кадри што
ќе придонесат во работењето на исклучително важните извршни функции на
власта, туку за една обична трансформација од која ќе нема позитивни
резултати.
АРХИВИТЕ
Бракот меѓу СДСМ и ДУИ започна со слична политичка (љубов) акција. Чувар
на македонската ризница, Државниот архив на Македонија, стана командантот
Шпати, припадник на т.н. ОНА. Командантот на удобната директорската фотелја
дојде по неколкумесечното патешествие по кумановските калдрми. Како заслужен
портпарол, на верниот и достоен "борец" му лежи достојна и многузначајна
функција. Веруваме дека ролјата што му е доделена успешно ќе ја заврши во
името на "борбата за човекови права и слободи". Но, тој само беше "кокиче" -
предвесник во однос на започнатиот процес. Тие се инволвираа во МВР, во АРМ,
во Владата и во дипломатијата. Традиционалната македонска разделеност им
овозможи да се шепурат и да ги диктираат односите во земјава. Но, откако им
ги отворивме архивите сега на ред се документите во МВР кои со години ги
собираше Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање. Во моментов архивите
немаат чувари, туку команданти- контролори. Тие требаат целосно да ја
изџвакаат македонската историја, а потоа она што им "шкоди", смета ќе го
запалат. Рацете целосно им се одврзани и никој не може да ги сопре.
Полека, но сигурно во овој процес се си доаѓа на свое место. Мозаикот за
Албанците во Република Македонија се исполнува. Им фалат само делчиња за да
си ја исполнат целта. Процесот на пребојадисување на македонската историја и
политикате не може да се запре. Тој забрзано се одвива, бидејќи "аминот"
веќе одамна е даден. Прашање е само кога ќе го завршат. Ако тоа набргу го
сторат, тогаш стануваме народ без историја, без култура, без јазик. Притоа
ќе можат да не наречат како што сакаат, а можат и да не сместат во лудница.
Бидејќи само луѓето кои се без памет дозволуваат некој да им ја менува
историјата. Но, според она што го прават македонските политичари, тоа не е
далеку од реалноста. Таа дава сериозни сигнали кои упатуваат на се поголемо
паѓање на националниот идентитет на обичниот Македонец. Него во последно
време никој не го прашува, бидејќи ако биде запрашан се знае дека сите ќе
завршат во Идризово, а некој и во Хаг. Но, и таму се лета по директива. Само
по чија.
Се заборавија малтретираните работници на ГП "Маврово", се заборавија
12-те киднапирани Македонци. Се заборави на загинатите припадници на
безбедносните сили на РМ. Се заборава историјата, од која можевме многу да
научиме. Дури и премногу. Нели!?