ИНТЕРВЈУ

Зоран Крстевски, поранешен заменик-премиер задолжен за секторот за евроинтеграции

НЕ НАПРАВИВМЕ НИШТО СПЕКТАКУЛАРНО ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ

Разговарала: Жаклина МИТЕВСКА

  • Македонија ја испушти можноста што на пример една Хрватска ја искористи со јаснато позиционирање на државата во однос на исполнувањето на одредбите од Спогодбата за стабилизација и асоцијација да се издвои од т.н. група на Западен Балкан во остварувањето на реформите и приближувањето кон ЕУ, играјќи на картата да не се изјасни претходно за прашањето на Меѓународниот кривичен суд.
  • На нас Европа повеќе гледа како на невралгична точка во која се создаваат безбедносни, политички, емигрантски и други негативни појави и затоа сака да ги неутрализира и да создаде амбиенет на развој.

МС: Господине Крстевски, Самитот на Европската унија во Порто Карас, Република Грција, по се изгледа ги сруши соништата на нашата држава за нејзиното влегување во европското семејство, иако не сакаме тоа да си го признаеме? Какви се Вашите оценки за овој Самит?

КРСТЕВСКИ: Една од министерките во Владата рече дека во Солун не треба да се очекува ништо спектакуларно во однос на Република Македонија. Навистина ништо спектакуларно не се ни случи, а јас би додал уште нешто. Прво, ништо спектакуларно не се работеше на планот на европската интеграција во земјата. Второ, Самитот сам по себе беше со агенда во која доминираше прашањето на идниот устав на заедницата. На маргините на Самитот беше средбата на земјите од т.н. Западен Балкан и таа всушност беше прв тест на приближување на српското раководство со раководството на Косово, за да се отвори дијалогот за идниот статус на Косово во регионот. Трето, Македонија ја испушти можноста, што на пример една Хрватска ја искористи со јасното позиционирање на државата во однос на исполнувањето на одредбите од Спогодбата за стабилизација и асоцијација да се издвои од т.н. група на Западен Балкан во остварувањето на реформите и приближувањето кон ЕУ, играјќи на картата да не се изјасни претходно за прашањето на Меѓународниот кривичен суд.

МС: Анализирајќи ги резултатите од Самитот во Порто Карас, германскиот весник "Тагесцајтунг" оценува дека политичката поддршка за прием на балканските земји во ЕУ по некој недефиниран период ќе ги забрза реформите во нив, но тој процес ќе трае 10-15 години, а оние земји што помислуваа дека можат да станат членки на ЕУ до 2007 година живеат во утопија. Според "Оснабрукер цајтунг", Албанија и Косово најпрво треба да ги неутрализираат националистичките структури во нив. Ваш коментар?

КРСТЕВСКИ: Постои една диспропорција помеѓу јавно прокламираната политика на ЕУ за побрзата интеграција на земјите од т.н. Западен Балкан и практичните чекори кои Европската унија ги презема во секоја земја поединично за тој чекор да биде поддржан. Прво, се уште не постои меѓународно-правна рамка како што има Република Македонија, за дел од земјите од т.н. Западен Балкан, на пример за Србија, Албанија. Се уште не е решен статусот на Косово, а во регионот се уште растат радикалните националистички политички сили кои се против оваа политика на побрзо интегрирање на нивните земји или пак се само декларативни затоа што во тој случај, нивните тоталитаристички модели не можат да опстанат. Од тие причини, на пример, во Србија се случи и политичко убиство на еден реформски определен премиер, со цел да се запрат тие процеси. Од друга страна, Европа се соочува со предизвикот на односите кои ги гради со САД, бидејќи јакнењето и создавањето на единствена држава на обединети европски држави на одреден начин создава дебаланс во однос на досегашната економска и вкупна соработка меѓу Европа и Америка, особено создавање на интересни сфери во трети земји. Тука доаѓа до промена на релациите кои најмногу зависат од процесите на глобализација на придвижување на капиталот, технологијата и протокот на идеи, луѓе и стока, во кој создадвањето на силна Европска унија, вклучувајќи ги и новите земји, создава поволни услови за нови пазари. Прашање е само на време кога таа интеграција ќе се сврти кон една Русија, можеби Турција и кога тој процес ќе биде заокружен. На нас Европа повеќе гледа како на невралгична точка во која се создаваат безбедносни, политички, емигрантски и други негативни појави и затоа сака да ги неутрализира и да создаде амбиенет на развој. За сега, на пример, во таа смисла се и првите иницијативи на европските сили кои дојдоа во Македонија, како едно позитивно искуство и за Македонија и за Европа. Како понатаму тие превентивни сили ќе делуваат, дали ќе делуват во правец на полициски сили, или полека ќе ги преземат функциите кои денес ги остварува Европа во тој безбедносен чадор преку НАТО, допрва ќе видиме, бидејќи со новата безбедносна стратегија на САД на одреден начин се рекомпонира меѓународниот поредок, а заради борба против тероризмот, против ширењето на оружјето за масовно уништување, се преземаат унилатерални акции во кои прво САД ја дефинира целта, а потоа бара сојузници. Таков беше случајот со Ирак.

БЕДА

МС: Македонија наместо да напредува тоне во беда и сиромаштија, а земјите што беа репер за беда и очај, Европејците сега ни ги посочуваат како пример и ни советуваат да го следиме нивниот пат кон евроатлантските интеграции. Што навистина се случи со оваа држава, и не е ли таквата споредба за нас понижување?

КРСТЕВСКИ: До пред конфликтот во 2001 година, ние имавме позитивни оценки од меѓународната заедница и во делот на реформите во финансискиот сектор. Законодавната легислатива беше компатибилна со Европската унија, а и макроекономската стабилност овозможуваше порадикални зафати во економијата, пред се во решавањето на т.н фабрики-загубари. Да ве потсетам - во тој период се затвори, продаде и проработи "Фени". Во тој период се отвори прашањето на "Југохром" и еве дочекавме и "Југохром" да проработи. Во тој период се реконструира банкарскиот систем, се воспостави финансиска дисциплина и се зголеми улогата на националната и меѓународната банка, се зголемија девизните резерви. Македонија имаше регулирано односи со Светската банка и меѓународниот монетарен фонд. Започнаа реформите на државната администрација, не преку систем на отпуштање, туку преку програма која овозможуваше пренесување на несуштинските делови од државната администрација во приватниот сектор и проекти на унапредување на работата на државните службеници преку програмите на ЕУ за зголемување на ефикасноста. Сега во овој период на новота политичка власт имаме ретроградни процеси. Сите политики кои беа декларирани пред изборите не се остварија. Прво Македонија се уште не е безбедна, иако новата власт прифати осведочени терористи и луѓе кои заради политички цели, за да бидат во власта, употребија оружје. Се покажа дека безбедноста се уште не е на потребното ниво. Интеграцијата на териториите и луѓето кои ги напуштија тие територии во кризните подрачја, не задоволува. Трето, остана отворено прашањето на границата со Југославија во делот со Косово. И албанскиот Парламент и привремените органи на косовскиот протекторат донесоа декларација за негирање на таа граница. Четврто, заради политичките иницијативи во економијата за ревизија на приватизациите за "бркање" криминалци се отворија процеси на ревизија и на успешни и на неуспешни претпријатија. Владата во делот на програмата за борба против организираниот криминал настапи повеќе декларативно и во основа се занимава со политички реваншизам, со затворање и отпуштања на луѓе од опозицијата. Најеклатентен пример како се бори против криминалот е бегството на т.н. крал на проституцијата, кој во една судска фарса беше осуден само на шест месеци. Во делот на економијата имаме една ситуација - се што беше ветено во поглед на намалувањето на давачките кон државата, всушност значеше обратен процес. Сега секое семејство треба уште 2,5 илјади денари да одвојува повеќе за струјата, водата, прехранбените производи. Се намалија приходите во Буџетот. Најеклатантен пример е законот за фискализација. Кога беше во опозиција сегашната власт ја критикуваше фискализацијата, а сега воведува каматни казни, да ја промени ситуацијата во Тетово, Гостивар, каде никогаш не постоела и со тоа создаде нееднаков третман на субјектите на пазарот. Оваа Влада има највисоко ниво на сива економија во Европа - 46 отсто од прометот. Никој не треба да ни кажува, самите сме сведоци дека на улиците и пазарите се продава се и сешто. Тоа не е под контрола на даночните инспекции, ниту на Царинската управа. Т.н. "Бранков закон" за вработување нема резултати, дури невработеноста расте. До сега оваа Влада не привлече ниту една значајна директна странска инвестија. Од друга страна имаме голем трговски дефицит помеѓу увозот и извозот од 308 милиони долари за само првите четири месеци. Во Македонија условите за конкурентност и поттикнување на извозно ориентираното стопанство не се остварува и увозот е поголем од извозот. Владата нема иницијативи, а луѓето кои ги водат економските сектори повеќе применуваат модели од договорната економија. Еклатантен пример е увозот на нафтените деривати за време на ирачката криза кога граѓаните мораа да платат преку 15 милиони долари поскапа нафта поради лошите проценки на Владата. Постои некомпетентност во делот на политиката на регионалната и економска соработка за приближување кон ЕУ во сферата на земјоделието. Македонија во минатиот период се избори да биде член на Светската трговска организација, со право да субвенционира во земјоделието. А сега гледаме каков е односот на власта кон земјоделието.

УНАПРЕДУВАЊЕ

МС: Дали според Вас, одлуката Македонија да стави потпис на барањето американските државјани да бидат изземени од Меѓународниот кривичен суд е правилна. Дали можеби тоа што Македонија не ги доби очекувањата од Самитот во Грција, е причина таа да застане на страната на САД?

КРСТЕВСКИ: Се разбира дека прашањето на развојот на односите со САД се значајни и секогаш треба да одат во правец на унапредување. Соединетите американски држави во случајот на изземањето на своите граѓани од Меѓународниот кривичен суд се водени стриктно од својата стратегија на преземање на порадикални и побрзи интервенции секаде каде што ќе оценат дека таа е загрозена, или светскиот мир е загрозен од предизвиците на тероризмот и од оружјето за масовно уништување. И тука нема ништо спорно. Не станува збор за иницијатива на Америка за изземање од кривично гонење на конкретни сторители. Од друга страна, Македонија го потпиша Римскиот статут, го поддржа формирањето на Меѓународниот кривичен суд. Тоа нас не обврза. Македонија има Спогодба за стабилизација и асоцијација и со ратификацијата на Римскиот статут има меѓународни правни обврски во тој дел. Од тој аспект, според мене, беше логично Македонија како и други земји кандидати членки за ЕУ да ги одбие САД. САД ќе не разбереа дотолку повеќе што кризата од 2001 година не е затворена.

МС: Дали на РМ & недостасува Министерство за евроинтеграци?

КРСТЕВСКИ: Таа идеја за министерство за евроинтеграции во власта ја турка независниот пратеник, поддржан од СДСМ, господинот Трифун Костовски. Факт е дека некои земји имаат такви министерства, а факт е дека земјите кои идната година ќе влезат во ЕУ немаа такви министерства. Идејата за вакво министертво има позитивни и негативни страни. Позитивни се затоа што би се создал управен институт кој би бил непосредно одговорен за спроведување на спогодбата. Но, како поранешен министер во Владата задолжен за евроинтеграции, морам да кажам дека процесот на изградба на институтици кои ќе ја следат европската интеграција мора да биде применет во сите министерства на Владата. Тоа не е еднократен чин или закон што ние мора да го прифатиме и со тоа да кажеме дека сме пристапиле кон ЕУ. Мислам дека концептот за евроинтеграции кој го води заменик-премиерот е добро поставен. Од аспект на кадри, проблемот е во брзите промени што ги правиме во власта. Ние заради политичка лојалност не сме во состојба една со друга коалиција да ги поддржиме најспособните кадри и таа цена ја плаќаме.

МС: Колку на РМ & е потребен твининг системот?

КРСТЕВСКИ: Твининг системот многу ни е потребен, меѓутоа во онаа форма,во која тој дава резултати. Моите информации се дека амбасадорите на ЕУ се разочарани од тоталното непознавање на поедини министри и други на процесот на евроинтеграции и дека се подготвени да ни понудат советници кои би ни помогнале за нашите празнини околу процесот за евроинтеграции. Тоа важи исто и за Парламентот. Иако е конституиран на 3 октомври минатата година, тој се нема изјаснето за посебна комисија за евроинтеграција со што најважната функција на Собранието, што е акселератор на процесот на донесување закони за легислативата за европската иницијатива, всушност не функционира.

МС: Во државава речиси секојдневно ни се случуваат "бомби". Хазби Лика, поранешен терорист, стана заменик-министер за внатрешни работи, иако Црвенковски ветуваше дека нема да вклучува во Владата терористи - директни учесници во воениот конфликт, малоречанскиот парауниверзитет ќе стане државен. Ваш коментар?

КРСТЕВСКИ: Мислам дека безбедносно-политичката ситуација во РМ е лоша, бидејќи не само што ни се случува постконфликтна криза, туку очигледно има обиди за нова дестабилизација. Власта е виновна што не даде вистинска политичка дијагноза за случувањата во континуитет - бомби, убиства и слично. Тоа што сите тие ги прогласија за одредени криминогени дејанија заради имотна корист и заради што и меѓународната заедница молчеше, ни се одмазди и сега лошата дијагноза создава лоши, а можеби избрзани и несоодветни реакции. Проблемот е што наместо амандманите од Уставот да бидат рамка на правно унапредување на правата на малцинствата во државата, на создавање на амбиент на правна држава, ние за секој проблем во државата создаваме нов рамковен договор или секој проблем го подведуваме под Рамковен договор. Го слушам Премиерот како вели го решил Шемшево. Неговиот пристап кон Шемшево бил со намера да се создаде доверба. Тоа можеби за него изгледа така, но не го реши. Случајот со Мала Речица, не е спомнат со Рамковниоит договор. Тоа е еклатантен пример како се создава параобразовна институција. Сега се бара легализација на она што значи дипломи, без да се нострифицираат. Дека е тоа така покажува фактот што студентите бегаат од Штуловиот универзитет запишувајќи се масовно на малоречанскиот парауниверзитет. На Штуловиот универзитет критериумите за стекнување знаење се високи, тешко се добива диплома, бидејќи таа има европски карактер, односно знаењето мора да се потврди. Една параинституција која десет години не исполнувала предуслови за висообразовна институција не може преку ноќ да се признае. Со закон треба да се отвори постапка во која ќе се образуваат образовни институции кои се во согласност со потребите на студентската популација, а не по волја на албанските политички фактори.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"