ФОРУМ

ПЕКИ ЕФЕНДИ

Милан Бетувски

Во македонската јавност, за жал, веќе подолго време пос-тои штетна конфузија во толкувањето на повеќе значајни поими. Меѓу збрканите најчесто се, да речеме поимите "држава", "народ" и "земја". Давајќи на поимот "држава" значење на поимите "народ" и "земја", ние ја оневозможуваме неговата критика и понудените алтернативи, односно вршиме мистификација со речиси религиозни атрибути. Така придонесуваме за влошување на политичката свест кај читателите (слушатели, гледачи) и во крајна линија ја продлабочуваме кризата, помагајќи ги деструктивните интереси кои ја предизвикале првичната конфузија. Да се задржиме само на две најтешки конфузии со најтешки последици: 1. Релација држава – народ - земја и; 2. Релација легитимност - легалност на власта.

1. Земјата е територија. Има влијание врз општествениот систем, но тоа влијание се намалува како исторски тренд, за сметка на репрезентативноста на власта и на политичката свест. Актуелното влијание врз општествениот систем е речиси незначително.

Народот е група луѓе со блиски, сродни или идентични интереси, поточно конструктивен и прогресивен дел од етносот. Народот е врзан за земјата преку природните ресурси и инфраструктурата, но нивото на неговата политичка свест е далеку повлијателно врз општествениот систем и историски покажува тенденција за пораст на влијанието.

Државата е организација. Таа е збир од неколку служби кои од определено население на определена територија преземале надлежност да одлучуваат за прашањата од општествено значење, од кои најбитно е прашањето за основниот општествен однос меѓу луѓето. Државата секогаш се декларира себе си како инструмент (во рацете на нејзините поданици) за јавно, одговорно, отчетно и прогресивно решавање на општествените конфликти. Тоа и е претежно нејзината улога во прогресивните општествени конфликти. Најчесто, пак, државата е инструмент за непринципиелна, камуфлирана и имплицитно-брутална афирмација на интересите на политички доминантна општествена група, на штета на прогресивните интереси на политички инфериорните општествени групи. Ваквите држави, како РМ, профилираат регресивни општествени системи. Тие треба да се заменат со други. Тоа може да го стори само свесна и моќна парадржавна организација, која е заснована на антагонистички интереси на актуелно афирмираните. Но, во евентуално политички свесната јавност, за таа цел, постоечката РМ треба да биде соодветно третирана, а тоа не може да се направи без квалитетна дистинкција на трите конфузни поими.

2. Легална власт во Македонија биле и Турците. Секој бег, ага, паша, кадија, муфтија итн., имал уреден ферман од везирот дека е врховен световен авторитет на определено парче од Македонија. Проблем со турската власт била и актуелната легитимност. Легитимноста на власта во Македонија е степенот на нејзината функционалност во афирмацијата на прогресивните интереси на македонскиот народ. Доколку овој степен тежи кон нула, власта е нелегитимна и предизвикува регрес, поточно власта е целост во функција на деструктивните, ретроградни и регресивни интереси на одредени општествени групи. Затоа тврдам дека оние што актуелните носители на власта ги ословуваат со "господине претседателе", "господине премиер", "господине министер" итн., се оние истите за коишто и Турците би биле океј. Не треба да не буни тоа што имињата на носителите на власта завршуваат со -ски, -ов, или -ев. Наша работа е да ги осознаеме до најситна поединост интересите што тие ги бранат, методите кои во таа одбрана ги применуваат и последиците од тоа една, и антагонистичките прогресивни интереси од друга страна, како и можностите за нивна афирмација.

Легалноста не е цврсто поврзана со легитимноста. Легалноста е форма на една појава, легитимноста нејзина суштина, но меѓу себе можат да бидат и спротивставени.

За почеток, размислете пред некого да го ословите со "господине претседател/ премиер/ министер" и слично.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"