Утредента свети Ѓорѓи пак морал да се врати во затворот. Турците и натаму
инсистирале тој да помине во исламот и да се откаже од Христа. Но, тој не
попуштил. Истовремено свештеникот се обидел да го поткупи кадијата за да го
ослободи, но без успех.
По една недела пак го извеле пред кадијата, кој дури му ветил дека ќе го
направи свој наследник на имотот доколку помине во исламот. Но, свети Ѓорѓи
одговорил дека земните богатства не го интересираат и повторно почнал да го
критикува исламот. Тогаш присутните муслимани збеснале, а кадијата одвај
успеал да ги запре да не го линчуваат. Кадијата за последен пат го прашал да
ги повлече зборовите, но свети Ѓорѓи останал на своето. Тогаш присутните го
извеле надвор, тепајќи го и плукајќи го. Турскиот жандарм наредил да
направат клада и да го запалат. Додека го воделе по улиците на Софија, му
пристапил свештеникот Петар и му рекол да ги издржи маките затоа што го чека
вечно блаженство.
На плоштадот бил поставен куп дрва што бил запален. Таму му ја соблекле
кошулата на светителот и го турнале во огнот. Кога телото му се покрило со
пликови, тие го извадиле и пакосно го прашале дали му е топло? Светителот им
одговорил: "Верувајте ми дека ништо не чувствувам. А за вас, несреќни,
готов е вечниот оган ". Тогаш пак го фрлиле во огнот, а тој се прекрстил
и силно извикал: "Господе Исусе Христе, во твоите раце го предавам својот
дух!". Тогаш некој од толпата го удрил со цепаница по главата и свети
Ѓорѓи ја испуштил душата. Веднаш потоа, иако пред тоа било сончево, се
наоблачило и заврнал силен дожд.
Христијаните побарале да го земат неговото тело, но Турците не им го дале.
Се обиделе да го изгорат докрај, но во тоа не успеале. Истата ноќ еден
христијанин кришум го зел изгореното тело и го однел во Соборната црква.
Утредента свештеникот Петар отишол кај кадијата и го прашал дали можат да го
погребаат телото на свети Ѓорѓи што некој го донел во црквата. Кадијата му
одговорил:
"Ѓорѓи е светец. Тие што го чуваа кажуваат дека, иако ставале многу
дрва, телото не горело".
Така свети Ѓорѓи бил погребан. На крајот од житието пишува дека тој бил
убиен на 11 февруари 1515 година за време на султанот Селим и дека пострадал
на 18-годишна возраст. Даден е и опис на неговиот физички изглед:
"По раст беше висок и тенок, веѓи густи, нос малку свиткан надолу;
прстите му беа долги и тенки; по карактер беше смирен и простосрдечен;
никогаш не се смееше напразно и од неговата уста никогаш не излегуваше
празен збор; со ништо не се фалеше и никому не завидуваше".
На 26 мај истата година светите мошти биле ископани од гробот и биле
ставени во ковчег по што биле внесени во црквата. Поради тоа неговиот спомен
се слави двапати - на 11 февруари и на 26 мај (стар стил).
МАНИПУЛАЦИИ СО ПОТЕКЛОТО НА СВЕТИ ЃОРЃИ
Житието на свети Ѓорѓи Кратовски било напишано уште веднаш по неговата
смрт во 1515 година од авторот поп Пејо. Денес е зачуван препис од 1677
година. Свети Ѓорѓи Кратовски бил канонизиран за светител на Московскиот
собор во 1549 година ("Локални хагиографии во Македонија" од д-р Вера Антиќ,
Скопје, 1977 година, стр. 195). Постарите кратовчани тврделе дека остатоци
од родната куќа на неговите родители имало се до 1939 година (исто, стр.
202). Историски податок што одговара на вистината е и владеењето на турскиот
султан Селим Први (1512 - 1520) во чие време пострадал свети Ѓорѓи Кратовски.
Во времето кога се родил свети Ѓорѓи, Македонија и Бугарија веќе околу
еден век се наоѓале под турско ропство. Со своето мачеништво, кое многу бргу
се прочуло среде поробените христијани, тој станал синоним за отпорот против
присилното исламизирање.
На крајот да кажеме дека и со етничката припадност на овој македонски
светител се манипулира во соседните црковни историографии. Така, на пример,
во Прологот од монахот Тадија (Белград, 1984, стр. 107) за свети Ѓорѓи
Кратовски пишува дека бил Србин. Овде читаме:
"Светиот маченик Ѓорѓе Кратовац по потекло бил Србин од градот Кратово".
Во книгата "Житија на светците за месец февруари" приредена од д-р Јустин
Поповиќ (Белград, 1973) пишува:
"Блажениот Георгије - Ѓорѓе се родил во српскиот град Кратово, на
десет часа одење од Штип".
Но, нашиот истакнат научник д-р Вера Антиќ приложува податоци според кои
во најстариот препис на житието на свети Ѓорѓи Кратовски, Кратово воопшто не
е спомнато како српски град, туку дека таму во оригинал пишувало дека
свети Ѓорѓи се родил во "место што се викало Кратово" (д-р Вера Антиќ:
"Локални хагиографии во Македонија", Скопје, 1977 година, стр. 74).
Но, тоа не е се со манипулациите за етничкото потекло на свети Ѓорѓи
Кратовски. За него во бугарската книга "Житија на светиите" (Синодално
издателство, Софија, 1991, стр. 98) пишува дека бил Бугарин! Дури и
неговиот прекар Кратовски е заменет со Софиски. Овде читаме:
"Светиот маченик Георги Софиски Нови се родил од благочестиви родители
Бугари Димитар и Сара во гратчето Кратово".
Значи, во согласност со сопствената анти-македонска шовинистичка
пропаганда, нашиот македонски светител, едните го прават Србин, а
другите Бугарин. Тие прават се само за да не се спомне македонското
име! Секако дека ваков е случајот и со други македонски светители.
СВЕТИ ПОРФИРИЈ
Неговиот празник се слави на 26 февруари (стар стил), т.е. на 5 март (нов
стил). Свети Порфириј бил роден во Солун во 4 век. Кога наполнил дваесет
години го напуштил богатиот семеен дом и заминал да се подвизува во Египет.
Таму се замонашил и по петгодишен престој во пустината, заминал за Ерусалим
каде ги посетил светите места и се поклонил пред нив. Оттаму заминал на
територијата на денешен Јордан каде продолжил да се подвизува. По неколку
години свети Порфириј тешко се разболел и замолил еден свој познаник да го
одведе во Ерусалим. Таму секој ден ползејќи ги посетувал светите места, иако
имал големи болки во стомакот. Кога го видел како се труди, еден млад монах
решил да му помага. Набргу се спријателиле и свети Порфириј го испратил
монахот во Солун за да му донесе пари од наследството што му останало од
родителите. Кога ги добил парите свети Порфириј ги подарил на сиромашните и
на тамошните цркви. Недолго потоа свети Порфириј на чудесен начин оздравел.
Бил ракоположен за свештеник и му била доделена одговорната задача да се
грижи за Крстот Господов во Ерусалим. Таму го минувал времето во постојана
молитва, радувајќи се на честа што ја добил. По неколку години Господ му
одредил друга работа. Во тоа време починал епископот на Газа и тамошните
христијани упатиле молба до митрополитот да им одреди нов епископ.
Митрополитот се помолил на Бога и добил откровение според кое за епископ бил
одреден чуварот на Крстот Божји свети Порфириј. Преподобниот ја прифатил
оваа задача и заминал за Газа. Во тоа време таму имало само една мала
христијанска црква, наспроти бројните пагански храмови. Свети Порфириј верно
им служел на тамошните христијани. По 25 години служба како епископ во Газа,
свети Порфириј починал во 401 година.
Свети Порфириј е еден од неколкуте Македонци кои ја носеле одговорната
титула епископ и кои дејствувале надвор од Македонија. Во негово време
христијаните веќе не биле прогонувани, но последиците од претходните прогони
се уште се чувствувале.
(Продолжува)