За Грција постои само FYROM
Според Македонската новинска агенција, грчкиот министер за правда, Филип
Пецалникос, за време на неговиот престој во Њујорк изјавил дека Грција нема
да прифати друго формално име за Македонија освен FYROM. Пецалникос ја
критикувал и својата земја затоа што во меѓувреме многу земји ја признале
FYROM како Македонија.
Конзулат на Грција во Битола
Според шефот на Канцеларијата за врски на Грција во нашата земја, Јоанис
Економу, отворањето конзулат на Грција во Битола треба само да ја олесни
работата на грчката Канцеларија во Скопје. Тоа не би значело дека ќе има
промени во визниот режим и евентуални привилегии на луѓето од битолскиот
регион преку граница да влегуваат без визи и само со лични легитимации.
Грчки пари за Балканот
Преку "Балканскиот фонд за демократија" грчката Влада во наредните три
години на балканските земји ќе им додели 750.000 евра. Оваа грчка помош ќе
биде наменета за Македонија, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина,
Романија, Србија и Црна Гора и Хрватска.
Балкански реформи за евроинтеграција
Умберто Ватани, амбасадор на Италија во Брисел, по преземањето на
лидерската улога на Италија во Европската унија, во врска со влезот на
балканските држави во ЕУ изјави дека е време за конкретна реформска работа и
за примена на она што било договорено на самитот во Солун минатата недела.
"Во Солун почувствувавме дека треба да се каже точно што секоја земја
треба да стори и како да го стори тоа. Сега кога тоа постои мислиме дека ќе
донесе мотивација и ќе ги натера владите на овие земји да внимаваат на тоа
што треба да се работи и како да се напредува кон европските стандарди",
дообјаснува Ватани.
Бугарија како балкански адвокат за влез во ЕУ
Според изјавата на шефот на бугарската дипломатија, Соломон Паси, нема
никакви основи за тревога околу бугарско - македонските односи затоа што тие
се подобри од кога и да било во изминативе 13 години. Паси, исто така,
истакнал дека Бугарија допрва ќе биде модел и адвокат на земјите од Западен
Балкан во нивните напори да се интегрираат во НАТО и Европската унија.
Полицијата ја презема јужната граница
Граничната полиција ќе почне да го презема обезбедувањето на
македонско-грчката граница, а до крајот на годинава ќе ја преземе должноста
од македонските граничари и на делови од бугарската граница. Караулата "Ниџе"
на македонско - грчката граница е местото каде што наскоро треба да дебитира
граничната полиција.
Албанија ја засилува безбедноста на граничните патишта
Албанската полиција ги засилува контролите на патните правци кон
граничните премини со Македонија, Србија и со Црна Гора со цел да им
овозможи побезбедно патување на туристите кон одморалиштата на албанскиот
брег. Причините за ваквата акција на албанското Министерство за јавен ред се
се позачестените грабежи на автобуси и автомобили со патници од Косово во
северниот дел на Албанија.
Визиите на Хашим Тачи за Косово
"Нема да се водат разговори за статусот на Косово, туку Србија треба да
го признае нашиот независен статус. Мора да се почитува волјата на народот.
Нашата партија има платформа за односите со Македонија, Албанија, Црна Гора
и Србија. Очекуваме таа платформа да се дополни и да стане официјална
платформа на косовските институции", елаборирал Хашим Тачи на тркалезната
маса во Приштина, организирана само еден ден пред неговото апсење. Тој додал
дека до 2005 година Косово ќе добие независност.
Црвенковски за косовскиот проблем
"Она што е од суштинска важност за Македонија не е квалитетот на статусот
на Косово, независност или во состав на Србија, туку дали Косово ќе биде
уредена територија во која ќе владеат ред и поредок и реални и ефикасни
институции... Ние апсолутно не смееме да влеземе во шемата којашто се
обидуваат да ја пласираат некои српски официјални лица дека независноста на
Косово ќе значи распад на Македонија", изјави премиерот Црвенковски во
интервјуто за "Утрински весник".
Црвенковски додава дека е важно да започнат разговори меѓу Белград и
Приштина и дека најдоброто решение може да биде утврдено само со нивна
взаемна согласност.
Директна линија Скопје - Бар
"Македонски железници" во екот на годишните одмори воведоа директна
линија од Скопје до Бар и обратно. Возот се обраќа секојдневно од Скопје во
16,17 часот, а од Бар возот тргнува во 20,45 часот.
Македонски графичари во Атина
На 11 Биенале на млади уметници од Европа, што се одржа минатиот месец во
Атина, учествуваа и нашите графичарки Елизабета Рисковска и Кристина
Битракова.
"Идејата беше да се соединат сите земји во морето од култури, религии,
традиции и уметности. Сите земји учеснички имаа можност да се претстават со
свои дела од сите видови на уметности: визуелна, музика, театар, филм, танц,
литература у гастрономија", објасни Битракова.
Организатор на Биеналето беше Европската асоцијација на млади уметници, а
на него учествуваа околу 800 европски уметници.
|