|
За Егејците и Македонците
(Отворено протестно писмо до редакцискиот колегиум на "Утрински весник"
од навредени Егејци, граѓани на БЈРМ. Повод: Текстот на насловната страница
"Грција ја крева рампата за Егејците" објавен во "Утрински весник" на 09.06.
2003 година)
Почитуван уреднику,
Во Вашиот ценет весник издаден на 09.06. 2003 година случајно или намерно,
а сакаме да веруваме дека е случајно, Ви се провлече голем лапсус на
насловната страница. Ја сменивте историјата создавајќи нов народ - Егејци.
Ако е така, а според Вас очигледно е така, бројот на Егејците во БЈРМ е
повеќе од 400.000, односно повеќе од 20 отсто, а ако сакате официјални
податоци, требаше во Пописот да ставите графа Егејци. Веруваме дека Вие како
влијателен уредник во влијателен дневен весник на нашата и Вашата ни БЈРМ,
можевте тоа да го издејствувате со што ќе Ви бевме многу благодарни. Тоа не
го направивте тогаш, а го правите сега во моментот кога пријателска Грција
ни подава рака за влез во Европа. Ова не можеме да го сфатиме на друг начин
освен дека ја продолжувате традицијата на Вашите предци - се што е
македонско да се разнебити, да се избрише и да не постои.
Крајно време е да добиеме јавно извинување за Вашето етикетирање по
региони и да застанете позади идејата за македонското национално единство.
Во спротивно ќе бараме ревидирање на охридскиот Договор и негово правно
дејство за Егејците во БЈРМ. Со ова направивте уште една голема неправда
против најголемиот Македонец Гоце Делчев со чии дела, идеи и визии за оваа
држава се гордеете повеќе од нас Егејците.
Вистината е една, а лажговци има многу. Сме опстојувале и ќе опстојуваме
со Божја волја против волјата на полуписмените новинари (секоја чест на
исклучоците). Како што бомбастично не навредивте на насловната страница од
Вашиот весник, бараме на ист начин да ни се извините. Во спротивно ќе
мислиме дека се уште опстојувате на идејата дека сме различен народ од
македонскиот. Благодарност голема колку Олимп на актуелната грчка Влада да
истрае во намерата за слободен проток на луѓе, идеи и капитал.
Методија Каргов, Владо Доневски, Горан Доневски, Александар
Василев, Игор Банчотовски, Димитар Георгиевски
Театар меѓу божјите манастири
(Запис на режисерот за театарската премиера на претставата "Леб и игри"
во манстирот Свети Јоаким Осоговски)
Таму горе посаден во високото Свети Јоаким Осоговски тихува. До него
помал со духовна смирност Света Богородица. А ние во средината. Театарската
претстава се отвори на средината помеѓу двата манастира во непосредна
близина на Крива Паланка. Првин се случи свадба, потоа одеше претставата.
Утредента пак имаше крштевка. Се случи средба на театарот со црквата. Со
двата манастири. Убаво е, прекрасно е да играш помеѓу светци и светици.
Можеби така се отвораат скришните долапи на духот. Актерите, гледачите,
ликовите, текстот, музиката и вишното небо. Леб и игри и богатство на
духовноста. "Леб и игри"- така се викаше претставата. Појде кога зраците на
јасното сонце се затскрија зад планината и ноќта продираше кон нас. Кога
актерите ги отворија своите срца. Кога го исполнија местото меѓу Свети
Јоаким и Свата Богородица со жестока театарска приказна. Леб и игри и
народот ќе биде задоволен. Кој народ? Нашиот? Граѓанскиот? Или сиот народ?
Кога театарот ќе забразди во животот и ќе му пркоси на своето време се
вели дека се случил театар на ЖЕСТОКОСТА. Театар кој не се плаши од своето
време. Театар кој зборува за своето. Актерите кои не се плашат да играат во
театарот "Скрб и утеха". Не се скрбат од темата на претставата од која на
недоблесните ќе ги заболе главата. Кога ќе одзвонат зборовите кои како
камшик жигосуваат состојби и теми на македонското сега. На пример Вилијам
Шекспир кој се вратил во Македонија да ја постави својата последна драма или
пак Константин Порфирогенет кој дошол во Македонија да ја дозапише нашата
историја?! Или пак Гоце Делчев кој бара кого да заколе за спас на
татковината? Или пак Нестор Огинар кој се вратил од прогонот за да ја спаси
татковината. Или пак продавачката на историја, музикантите кои собираат пари
и режисерот кого не го разбира сопругата. Актерите се свети луѓе кога ќе
поверуваат во приказната и ќе се постелат со душите на мајката сцена. Владе
Денчов, Едмонд Сотир, Марјан Коцев, Елена Трајковска, Ванчо Василев и јас
актер, автор на текстот и режисер. Злобниците велат: "Сам си пишува сам си
режира?" Заборавајќи на Молиер, Шекспир, Еврипид, Лорка, Чернодрински кои го
правеле истото. Но нека им биде. Темите на "Скрб и утеха" не се пријатни за
политичарите и разните душегрижници. Некој би рекол: "Доста со таа
Македонија!..." или "Аман со вас од 'Скрб и утеха'?" и тоа се реплики,
текстови од претставата. Музиката на Јане Пенов која ви ја расплакува душата.
И прегратките на манастирите над Крива Паланка. Да и ланската премиера се
случи на истото место со "Денонсии". Ти благодарам, о Боже за тоа.
Новинарка од радио ми се јави за да ме праша зошто нашиот театар не е на
фестивалот "Војдан Чернодрински" во Прилеп. Рече дека ќе се јави во петокот.
Заборави на реченото. Си остана без стореното. Беше тоа ден пред премиерата
во манастирскиот копмлекс Свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка.
Утредента две жени ми заблагодаруваат за претставата. Тоа е одраз на
празненството во нивните срца. Гоце Делчев, Константин Порфирогенет и
Вилијам Шекспир се сретнаа на мајката сцена. Нестор Огинар исто така. Се
зборуваше за Македонија, не за некоја друга тема и приказна. Можеби тука се
таи одговорот. Не знам. Имаме прекин во разбирањето со своите.
Ноќта по празненството пиевме вино, пеевме театарски пеани како гости на
Дом за култура на Крива Паланка. Несомнено треба театарот да излезе од
главниот ни град и да појде во местата каде нема постојан професионален
театарски ансамбл. Токму тоа го сторивме со "Леб и игри".
Две жени ми заблагодарија со отворени срца. Ги собираме театарските
помагала од пред манстирите. Денот е поумен од ноќта. Беше тоа уште една
театарска битка на "Скрб и утеха" дарувана на Македонија. Не чекаат
искушенија. Не им е лесно на актерите на театарот на жестокост да ги издржат
дамарите на скрбизмот и македонзимот. Господ со вас актери мои. Му
благодарам на Свети Јоаким и мајка Богородица. До следната средба со Господ
во срцето.
Тихомир Стојановски
Да се расветли вистината за Илинден!
Ги повикуваме историчарите, сите Крушевчани, членовите на Одборот за
одбележување на 100 години од Илинденското востание и Научниот симпозиум кој
традиционално се одржува, во оваа јубилејна година да се расветлат две
работи: Прво, кој беше Дину Ванѓели, претседателот на Владата на Крушевската
Република. До сега секаде, во сите документи и во сите учебници и други
книги за овој настан се споменува името на Дину Ванѓели како претседател на
Владата која управуваше со Републиката во тие десет дена. Меѓутоа, никој и
никаде не нашол за потребно да напише барем десет реда кој бил тој Дину
Ванѓели, никаде не е дадена ниту една фотографија и ниту барем годините на
раѓање и умирање. Барем ние немаме видено, ако има, а не го знаеме, нека ни
биде простено. Та не паднал од Бога тој Дину Ванѓели, само за тие десет дена
и пак се извишил на небото! Во последните неколку години се издадоа многу и
разновидни речници, но за оваа значајна личност која одиграла толку голема
улога, не се споменува ништо. Се прашуваме: Што толку згрешил (подоцна или
порано?) тој Дину Ванѓели, та не се споменува за неговиот живот во
постилинденскиот период? Во нашата историографија се најде место, се најдоа
податоци за многу понезначајни личности, за личности кои со своите дела
пливаат во крв, а за еден претседател на Крушевската Република нема место.
Еве, годинава се чини е најпогодниот момент да се расветли и животот на Дину
Ванѓели. Доколку Дину Ванѓели не е пожелен во науката, ние како Власи,
негови сонародници, не можеме и не сакаме да го заборавиме, колку и да бил
тој непожелен. Ги повикуваме сите тие кои можат да изготват еден материјал,
нека повелат на Симпозиумот кој ќе се одржи од 7 до 9 ноември 2003 година во
Скопје на тема "Власите на Балкот во 18 - 19 век".
Второ, ги повикуваме исто така историчарите, како најкомпетентни, оваа
година да стегнат заби и да признаат дека во името на тоа "братство и
единство" кое божем се сакаше да се изгради, како учесници на Илинденското
Востание ги "поттурнаа" и Албанците. Од каде на каде Албанците да зеле
учество кога се знае дека во Крушево немало никогаш Албанци. Да, еден добар
дел од Власите од Крушево се по потекло од Албанија, и едно маало се
нарекуваше "Ла Арбинеши", но тоа беа Власи кои дошле многу подоцна во
Крушево и си направиле свое маало, настрана од сите. Со денешна
терминологија, си направиле "дива населба" (како што и денес има речиси во
секој град), а таа со тек на времето се урбанизирала и станала составен дел
на градот, а името на населбата си останало. Затоа и да имало по некој
Албанец православен, некој домазет или слуга, но заради некој си таму
домазет или прислужник, да се продаде едно толку значајно дело, не е
праведно. Се злоупотреби, така да речам, Повикот на крушевчани до Турците и
Албанците од околината да не ги напаѓаат, за да се прикажат Албанците како
рамноправни учесници. Но, треба да се знае, а се знае и не се признава од
инает, за да не се каже во целост вистината.
Унија за култура на Власите од Македонија, Димо Н. Димчев,
претседател
Намалувањето на наталитетот ја поткопува Македонија
Јас сум човек - патриот, а во моето опкружување лавот и сонцето ми се
симболи. Разочаран сум за тоа што & се случува на оваа наша мила Македонија.
Сакам да ја експонирам и темата за наталитетот во нашата Република. Верувале
или не нагло опаѓа прирастот на населението, бидејќи триесет години работам
во образованието како професор и бев директор 12 години на едно училиште во
Битола директно сум запознат со опаѓањето на наталитетот преку учениците.
Како директор бев избран 1990 година во ОУ "Д-р Трифун Пановски" во Битола,
тогаш во училиштето имаше 850 ученици, а по 10 години бројот на учениците,
замислете си падна на 430. Значи, по една паралелка секоја година има по 40
ученици помалку. Ова го земам како типичен пример само во едно училиште, а
да не зборуваме за 17 основни и 6 средни училишта. Ако продолжи овој тренд
натаму се прашувам кој ќе не наследи. Сакам темата за опаѓањето на
наталитетот да се актуелизира во сите медиуми, бидејќи тоа е опасно за
опстанокот на македонската нација. Ова е национален и социјален проблем и
затоа треба да се бара причината во опаѓањето на стандардот,
безсперспективноста на младите и негрижата на власта за младите кои се во
екот на младоста и треба да формираат семејство. Доколку се направи една
прошетка низ Пелагонија и битолските села ќе видите дека бројот на
неженетите беќари се движи од 30 до 50 во едно село. Најжалосно е што истите
се над 30; 35; 37 или 40 -годишна возраст. Сите се без работа, а она што го
произведуваат на нивите не им го откупува државата. Тутунот има мала цена и
тешко се одлучуваат да создадат семејство во неситуирана прилика. Друга
причина што не се женат е што нема женска популација, односно помладите
девојки не сакаат беќари над 30 години и повеќе. Проблемот е актуелен и
дискутабилен и затоа со него треба да се зафатат посериозни институции и
поединци. Друга причина е тоашто девојките од село денес се еманципирани,
учат во градовите, а по завршувањето на школувањето сакаат да се омажат во
град или за момче од странство. Никој не сака да се мачи на село, кога
трудот не се плаќа, нема гаранција. Јас имам едно размислување, кое е
поинакво од власта. Ако таа и државата сакаат да се надминат овој голем
проблем, бидејќи држава без народ не бидува, треба многу добро да се
подзамислат. Затоа, мислам дека слабонаселените места во РМ , ќе го земам за
пример Мариово, кое е најраселено место и има мал број на жители, треба да
се ревитализра. Да се направи фабрика за мебел во Старавина, и да не се
укинува општината. Уште треба да се донесат други производствени капацитети
и притоа да им се понуди работа и стан на млади брачни парови кои верувам
дека во оваа криза за две години ќе го населат овој крај. Но, затоа треба да
се направи пат, да се отворат сточарски фарми, да се изгради млекара и
фабрика за преработка на дрво. Таа фабрика ќе произведува монтажни куќи и
бараки кои сигурен сум дека ќе ги искористат 1000 млади брачни парови, а тоа
ќе биде идеално решение за популацијата која се создала само по себе. Што
рекол нашиот народ, каде има свадби, ќе има и крштевки. Истотака треба на
поинвентивните млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со сточарство,
земјоделие или занает да им се дадат поволни кредити со грејс-период од три
години, со помали камати, но да се условат дека ќе живеат на село или во
слабо населените области. Сигурен сум дека ако се изготви една ваква
програма, ќе се одвојат средства од Буџетот и од друг донации и кредити, а
овој предлог ќе успее.
Народот оди, каде што се парите, а парите каде што е народот.
Професор Веле Поповски, Битола
|