ИСТОРИЈА

СВЕДОШТВА: Сеќавања за катастрофалниот земјотрес во Скопје (1)

СТРАОТНИ СЛИКИ - СВЕДОЦИ НА ЕДНА ГОЛЕМА ТРАГЕДИЈА

Подготвила: Милева ЛАЗОВА

  • Во фељтонот за скопскиот земјотрес ќе бидат користени, меѓу другото, и непубликувани материјали од личната архива на професорот Миодраг Календар Хаџи-Ристиќ.
  • Зградата на археолошкиот Музеј е до темел разрушена, така што поголемиот дел од материјалот е уништен или тешко оштетен, како што се збирката од керамика, икони и фонд од копии на фрески.
  • Народниот Музеј бил делумно разурнат, сепак најголем дел од музејскиот материјал иако оштетен е спасен и евакуиран во близина на Скопје.

Годинава 2003 се навршуваат точно четириесет години од катастрофалниот земјотрес кој го погоди главниот град на Македонија, Скопје. Во раните утрински часови, на 26 јули 1963 година, во 5,17 часот, до темел беше разрушен така што моментно згасна и вообичаеното животно пулсирање на еден убав град.

Еден од авторите на книгата, Миодраг Хаџи-Ристиќ покрај разрушените објекти

Покрај сознанието дека под урнатините се наоѓаат безживотни тела чија бројка ја вознемири и нашата и светската јавност, многу значајни објекти, музеји и споменици на културата станаа само куп раскршени бетонски плочи.

Како сведок на тоа како изгледало Скопје по земјотресот е и книгата од авторите Миодраг Хаџи-Ристиќ и Драгољуб Јанковиќ која е отпечатена во Белград во далечната 1963 година, а изобилува со бројни страотни слики кои многу говорат какво културно-историско богатство изгуби Македонија.

РУИНИ

Секако со голема почит кон човечките жртви кои доѓаат во преден план на интересирање како во нашата така и во светската јавност како и материјалните штети кои се неминовно последица на вакви трагедии, авторите Миодраг Хаџи-Ристиќ и Драгољуб Јанковиќ како музејски работници особен интерес им била судбината на музеите и спомениците на културата кои претставуваат непроценливо културно наследство на овој град. Скопскиот земјотрес во 1963 година им нанел ненадоместиви штети на многу културно-историски споменици на Скопје и неговата околина, како и на музејско-конзерваторски објекти кои толку многу направија за присобирање и заштита на непроценливо културно наследство. Многу институции и споменици на културата или се до темел уништени, или така оштетени да повеќе не наликувале на објекти. Само неколку поминале со мали оштетувања.

Скопје пред земјотресот

Од Археолошкиот музеј останаа само спомени

Лапидариумот и разрушениот Куршумли ан

Археолошкиот музеј имал праисториско, античко и средновековно одделение, стручна библиотека, фототека, препараторска работилница и фотолабараторија во зградата на тврдината "Кале", додека лапидариумот бил во Куршумли ан. Зградата на Музејот е до темел разрушена, така што поголемиот дел од материјалот е уништен или тешко оштетен, како што се збирката од керамика, икони и фонд од копии на фрески. Останатите материјали биле извлечени од урнатините и сместени во помалку оштетените простории на Куршумли ан. Експонатите од лапидариумот во Куршумли ан претрпеле значителни оштетувања и кршења од претурувањето од потешките делови на овој комплекс.

ОШТЕТУВАЊА

Историскиот музеј на Македонија имал оддел од национално-револуционерното движење за периодот од 1918 - 1941 година, за Народната револуција 1941-1945 година, за социјалистичката изградба, педагошко-пропагандно дејствување и за стручно-техничка документација. Освен ова, историскиот Музеј имал и стручна библиотека, фототека, препараторска работилница и фотолабараторија. Зградата на Музејот на која била во тек адаптација, била многу оштетена. Предните делови кои биле разрушени, уништиле или тешко ги оштетиле музејските предмети, архивата, работилниците и лабараториите.

Народниот музеј на град Скопје содржел повеќе одделенија; археолошко, културно-историско, етнолошко, просветно-педагошко и стручно-техничко. Музејот поседувал и стручна библиотека, исто така и препараторска работилница. Издавал и повремени публикации од области кои ги обработувал. И овој Музеј бил делумно разурнат, сепак најголем дел од музејскиот материјал иако оштетен е спасен и евакуиран во близина на Скопје.

Уметничката галерија со својата постојана изложба покажувала развој на југословенските ликовни уметности и вајарство во XIX и XX век, со осврт на македонското сликарство и вајарство. Посебни одделенија претсавуваат збирката на графика со мотиви од Македонија од Љубе Ивановиќ, како и дел посветен на последниот зограф-сликар Димитрија Андонов Зографски. Зградата на галеријата, инаку културно-историски споменик Даут пашин амам, претрпе озбилни оштетувања во вид на пукнатини на ѕидовите, додека изложените експонати се оштетени со претурувања или од паднатиот граѓански материјал.

(Продолжува)


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"