СПОРТ

ФУДБАЛ: Македонските екипи имаат подеднакви шанси за успех

ПОЧНА БИТКАТА ЗА ЕВРОПА

Пишува: Дејан СТОЈАНОСКИ

  • Највисока победа на една македонска екипа, прилепска "Победа", и тоа на гостински терен.
  • "Вардар" шансата треба да ја гледа во својата техничка подготвеност и секако во својата инспирација и желба за победа.

Македонските клубови со настапот на прилепска "Победа" во Интертото купот ги почнаа натпреварите во фудбалска Европа. Оваа година сите ние се надеваме и очекуваме дека нашите екипи ќе имаат достоен настап и ќе успеат да се изборат за некое коло подалеку. Се надеваме дека на пример "Беласица" и "Цементарница" ќе успеат да го поминат предквалификациското коло и дека ќе успеат да играат во првото коло на УЕФА, а дека "Вардар" на пример ќе стаса до третото предквалификациско коло со што би си отворила шанса за несекојдневна можност да игра за влез во Лигата на шампионите.

Но, сите ние исто така ги познаваме и реалните состојби во македонскиот фудбал и знаеме дека во Европа нема да има местење на натпревари.

ПОБЕДА

Екипата на прилепска "Победа" е првиот македонски клуб кој ги почна натпреварите во европските купови. Таа настапува во Интертото купот или таканаречената европска лига. За противник во првото коло ја имаше екипата на "Спартак Трнава" од Словачка. И уште на самиот старт пријатно изненадување не само за скептичната македонска јавност, туку и за цела Европа. Имено, екипата на "Спартак" беше претставена пред македонската јавност како екипа која игра модерен фудбал и како екипа со солидно меѓународно искуство, екипа која нагостила европски велесили и не изгубила на свој терен. Но, ете се случи да изгуби од македонска екипа и тоа да биде декласирана на свој терен со фантастични 5 : 1. Исто така, ова е резултат за почит затоа што е ова највисока победа на една македонска екипа и тоа на гостински терен. Од толку фалениот "Спартак" никаде ни трага ни глас. Словаците беа засрамени, но сепак словачката публика беше крајно спортски настроена и на крајот со ракоплескање ги испрати прилепските фудбалери.

Сепак не е се готово. Во фудбалот се е можно, па затоа треба многу внимателно да се изигра и второто полувреме во Прилеп. Веќе откако ќе се избори пласман треба да се размислува за понатаму. А во второто коло противник на "Победа" ќе биде или австриска или грузиска екипа. Се надеваме дека оваа година "Победа" во најмала рака ќе го повтори својот најголем успех и ќе стаса најмалку до третото коло во ова натпреварување.

ПОДЕМ

"Беласица" е екипа која последниве години го доживеа својот најголем подем во македонскиот фудбал. Ова е веќе втора година како изборува пласман во европските купови. Оваа година нејзин противник во купот на УЕФА ќе биде словенечкот претставник "Публикум". Тоа е противникот кој го посакуваше претседателот на "Беласица" Ванчо Таковски затоа што сметаше дека токму тоа е противник по мерка за "Беласица" и дека шансите за пласман во првото коло се реални. Хендикеп за "Беласица" сигурно ќе претставува на најдобриот фудбалер на Македонија во последниве неколку години Роберт Попов кој оваа година се реши да си ја испроба среќата надвор од државава. Но, "Беласица" е екипа со најдобра младинска школа во Македонија и сигурно е дека и новите фудбалери ќе се покажат во најубаво светло. Селекторот Илиевски кој беше тренер на "Публикум" смета дека двете екипи се со изедначен квалитет, но се надева дека нашата екипа ќе избори пласман во натамошните натпревари.

Екипата на "Цементарница" која во моментов е во немирни води затоа што главниот спонзор УФА медија и откажа спонзорство за свој противник ја доби екипата на "Катовице" од Полска. Реалноста говори дека екипата од Полска е неоспорен фаворит, но нашата надеж се гледа во тоа што екипата на "Цементарница" покажа дека знае да игра фудбал токму на финалето од купот на Македонија кога и избори за место во Европа. Искрено се надеваме дека токму "Цементарница" ќе биде изненадувањето во Европа и дека ќе се пласира за следното коло.

ПРОТИВНИЦИ

Нашиот шампион "Вардар" за противници во Лигата на шампионите доби неатрактивнии, но силни противници. За противник во првото претквалификациското коло за пласман во лигата на Шампионите ја доби екипата на "Бери Таун" од Велс, екипа која негува островски фудбал. "Вардар" шансата треба да ја гледа во својата техничка подготвеност и секако во својата инспирација и желба за победа. Се надеваме дека ќе успее да се пласира во второто предквалификациско коло каде за противник го очекува рускиот шампион "ЦСКА" од Москва. Тоа е веќе далеку пореномиран противник, но и противник токму по мерка затоа што во последно време и рускиот фудбал не е нешто на највисоко ниво. Тука е нашата шанса да влеземе во третото коло кога би играле за пласман во една од групите за Лигата на шамионите, а и да изгубиме, ќе се пласираме директно во купот на УЕФА.

Сите наши екипи влегуваат со подеднакви шанси за успех. Ние само се надеваме дека годинава и на македонските терени ќе гледаме добар европски фудбал.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"