ФОРУМ

СУДСТВОТО ВО СПРЕГА СО ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ

Митко Јованов, дипломиран политиколог, постдипломец на Институтот за историја на Филозофскиот факултет, Скопје

Цело е кога има се. Аналогно на овој рекламен слоган, ќе биде целосно успешно кога ќе имаме успешна акција на полицијата, но истовремено и ефикасно судство, што во тој случај ќе подвлечеме дека државата успешно функционира во спроведувањето на правниот поредок. Но, тоа не е случај со нашата држава.

Неодамнешната акција од страна на полицијата во западнит дел од државата спроведена за сузбивање на илегалната трговија со бело робје, заврши со успех. Односно беше уапсен најголемиот макро, не само во Македонија, туку многу пошироко, Дилевер Бојку. Секако акцијата наиде на поздравување во македонската јавност, без притоа да има поделба по етничка основа. Истотака поддршка дојде и од политичките фактори во државата, како и од меѓународната заедница.

Акцијата во која многу угостителски локали беа затворени, на кои главна дејност им била проституцијата е една, ако не и единствена успешна акција на полицијата откако оваа влада е на власт. Успешна во смисол на тоа што полицијата во вршењето на своите функции делуваше без да има потреба од асистенција од европската воена мисија "Конкордија" ОБСЕ и така натаму.

Во јавноста полициската акција беше проследена со одобрување, но тоа е почеток во успешноста на справувањето на државата со криминалот. Односно Бојку по апсењето, беше предаден на судската власт како што налагаат процедурите на правната држава. И сето тоа е во ред, само доколку нашиот правен систем ефикасно функционира, но далеку од тоа дека е така, што покажува и изречената пресуда на струшкиот суд кој му одреди затворска казна дури од шест месеци.

Пресудата на овој криминалец кој му ја изрече струшкиот основен суд, сепак е показател и е релевантен доказ дека судството ни е во спрега со криминалот кој е од организиран карактер.

Досега вниманието беше фокусирано во правец дека судскиот систем е политизиран, дека е под влијание на политичките субјекти, особено на партиите кои се на власт. Притоа како да се занемаруваше улогата на судството во криминализацијата на државата во сите нејзини сегменти. Тоа така беше пред се и поради тоа што со политизацијата на судството криминалните активности беа политички поокривани и се сведуваше на тоа дека судството е политизирано. Но, во случајот со макрото од селото Велешта имаме кристално јасен случај кога судиите се под влијание, па и контрола на криминалците кои се од висок калибар.

Дали станува случај за корумпираност или неспособност, поверојатно е да станува збор за првото. Зарем да се биде наивен и да се поверува дека според законите за вакво дело е пропишана максимална казна само од шест месеци. Немало доволно докази, а што е потребно повеќе од потресното сведочење на девојката која била долго време во затворот на Бојку, и била присилувана на проституција. Ваквите приказни за немање докази од страна на судот, не само што не се основани туку наидуваат на силен револт во јавноста.

Доколку станува збор за неспособност, што останува тогаш освен селекција на луѓето кои ја имаат титулата судија, според нивната стручност, а со тоа и нивно отстранување од судството. Има оваа држава способни луѓе кои знаат како треба да се работи, а не да ја дисфункционираат државата во оваа сфера од нејзиното функционирање. Во таа селекција на неспособни во првите редови треба да биде судијата од струшкиот суд кој му пресуди на Бојку.

Доколку пак станува збор за стравување за сопствената безбедност, како и за семејствата на судиите, во тој случај зарем е дозволиво од такви причини државата да потклекне. Не, никако, во никој случај, тоа е истоветно на корумпираноста, ако не и полошо, зарем криминалците да ја контролираат државата. Притоа потребно е да се превземат соодветни безбедносни мерки во правец на непречено функционирање на судската власт. Секако дека тоа е можно и во тој правец не треба да се прават никакви отстапки, ништо да не се препушти на случајноста, се со цел да се соочат криминалците со организирана власт, и да си го најдат местото каде што треба да бидат, во затвор.

Доколку пак станува збор за субјективно стравување, во тој случај станува збор за личен проблем, кој не смее да се одрази на сметка на функционирањето на државата, односно нејзиниот правен систем.

Секако дека има закани и притисоци од најразличен карактер, но тоа не е причина да се отстапи, треба да се истрае. Секако дека секоја професија си има ризик, зарем не беа загрозени полицајците кои ја спроведоа рацијата. Ако сакате да работите за државата т.е. да бидите судии, тогаш покрај сите привилегии што ви ги овозможува државата за што е и обврзана, тогаш и вие ќе си ги извршувате обврските според законот, додека во спротивно и вие имате право на избор, па избирајте.

Доволен пример е случајот на Србија која отвори војна на организираниот криминал по убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, при што се увиде дека судиите имале клучно влијание во неговото опстојување и ширење.

Изјавата на американскиот амбасадор Лоренс Батлер дека доколку Диливер Бојку за делата што ги извршил во Македонија, американскиот суд ќе му донел пресуда од десет до петнаесет години затворска казна, како и неговите забелешки за работењето на нашето судство, не е мешање во внатрешните работи на државата, туку коментарот на Батлер е резултат на нашата неспособност. Ние сакаме да бидиме дел од процесите во светот, дел од НАТО, од ЕУ, во тој случај нема да биде толерирана нашата неспособност во ефективното функционирање на државата, бидејќи од нашата неспособност последици имаат и останатите држави. Имено за Бојку, за неговиот криминални активности, просторот или пазарот на Македонија не е доволен. Тој Македонија ја користи за развивање на криминалните активности како и нивно проширување во другите држави, особено атрактивни се западноевропските држави како и САД. Додека вака стојат работите, криминалците поефективно и побрзо ќе се интегрираат со западноевропските држави отколку нашата држава.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"