ИСТОРИЈА

"Македонија и Грција - Битката за дефинирање нова балканска нација" од Џон Шеј (6)

КОЛКАВ Е БРОЈОТ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО ГРЦИЈА?

Пишува: Анита ДИМОВА

  • Денес се проценува дека има повеќе од еден милион Македонци во Грција. Бисерот на Балканскиот Полуостров е во рацете на Грција и тие нема да дозволат ова плодно земјиште да им избега од рака. Вистинска Грција е парче карпа на која одвај би изникнал мов, а да не споменуваме пипер, пченица, жито, ориз, сето она што во Македонија може да изникне. Без Македонија Грција не би била земја, би била незначајна за новите општества базирана на ресурси кои ќе процветаат во годините кои надоаѓаат.

Вистината околу бројот на Македонци и луѓе кои говорат македонски во Егејска Македонија, во денешно време тешко е да се одреди. Ретко кој од историчарите се обидува да прави калкулација со овие бројки. Грчката влада вели дека нема такви, додека пак македонските активисти манипулираат со бројката од околу еден милион Македонци.

Авторот на книгата “Македонија и Грција – битката за дефинирање нова балканска нација” – Џон Шеј, гледајќи на ова прашање како на многу важен сегмент во докажувањето на македонскиот идентитет, кон проблемот пристапува со анализа на бројот на луѓе во Егејска Македонија кои во моментов се сметаат за Македонци и на бројот на Егејските Македонци кои живеат надвор од Грција.

СИЛЕЏИЈА НА БАЛКАНОТ

“Македонските автори тврдат дека во Егејска Македонија живеат околу еден милион Македонци. Исто така вреди да се напомене дека можеби четвртина милион Егејски Македонци живеат надвор од Грција.

Од огромно значење за прашањето за бројот на луѓе што говорат македонски во Егејска Македонија е описот на Каракасиду за теророт на многуте луѓе што говорат словенски јазик кога биле прашувани дали го познаваат јазикот. По неколку генерации на прогонување таа вели, тие се неодлучни кога станува збор за споделувањето на нивното знаење со непознати, објаснувајќи притоа дека дури и денес, кога жителите на некои села пејат на нивниот мајчин јазик ‘локалните’ грчки полицајци доаѓаат и ги приморуваат да престанат. Со негирање на постоењето на каква било малцинска група, освен турската заедница во западна Тракија, владата очигледно се надева да ги изгасне националистичките чувства помеѓу македонската популација”.

Повикувајќи се на Анастасија Каракасиду, академик со грчко потекло, Џон Шеј навлегува во контрадикторностите што, денес, се камен темелникот на проблемот во “Северна” Грција.

Таа била изненадена од наоѓањето на потиснатата, но се уште жива, македонската култура во Егејска Македонија. Каракасиду ги видела методите кои грчката влада ги користела со цел да ја сокрие оваа голема група луѓе и да ги принуди да се асимилираат во грчката култура.

Таа исто така била цел на закани од различни грчки групи, вклучувајќи тука и некои со седиште во САД, како и цел на малтретирање од грчките органи на безбедност.

Нејзиниот заклучок бил дека Грција ги помешала етничката и националната припадност: “Од обединувањето со Македонија и зголемувањето на грчката територија во 1913, грчките власти имаа намера да го преселат процесот на културализација од приватните домови, и да го стави под контрола на владините институции... Иако асимилацијата во централна грчка Македонија, каде што овој процес беше најсилен пред една генерација, сега е речиси завршена, во регионот на Флорина некои локални заедници продолжија со покажување на етничка свест, и покрај нивниот грчки национален идентитет... Тоа што повеќето Македонци го бараат е признавање на нивниот статус како етничко малцинство во националната држава, а со тоа и правото на еднакви шанси за влез на работа, практикувањето на сопствената православна вера, да зборуваат на својот јазик и да ги образуваат нивните деца со фолклорот и приказните на нивните предци”.

Каракасиду загрижено забележува дека грчките власти биле неуморни во нивниот антагонизам кон Македонците, без нималку почит за лојалноста на сопствените граѓани, додека единствената грижа им биле принципите на панхеленизмот. Таа не може да поверува во она што го нарекува бизарни намери на грчките академици за дискредитирање на македонскиот јазик со тоа што велат дека тој нема синтакса и граматика.

“Списанието ‘Спектар’ издаде напис со истата тема на 15 август 1992 година. Насловот на написот на Ноел Малколм гласеше: ‘Новиот силеџија на Балканот’. Во него беше опишана лошата состојба на најголемите етнички малцинства во Грција, вклучувајќи ги Македонците, Власите и Турците. За Македонците, господин Малколм забележа, ‘колку точно вакви Словени живеат во Грција, се уште не е познато. Пописот од 1940 година регистрираше 85.000 луѓе што користат словенски јазик’. Пописот во 1951 (последниот на кој се забележани луѓе што не говорат грчки) регистрира 41.000; повеќемина од оние кои се бореа на страната која изгуби во Граѓанската војна избегаа, но други докази покажуваат дека пописите сериозно го потценувале бројот на Словените. Недостаток на прашањето на формуларот за попис не е единствена причина за недокажаностите”.

“ПОПРАВАЊЕ” НА ИСТОРИЈАТА

За да ги аргументира лутината и незадоволството на Македонците од Егејска Македонија, Џон Шеј пренесува една порака од нив самите. Таа била дистрибуирана до сите претплатени на една македонска дискусиона група на Интернет, а следела по една дебата помеѓу неколку Егејски Македонци со една личност со “грчко” потекло, околу тоа колкав е бројот на Македонци во Грција. Пораката гласи вака:

“Сабота, 23 јуни, 1994 година 13. Македонска дискусиона листа од: Сарагил Стив: Ова е мојата приказна;

Моето семејство потекнува од пограничното село Свети Герман, Егејска Македонија. Тоа е село на езерото Преспа, јужно од селото Брајчино, во Република Македонија. Моето семејство, како и сите семејства во селото, се од македонско потекло. Грчка крв немало во нашето село се до почетокот на овој век.

Додека Македонија била една целина под големата Турска империја, Свети Герман, уживал во неговата слава како најголемо село во овој регион. Тоа имало околу 4.000 жители, што во тоа време (почетокот на 20-от век) се сметало за мал град. Да не должам многу, со окупацијата на јужните делови на Македонија од страна на Грција, се она што било и асоцирало на македонско било илегализирано преку прогонство, насилство и конечно (воедно и најчесто употребуваниот начин) СМРТ! Името на селото било променето од Свети Герман во одвратното име кое го има и денес – Агиос Германос. Сите презимиња на селаните биле променети за да наликуваат на грчките. Моето презиме било променето од Сарагиловски во Сарагиопулос.

Сега се беше грчко и требало да се декларираш како грчки државјанин, но исто така и Грк по крв. Ова немало смисла за многу луѓе кои и понатаму јавно се нарекувале Македонци и јавно го говореле “забранетиот” македонски јазик. Епа... овие луѓе исто така јавно и умреа односно беа јавно погубени, како пример за оние кои се борат против грчкиот режим.

Бисерот на Балканскиот Полуостров беше сега во рацете на Грција и тие нема да дозволат ова плодно земјиште да им избега од рака. Вистинска Грција е парче карпа на која одвај би изникнал мов, а да не споменуваме пипер, пченица, жито, ориз, сето она што во Македонија може да изникне. Без Македонија Грција не би била земја, би била незначајна за новите општества базирана на ресурси кои ќе процветаат во годините кои надоаѓаат.

... Смртта беше честа глетка за Македонците. Јас го загубив мојот дедо во Втората светска војна, кога грчката армија го зеде него и сите други мажи во селото за да се борат против Италијанците во грчко-италијанската војна. Мојот дедо го загуби својот живот бранејќи ја земјата што ја бранел – Грција... Ние не ја навредивме грчката влада и народ, но единствено сакавме да ја одбраниме нашата земја, дом, семејство и гордост. Аргументот дека Грција изгубила многу во тие години не наиде на симпатии тука, како и кај сите Македонци ширум светот, бидејќи тие тоа си го заслужија. Македонците НИКОГАШ не нанеле ни 10 проценти од страдањето што Грците ни го нанесоа нам...

... Денес се проценува дека има повеќе од еден милион Македонци во Грција, а тоа е МНОГУ конзервативна проценка. Нашите приказни ќе бидат чуени и правдата ќе биде задоволена во случајот со оние во грчката влада и општество што ќе продолжат да шират лажна пропаганда за македонскиот народ кој 100% не се Грци...”.

Џон Шеј ги анализира и причините за грчкиот став кон Егејските Македонци. “Целта” на Грција, по преземањето на Егејска Македонија во 1913, според Џон Шеј била да обезбеди лојални жители на својата национална држава.

Тоа им “дало” можност на политичарите и интелектуалците да ја преправат историјата, создавајќи притоа мит дека сите жители на Грција се етнички Грци. Со тоа, Грција го помешала етничкото со националното потекло. Ваквата политизација на културата во Грчка Македонија директно довела до негирање на постоењето на македонски етнички идентитет и прекршувањата на човековите права што следеа потоа.

Авторот нуди дел од анализите во уредничките коментари на светските весници.

“На пример, “The Globe and Mail” од Торонто вели: ‘Ваквите репресивни активности, инаку шокантни за една демократска земја, имаат сложени корени. Откако се избавиле од Отоманската империја во 19-от век, Грција со тешки маки се обидувала да воспостави грчки идентитет кој ќе биде засебен од оние на најзините балкански и турски соседи. Тоа значело нагласување на етничката и јазичната чистота на нацијата и ставање акцент на врските со величенственото грчко минато...

Резултатот од ова е еден вид на ксенофобичен национализам, кој, за жал е типичен за Балканот. Постоењето на негрчка, македонска држава на границите на Грција може да се види како закана за градење на нацијата. Луѓето што живеат близу границата, кои го говорат истиот јазик, може лесно да се идентификуваат со новата нација, а оваа нација може да биде во можност да им понуди поддршка (сигурно вакво е мислењето и на Стив Саргил, кој беше претходно цитиран). Ова би било закана за грчките погледи на тоа како е создадена нивната држава’”.

Американскиот новинар Чак Судетик, пишувајќи за “Њујорк Тајмс” е уште еден од оние што заклучуваат дека полагањето права околу поседувањето на земјиштето се од централно значење за денешниот спор. Тој смета дека северните Грци гледаат на активностите на Македонија, во контекст на изборот на име и знаме и поддршката за Македонците преку границата, како закана за нивната земја. Илјадниците што живеат во егзил би сакале да си ги повратат земјиштата и домовите што биле принудени да ги напуштат.

Грчките жители кои се обидувале да ги истражуваат прекршувањата на човековите права биле критикувани и прогонувани на најразлични начини. А извештаите за човековите права постојано забележуваат дека Грција ја нарушува слободата на говор на Македонците во Грција.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"