Република Македонија, конечно, по целата прашина што се дигна околу
целава работа, го потпиша Договорот со САД за непредавање на американските
државјани на Меѓународниот кривичен суд. На тој начин, по премерувањата и
одмерувањата, македонската Влада го сврте кормилото и заплови кон "големото
јаболко", бидејќи смета дека во моментов е подобар и вистински сојузник за
националните интереси на македонскиот народ.
Европа, поточно Европската унија, за нас во овој миг е далеку оти "Старата
дама" не покажа некој поголем интерес да ја приближи и да ја прифати
Република Македонија како реалност, односно онаква каква што впрочем е.
Имаме балкански навики, но претензии да влеземе во европските интеграциони
процеси. Меѓутоа, Европа и не се намачи многу да ја поучи Република
Македонија како се доаѓа до нејзините порти. Таа во последниве дванаесет
години луташе во своите намери и интереси. Постојано не тапкаше по рамо и
никогаш не не поддржуваше кога треба. Изостануваше вистинската потпора која
ни беше потребна за да ги амортизираме косовската криза и воениот конфликт
во 2001 година. Затоа можеби свртувањето е остро.
ДВЕ ПРИЧИНИ
Свесни сме дека потегот е високо ризичен, но од две зла можеби е одбрано
подоброто, бидејќи се повеќе САД се наметнува како моќен светски лидер чија
економска и воена моќ битно влијае на политичката конфигурација на теренот.
Оттаму македонското приближување до американските интереси има двојна цел.
Прво, да ја засили преговарачката позиција на Република Македонија во однос
на борбата со Република Грција чија класична и традиционална тврдоглавост не
дозволува фактите да ги усогласат постоечките политички компромиси.
Второ, растечкиот албански национализам се сведува во контролирани рамки,
бидејќи општо е позната американската блискост со нивното лоби во САД и во
меѓународната заедница.
Двете причини можеби се вистински пример за одмерена и вистинска одлука,
но таа има оправдување, бидејќи разочарувањето во Европа кај македонското
население расте. Тоа повеќе нема стрпливост да биде гетоизирано и да биде со
години држано понастрана од европските структурални приближувања и
здружувања. Затоа ставот на Република Македонија, поточно на Владата, има
тежина и перспективност.
Судбината на државата се врзува за стратешкиот партнер кој во овој миг е
најмоќниот фактор во светот. Одамна функцијата на ООН е изживеана. За
ваквата ситуација се свесни сите луѓе, вклучувајќи ги другите економски
побогати земји во светот кои бараат свој начин на сојузништво за да се
спасат од американскиот политички залет.
СРЕЌАТА
Никој не може со сигурност да ја предвиди иднината. Но, таа и натаму ни е
лоша, како економски, така и политички. Затоа сега се нам ни останува. И да
чекориме реформски и да ги прифатиме сите притисоци. Впрочем, и досега сме
имале разни притисоци. Тие од секаде доаѓале. Секој сакал да одземе дел од
оваа грутка, а потоа се покајал што тоа го правел, бидејќи му се враќало
како бумеранг. Затоа, делото на сојузникот дури сега ќе мораме да го видиме.
Ако досега сме правеле утки, можеби малку ќе не огрее среќата. Таа ни се
нуди, но каква ќе биде ќе зависи од нас како ќе умееме да го балансираме
македонскиот националени интерес со американскиот. Оттаму кантарот ќе ги
мери и одмерува политичките и економските потези кои напати може се
поклопуваат со интересот и профитот на "Големиот Буш", но можеби и се
спротивставуваат. Затоа, повторуваме, се ќе зависи од итроштината,
снаодливоста и принципиелноста на македонските политичари.
Дипломатската работа не е лесна. Таа треба да се усогласи со
меѓународната положба, но и со стратешките определби на Република Македонија.
Во овој миг можеби одбраната страна ни ја зајакна нашата позиција, но
секогаш мора да има и одредена доза на скептицизам зашто ваквиот чекор
несомнено не оддалечи и од онака за нас далечната Европа.
ИДНИНА!?
Времето ќе покаже колку мудро одлучивме. Меѓутоа, во ваква политичка
констелација на условите моравме да го ставиме потписот на Договорот, макар
тој само го идентификува името Македонија. Тоа доволно говори дека борбата
за нашето уставно име продолжува и никогаш нема да биде затворено, бидејќи
Грците за ова многу малку тргуваат, дури делат лекција кога станува збор за
стратешки и нацинални интереси. Затоа, од "непријателот" можат да се научат
многу лекции. Тие прво седеа на американската столица, а дури потоа ја
искористија подадената рака на Европа. Затоа се чувствуваат дека се "одважни"
и горди. Но, во ниту еден случај личниот интерес на политичарот не го
ставиле пред националниот. Токму тука лежи нашата болка. Таа болест не ја
прележаа македонските "политичари" кои за себе велат дека знаат се, дека
прават се, а всушност не знаат дека се помали и од маковото зрно.
Затоа кај нас најголем проблем е што не успеавме да изградиме вистински
политичари и лидери кои ќе ја извлечат Република Македонија и македонскиот
народ од овој дебакл. Ние постојано имаме кусок од политичари со вистински и
принципиелен ков. Нивното педигре завршува или во чекмеџето или на некоја
сметка во швајцарските банки. Затоа политиката во нашата земја е вносна
работа. Токму тука лежи зајакот. Токму тоа е вистинската болка на
македонските политичари. Тие се гледаат низ призмата на паричникот и
монетата. Ако само малку мислеа на сопствените џебови, досега ќе ни успееше
приватизацијата. Ќе имавме силна економија и ќе ни цветаа розите. Вака,
колку е далеку нашиот вистински сојузник, толку е далеку нашата убава
перспектива. Време е да дојде нова генерација политичари од кои, покрај
личното фајде, ќе пронајдеме и ние некое фајде. Макар тоа било и во блиска
иднина.