ИСТОРИЈА

ФАКТИ: "Билет во еден правец": Истражувања од областа на националната историја на Македонија - кои и како ја режираа судбината за геноцидот над Македонците под Грција од 1945 до 1949 (3)

СИНДРОМ НА ЛАЖНО СЕЌАВАЊЕ

Подготвила: Жаклина МИТЕВСКА

  • “Братските” комунистички партии (бугарската-КПБ, југословенската-КПЈ и грчката-КПГ) не биле толку недоветни да не поддржуваат за да одделат дел од својата проширена државна територија, со македонски дел.
  • Пиринска Македонија по падот на Владата на Александар Стамболиски во 1923 година беше препуштена на врховистичкото ВМРО на Тодор Александров и посебно Ванчо Михајлов, кој таму изигруваше парадржава и пред меѓународната јавност сакаше да се претстави како идниот пиемонт на самостојна Македонија, потсетува Кочов.

Да се бара логика во "братската" поддршка, по поделбата на Маке-донија (1913) и да се нама-мува Македонецот за "Обединета Македонија" по Втората светска војна, со нашите горди идеолошки активисти, е триумф на "танцување во мрак", вели авторот на трудот "Билет во еден правец", Стојан Кочов и се прашува: Зарем можеше некој да смета дека (бугаската, југословенската или грчката) власт била толку ступидна што би го вооружувала НОФ или кое било друго македонско ослободително движење, само и само да одвои дел од нејзината државна територија.

Господинот Кочов (десно) за време на граѓанската војна

Знам, дека, додава Кочов, секој разумен, ќе рече: Не! А тоа, се виде дека "братските" комунистички партии (бугарската-КПБ, југословенската-КПЈ и грчката-КПГ) не биле толку недоветни, да не поддржуваат за да одделат дел од својата проширена државна територија, со македонски дел. Напротив, во таков случај која било партија од наведените, а конкретно во Граѓанската војна: НОФ и КПГ би биле прогласени за предавници, и како такви, осудени.

Во споменатиот труд се објаснети и реакциите на повеќе држави во врска со федерацијата меѓу Југославија и Бугарија.

Трајчо Костов, бил еден од најжестоките противници на федерацијата меѓу Југославија и Бугарија, образложувајќи го тоа со долготрајна традиција на бугарската државност и со разликите кои со текот на времето настанале во структурата и менталитетот на Бугарија и Југославија. Костов, како што се наведува во книгата, стоел на становиште дека од таквата федерација нема да се изроди ништо добро. За федерација без одлагање бил Черненко, додека останатите членови на Политбирото (Коларов и др.бугарски стари комунисти) во принцип се залагале за федерација, но со големи резерви при што не биле воодушевени.

Авторот Кочов, потсетува и на македонското движење со бугарска етничко историска тенденција.

Пиринска Македонија по падот на Владата на Александар Стамболиски во 1923 година беше препуштена на врховистичкото ВМРО на Тодор Александров и посебно Ванчо Михајлов, кој таму изигруваше парадржава и пред меѓународната јавност сакаше да се претстави како идниот пиемонт на самостојна Македонија.

ДВОСТРАНОСТ

Кога станува збор за Југославија, во "Билет во еден правец" е поставено прашањето како и зошто КПМ дозволила Југославија да има двострана политика: јавна и тајна - со која ги поттикнувала Македонците под Грција за вооружена борба?

Зарем не беше тоа против волјата на македонскиот народ? Дали со тоа македонскиот народ не дозволи друг да му ја крои судбината? Зошто во интегралната македонска историографија не е објаснета таквата вина на КПМ/КПЈ?Треба да знаеме дека со паролата за слободна Македонија во есента 1941 година, почнала народноослободителната војна во Вардарска Македонија. Но, со формирањето на македонската држава, т. е. со одржувањето на АСНОМ, завршила значајна фаза од развојот на НОВ во Вардарскиот дел на Македонија. Нејзината карактеристика било прецизно формулирана на програмските цели и нивното спроведување во живот. Основна суштина на тие цели била: тесно поврзување на народно-ослободителното движење во вардарскиот дел на Македонија со ослободителната борба на другите народи на југословенскиот простор. Но, треба да се има предвид и политиката на КПЈ, која имала огромно влијание врз македонските комунисти во Вардарскиот дел на Македонија. Значи, ставот на ЦК на КПЈ настојувал тежиштето на национално-ослободителната борба да го канализира во заедничка борба со сите југословенски народи. (Види: Едвард Кардељ: Борба за признавање и независност на Нова Југославија, 1944-1957, Сеќавања, Комунист, Скопје, Мисла, Скопје 1980, 122. )

Опустошени села

Едвард Кардељ, во поздравниот говор, кој бил подолг и од рефератот на Президиумот на АСНОМ го нагласил опстојувањето на Македонија само во "јака Југославија" што било предуслов за “среќна Македонија” без страв за својата слобода и независност. Кардељ потенцирал "Слободна и рамноправна Македонија е најцврстиот столб на Југославија. . . нема слобода на ниеден наш народ без нашето единство" ( Нова Македонија, 3. 1. 1945, г. втора, бр. 28).

Светозар Вукмановиќ-Темпо, во својот предизборниот говор во Куманово на 16 октомри 1945 година, како кандидат на кумановската околија, решително се спротиставил на сите оние кои обединувањето на Македонија го гледале надвор од рамките на Југославија, или обединета Македонија под покровителство на големите сили.

НАЦИОНАЛИЗАМ

Македонските национални елементи претставени од Павел Шатев, Петар Пирузе, Киро Глигоров, Методи Андов -Ченто, потоа Шаќир Војвода, Панко Брашнаров, Михајло Апостолски, Лазар Соколов и други се залагале за самостојна и независна Македонија. Но националните стремежи на Македонците, како што е објаснето во "Билет во еден правец" биле осудени од преставниците на Југославија на чело со Светозар Вукмановиќ-Темпо и Едвард Кардељ.

По Првото заседание на АСНОМ и по формирањето на македонската држава, македонските раководители почнале да живеат политички независно од Белград, а одреден број македонски политичари правеле обиди за трговска и економска соработка со Бугарија, Албанија и Грција, без да се консултираат со Белград.

Откако Тито беше известен за тоа што се случува во Македонија, на Второто заседание на АСНОМ испрати свои претставници, кои ја осудија "сепаратистичката-шовинистичката политика на македонските националшовинисти". По тоа заседание и по осудата на Ченто и другите е одржан состанок во Белград на Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија и е донесена одлука со "сепаратистичко-шовенистичките елементи во Македонија да се расчистува еден по еден, постепено да се отстрануваат.

И, како што е познато, се вели во "Билет во еден правец" целата работа завршила до крајот на педесетите години, а особено било критично во времето на Инфорбирото кое во Македонија повеќе било искористено за расчистување со националните елементи, отколку со приврзаниците на Резолуцијата.

Но и Ранковиќ го покренал прашањето околу паролата на КПГ на Петиот пленум на ЦК на КПГ од јануари 1949 година, при што во текстот се соопштува новиот став на КПГ по македонското национално прашање: со кој на Македонците им го признава правото на саоопределување и државност, за формирање на македонска држава во рамките на Балканската федерација.

Ранковиќ рече дека таквиот акт бил насочен против интегритетот на Југославија. Тоа го стори при посетата на делегацијата на КПГ предводена од членот на ЦК и министер за правда при ПДВ, Милтијадис Порфирогенис, кога допатувал во Скопје на 8 февруари и во Белград на 16 февруари 1949 година, но тоа било уште еднаш најостро поставено и во втората посета на Порфирогенис во Белград, април 1949 година.

Зарем, вели Стојан Кочов, грев е да се праша: Зошто тој исконски национален македонски набој и идеал- се што беше за обединета Македонија надвор од таквиот став, беше сотрен? Илјадници луѓе од кои најголем дел беа млади луѓе, чмаеа по затворите само затоа што, како приврзаници или симпатизери на идеите за самостојна Македонија го "поткопувале суверенитетот и територијалниот интегритет на државата", СФРЈ.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"