|
КОМЕНТАР
Македонски плурализам
ПРЕД СИЛАТА И БОГОВИТЕ МОЛЧАТ
Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ
- Прво некои прогласувавме за домаќини за по извесно време истите тие "домаќини"
да ни се закануваат со санкции, доколку не им ги исполниме фашизоидните
стремежи на "обесправените".
- Поради промената на американската надворешна политика малите земји од
типот на Македонија, Албанија, Босна и некои други се најдоа под удар и во
сендвич меѓу големите сили.
К онечно нагаѓањата и шпекулациите
излегоа на површина. Македонија избра меѓу Европа и Америка. Избра едно од
двете зла. Ја избра иднината, стави уште една тула во својата контроверзна и
на моменти харизматична политика. Чинот со прифаќањето на ултимативниот и
уценувачки договор со Вашингтон за изземање на американските државјани, а
пред се војници од јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд во Хаг ја
покажа уште еднаш слабоста на нашата државност, слабоста на нашата умешност
во водењето на дипломатијата.
Вакви чекори пред извесно време правеше Циле
Тупурковски кога се реши да го признае Тајван за државен субјект, па сите го
напаѓаа заради тој непромислен потег. Поуката веројатно не уследи од тоа
време, наравоучението се уште не е спознато. Зошто секоја гарнитура во
земјава, без исклучок, се обидува да се извади пред меѓународната политичка
сцена со вакви краткотрајни и инстант решенија? Однапред се знае дека
ваквиот облик на додворување и понизност пред силата број еден во светот не
нуди позитивна разврска на проблемите со кои се соочува нашето општествено
уредување и живеење. Тоа се покажа и со Косово, тоа се потврди и со Ирак.
Подебелиот крај од стапот секогаш го извлекуваше нашата држава. Прво некого
прогласувавме за домаќини за да по извесно време истите тие "домаќини" ни се
заканат со санкции доколку не им ги исполниме фашизоидните стремежи на "обесправените".
СТРАТЕГИЈА
Потоа некому моравме да му го пополниме списокот на поодржувачи на
војната на Блискиот исток во квантитативна смисла на зборот затоа што
квалитативно не можевме никако да влијаеме, па и тоа го сторивме. Резултатот
од нашата вербална поддршка, а сега и теренска помош со нашата чета во Ирак
беше заканата за стопирање на воената помош доколку не го прифатиме
договорот за Меѓународниот кривичен суд кој би им одел во прилог на
Американците. Стратегијата на оваа земја веќе е доведена под знак прашање и
таа повеќе не може да функционира и да се развива онака како што претходно
била зацртана. Секојдневните неизвесности и предизвици и наметнуваат ново
темпо и нов правец со ревизија на нејзините претходно усвоени постулати.
Оттука ќе се увиди дека нашата државна стратегија, која би требало да биде
олицетворение на националната свест на народот се движи по различни,
неприродни и неавтентични канали кои во ниту еден случај не одговараат на
менталитетот, потребите и стремежите на македонскиот народ и граѓаните на
оваа земја. Државата и институциите на системот тоа го знаат, свесни се за
различноста и комплексноста на она што го преземаат, скептични се за
чекорите кои веќе се усвоени, а повторно ја убедуваат јавноста залажувајќи
се себеси дека одлуката е полезна и единствено прифатлива во дадениот момент.
Можеби најоригиналната изјава и мислење по тоа прашање ја даде Тито
Петковски, актуелен пратеник во македонското собрание кој вели: "Македонија
застана на страната на силата поради местото и улогата на САД во овој нов
меѓународен поредок. Требаше да ни дадат малку повеќе маневарски простор,
иако гледано во целина ниту САД, ниту Европа не се претргнаа многу околу
проблемите на Македонија. И САД и ЕУ малку сторија и за вкупната безбедносна
состојба и за меѓународното етаблизарање на Република Македонија", смета
Петковски, додавајќи дека "Македонија во овој момент е свесна оти оди надвор
од меѓународното право, што за една мала земја и нејзиниот имиџ и
меѓународна репутација мора да биде одлучувачки фактор". Ставот пак на
премиерот по ова прашање е доста контрадикторно и во него преовладува т.н.
аматерска дипломатија. Вели "Македонија во изминативе 12 години почувствува
на сопствена кожа дека принципите се забораваат кога интересите
преовладуваат. Таква беше ситуацијата кога и покрај сите исполнети
предуслови со години чекавме меѓународно признавање, таков беше случајот со
нафтеното ембарго, со санкциите, таков е случајот и со спорот со нашето
уставно име. Од извонредно големо значење е што овој документ со САД ќе го
потпишеме како Македонија што не значи дефинитивно решение, но во секој
случај е извонредно голем пробив околу прашањето кое е од највисок
национален и државен интерес. Во исто време, соработката со ЕУ ја
продолжуваме со ист па дури и зголемен интензитет". И сето е ОК што би рекле
Американците се до последната реченица на Црвенковски каде вели дека
соработката со ЕУ е уште поголема. Кратковидост во политичките определби на
нашиот владин кабинет. Интересен пак е и ставот на дел од претставниците на
американската администрација. Бушовите административци велат дека Република
Македонија не смее да ја пропушти оваа прилика со потпишувањето на договорот
со САД за МКС бидејќи со тоа нашава земја добивала "класично подбутнување"
од Вашингтон и Лондон за влез во северноатланската алијанса, а и не само тоа
туку и парафот со уставното име Република Македонија многу ќе значи за
државата, слично како и формулацијата употребена во Јадранската повелба,
која ја спонзорираа токму САД. Во целата оваа турбулентна ситуација со
антиправно дејство во меѓународни рамки се вклучи и светската организација
која донесе по малку чудна и неприлагодлива резолуција за нејзината повелба
и постулати. Советот за безбедност за уште една година ја продолжи одлуката
за изземање на американските државјани од јурисдикцијата на Меѓународниот
кривичен суд. За резолуцијата 1487 гласале 12 претставници на членките на
Советот. Франција, Германија и Сирија биле воздржани. Инаку, изземањето на
американските граѓани кои учествуваат во мировните мисии на ООН првпат стапи
на сила пред една година, откако на 1 јули 2002-та е формиран кривичниот суд,
задолжен за процесирање на лица обвинети за кршење на меѓународното
хуманитарно право и човековите права. Реперкусиите и последиците од оваа
најнова светска драма ќе бидат големи.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
Главната дилема е зошто некој да биде виновен и обвинет, а некој кој го
сторил истото дело да биде изземен односно амнестиран. Повторно по повеќе од
половина век од завршувањето на Втората светска војна на мала врата се
промовира некаква привилегирана раса и народ која е поразлична и повозвишена
од другите по налик на она што Хитлер и неговите приврзаници го ширеа низ
планетата. Римскиот статут за Меѓународниот кривичен суд усвоен на
дипломатската конференција во италијанската престолнина на 17 јули 1998
година досега го потпишаа 139 земји, а го ратификуваа 90 држави. Слаба точка
на овој суд фактот што против него е светската велесила САД. Поранешниот
американски претседател, Бил Клинтон непосредно пред заминувањето од
функцијата во 2000 година го потпиша Римскиот статут, но администрацијата на
претседателот Џорџ Буш го повлече потписот во мај 2002 година поради
стравување од мешање на меѓународни органи во американската сувереност. И
сега поради ваквата промена на американската надворешна политика малите
земји од типот на Македонија, Албанија, Босна и некои други се најдоа под
удар и во сендвич меѓу големите сили. Дискриминаторски чин наметнат без
никаков морал и етика во меѓународното политичко општење. Дека е тоа така
деновиве на најдобар можен начин го отслика професорот по Уставно право на
Правниот факултет во Скопје, Светомир Шкариќ. "Договорот би ги дискриминирал,
не само македонските граѓани туку и граѓаните на 44 членки на Советот на
Европа кои престојуваат или живеат во Република Македонија. И тие би биле
дискриминирани во однос на Американците. Тоа би била груба повреда на
Европската конвенција за човековите права од 1950 година со 11 протоколи,
чиј потписник е и Република Македонија". Едно од клучните прашања кои од ден
на ден се повеќе ќе ни се наметнува за анализирање и разгледување е
прашањето за нашиот иден однос со телата на ЕУ. Црвенковски вели дека
соработката ќе се продлабочува но крајно неизвесно е во кој правец таа
понатаму би се движела особено сега со нашиот нов потег со кој удривме по
темелите на Европа. Знаеме дека таа е категорично против ваквите кратковидни
решенија кои го рушат кредибилитетот не само на нововостановениот суд во Хаг,
туку и кредибилитетот на ЕУ. Ако се навратиме на ситуацијата од 1999 година
ќе видиме дека тогаш премногу ја испровоциравме НР Кина со случајот Тајван,
па таа стави вето во Советот за безбедност и УНПРЕДЕП си замина. Сега со
овој чекор за изземање на американските граѓани од јурисдикцијата на
Меѓународниот кривичен суд ја провоцираме Европа побрзо да ги повлече своите
Конкорди како своевидна казна за чинот кој го направивме. Од друга страна,
сонот на македонската држава самата да се брани без странско воено присуство
е поблиску до реалноста. Значи, има и некоја позитивна страна од сиот кашест
лавиринт. Врз основа на проценките на надлежните органи за актуелната
безбедносна состојба и поддршката што им е неопходна на безбедносните органи
во насока на конечно стабилизирање е заклучено да се покани мисијата на ЕУ "Конкордија"
да остане во Република Македонија до 15 декември оваа година. Со ова успешно
ќе заврши присуството на странски воени мисии во Македонија. Владата реши да
се побара од ЕУ почнување разговори за модалитетите и видот на ангажманот на
ЕУ во Република Македонија во сферата на полициските реформи и за
интегрираното гранично управување. Некои работи се прочистуваат, некои се
замрсуваат. Впрочем, таква отсекогаш била нашата политичка арена. Едно е
сигурно дека како-така стануваме некаков партнер или субјект во
меѓународните односи по позитивни или негативни постапки. Важно е да не
споменуваат некаде. Дојде времето "дај што ќе дадеш". Кога силата е во
прашање тогаш и боговите молчат пред неа. А зошто ние би се противеле?
|