Официјализиран договорот со Американците
Владите на Македонија и на САД го потпишаа договорот за изземање на
американските војници од надлежностите на Меѓународниот кривичен суд. На
договорот кој е подготвен на македонски и на англиски јазик, меѓу двете
Влади, потпис ставија министерката за надворешни работи, Илинка Митрева и
американскиот амбасадор во земјава, Лоренс Батлер. Ова е прв формално-правен
договор со САД со името "Македонија" и ги одразува македонските национални
интереси.
Нема пари за Илинден
Во Министерството за култура велат дека нема пари за прославата на
стогодишнината од Илинденското востание. Спонзорите не уплатиле 17 милиони
денари, како што ветиле, а од државни извори се обезбедени само 40 милиони
денари, кои не се доволни за да се реализира програмата за прослава на
јубилејот.
Посилна економска врска за Македонија и Турција
Традиционално добрите политички односи меѓу Македонија и Турција, не ги
следи исто темпо на економско поврзување, заклучија претседателите на двете
земји, Борис Трајковски и Ахмет Неџдет Сезар, при посетата на турскиот
претседател на нашата земја.
Војната во 2001 година е со политичка позадина
Според резултатите од истражувањето што во Македонија го спроведе
невладината организација Проект за заедничка визија (ПЕВ) под работен наслов
"Запис за Македонија", околу 68 отсто од Македонците и 78,2 отсто од
Албанците во Македонија веруваат дека може да се врати довербата меѓу нив по
воениот конфликт од 2001 година. Дури 78 отсто од испитаниците се со став
дека конфликтот во 2001 година не бил со етничка, туку со политичка заднина.
Над 150.000 лица работат на црно
Заводот за статистика, во рамките на спроведената анкета за работна сила,
уште пред три години излезе со податок дека во државата во неформалниот
сектор работат150.000 лица. Оваа бројка е потврдена и во последните анализи
на економското одделение на Сојузот на синдикатите, според кој во практика,
станува збор за многу поголеми цифри, зашто е многу тешко да се прецизира
колку луѓе навистина се вклучени во неформалниот сектор. Според економските
стручњаци, со оваа бројка на лица кои работат на црно, Македонија е на
самиот врв во Европа.
Промовирани офицери и подофицери
Во Воената академија "Генерал Михајло Апостолски" во Скопје беше одржана
свеченост по повод завршувањето на шестмесечниот курс за офицери и
подофицери за службите во АРМ. Курсот го завршија 122 слушатели, од кои 90
се со чин водник, а 32 со чин поручник.
Замена на "сухоите" за транспортен авион од САД
Македонската армија ќе ги замени четирите борбени авиони "сухој - 25" за
еден транспортен авион, со кој ќе летаат војници и држави делегации, и ќе
добие или купи уште четири или пет транспортни хеликоптери од типот "Ми-8
МТВ-5".
Затруена крвта на велешките деца
Според испитувањата извршени во Москва, присуство на олово во крвта на
велешките деца и до шестпати повеќе од стандардот било констатирано кај 29
деца, додека кај 10 деца имало и до петпати повеќе кадмиум од пропишаното.
Злоупотреби при издавањето пасоши
Во МВР недостасуваат околу 25 илјади патни исправи, тврдат за "Утрински
весник", извори од внатрешната контрола, сега Единица за стандарди, но и
извори од одделни дипломатски претставништва на Македонија во Европа.
Весникот дознава и дека поради злоупотреба на службена должност и направени
низа пропусти во постапките за издавање патни исправи, била изготвена
кривична пријава против полицискиот началник Ј.К.
Отказ за илјадници вработени во јавниот сектор
Илјадници вработени во јавниот сектор ќе бидат отпуштени од работа до
крајот на годинава. Владата најави дека е решена да ја спроведе реформата.
Синдикатот прави тела за "спас" на тие што ќе добијат отказ, а тие што веќе
ги почувствуваа реформите протестираат во разни форми.
Пет години затвор за Диме Каровски
Кривичниот совет при Основниот суд во Кавадарци, му одреди казна затвор
од речиси пет години на бившиот директор на ХЕЦ "Тиквеш", Диме Каровски.
Екс-директорот се товари за злоупотреба на службена положба со што "Електростопанство
на Македонија" го оштетил за 89.328.450 денари.
Поскапа струја
Цената на електричната енергија за сите корисници ќе се пресметува по
нови цени линеарно зголемени за седум отсто. Во цените ќе се пресметува и
ДДВ од 18 отсто.
|