КУЛТУРА

Давор Тоциновски, млад уметник и ликовен педагог

ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛИСТИЧКИ ПРИЗВУК И ДИГИТАЛНИ ЕЛЕМЕНТИ

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Во моите дела најчесто ја менувам содржината, примена на ред нови информации, ред нови сознанија, ред нови лични искуства, вели уметникот Давор. И во техниката не сум статичен така да отприлика сум определен каде се движам, го користам перформансот како ликовен израз, но повторно го надоградувам со дигитални елементи значи користење на новите технологии така што крајниот производ е збир на повеќе изразувања.
  • И во Белград се претставив со истото дело како и на Фестивалот "Париз - Берлин" и остварив комуникации со уметници од источна Европа кои исто така покажаа дека се исто толку модерни и современи и ги користат новите технологии во класичната ликовна уметност, објаснува Давор.

Давор Тоциновски е млад уметник кој досега има остварено три самостојни излагања и неколку групни изложби. Од досегашните негови претставувања забележителни се ликовната инсталација "Однапред" иднина, минато во коавторство со Мето Ангеловски, Ликовен проект "Кога детето беше дете, а незнаеше дека е дете" и Ликовен проект "Кружење". Неодамна неговиот проект "Реконструкција на кругот" беше дел големиот Фестивал "Париз-Берлин" на кој учествувале и бројни имиња на познати светски уметници.

Младиот Давор има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот "Свети Кирил и Методиј" во Скопје во 2001 и се стекнал со звањето дипломиран ликовен педагог со сликарство во класата на професор Рубенс Корубин.

УЧЕСТВО

Во месец февруари младиот Давор имаше претставување на Фестивалот "Париз - Берлин" кое за него е од особено значење.

Моето претставување на Фестивалот "Париз - Берлин" беше сосема неочекувано затоа што информациите за него ги добив случајно преку интернет, вели Давор. Малку бев скептичен за моето учество, дали воопшто ќе ме примат, но сепак конкурирав и по извесен период ми беше позитивно одговорено. Бев изненаден и тоа учество многу ми значеше затоа што од претходните изданија од овој тип на фестивали како што е "Париз - Берлин" забележав голем број на светски имиња всушност имиња коишто сум ги изучувал на факултет, имиња кои се влезени во историја на уметност. Се уште немам информации како поминал мојот Проект затоа што немав можност да бидам присутен таму поради ред причини, меѓутоа беа испратени повратни информации од нив дека тој е прикажан. Ми беше пратена уште една информација што истотака ми годеше. Имено, за групата на уметници во која бев и јас, а учествувавме на Павиљонот - "Видео библиотека" имало специјална емисија од француската телевизија "Арте" која се смета за еден мост помеѓу медиумите и ликовната уметност.

Перформанс во гимназијата "Јосип Броз Тито" претставен на 6 -то Биенале на млади уметници

Младиот уметник Давор не бил присутен во Париз, немал директен контакт со луѓето од Фестивалот, меѓутоа од информациите што ги добил од интернет, на Фестивалот учествувале околу 5.000 уметници на кои е извршена селекција така што во финалната презентација учествувале околу 300 автори. На овој Фестивал немало награди, се презентираат проектите и потоа следуваат критики. Фестивалот се уште не е завршен. Тој почнува во Париз, а делата се префрлаат во Берлин во месец јуни.

ПРОМЕНИ

Се претставив со проект "Реконструкција на кругот" што го изработив некаде пред две години, вели уметникот Давор. Во него ја користам егзистенцијалистичка содржина надоградена и оптоварена со дигитална, компјутерска уметност. Во моите дела најчесто ја менувам содржината, примена на ред нови информации, ред нови сознанија, ред нови лични искуства. И во техниката не сум статичен така да отприлика сум определен каде се движам, го користам перфомансот како ликовен израз, но повторно го надоградувам со дигитални елементи значи користење на новите технологии така што крајниот производ е збир на повеќе изразувања.

Досега Давор Тоциновски има изработено некаде околу четири дела и плус претходно уште неколку ликовни инсталации коишто беа почеток на неговите дигитални перфоманси.

Од претставувањето во Белград

На самиот почеток изведував ликовни инсталации каде што го користев предметот, потоа почнав во самото ликовно дело да се користам самиот јас и поставената задача, а сето тоа имаше егзистенцијалистички призвук, додава Давор. Потоа како иновација ми дојде користењето на компјутерот односно дигиталното користење на ред програми, имаше користење и на видео игри како готов производ коишто се ставаше во корист на уметноста. Малку имам потешкотии кога треба да дадам наслов на одредено дело, честопати на почетокот се без наслов, но откако ќе го изработам проектот, насловот ми се наметнува самиот по себе. Никогаш не давам наслов, па да го создадам делото. Првична идеја ми е самата содржина да ми ги задоволи критериумите кои како индивидуа си ги поставувам.

ПРЕТСТАВУВАЊЕ

Во месец мај младиот Давор имаше лично претставување во Белград на "Последното европско шоу". Овој проект бил изведен во Музејот на современа уметност и за разлика од Фестивалот "Париз-Берлин" овде уметникот Давор имал можност да присуствува на таа голема манифестација.

И во Белград се претставив со истото дело како и на Фестивалот "Париз - Берлин" и остварив комуникации со уметници од источна Европа кои исто така покажаа дека се исто толку модерни и современи и ги користат новите технологии во класичната ликовна уметност, објаснува Давор. Всушност тоа беше смислата на последното источно-европско шоу да покаже дека источна Европа во уметноста е рамноправен партнер со западна Европа. Годинава за првпат учествував на шестото Биенале на млади уметници што се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје. Тука исто така се претставив со еден Проект кој ги третира новите технологии "Кога детето беше дете, а не знаеше дека е дете". Темата е урбаната средина, човекот и можеби неговата отуѓеност како еден дел од интересот во егзистенцијализмот во која се внесуваме не само јас, ами и публиката која не е само пасивен набљудувач, туку станува активна во Проектот.

Да се претстават личните творештва надвор од Македонија сега е полесно и поотворено, за разлика од кај нас, вели Давор. Сега постои електронска комуникација така што многу информации можат да се добијат од многу земји. Во Македонија за ваков тип на уметност има интерес, но ќе бидам искрен и ќе кажам дека тоа се се едни исти луѓе. Единствено со што се надградуваме се млади луѓе коишто почнуваат да студираат ликовна уметност.

За во иднина имам повеќе планови. Сретнав интересна англиска организација којашто финансира проекти каков што сакам да изработам, но што ќе испадне понатаму не се знае. Со план сум овој период да изработам еден проект којшто ми е веќе поодамна во мисла кој е поврзан со Митот за Сизиф кој сакам да биде изведен во Стоби.

Да се обезбеди егзистенција од оваа професија е прилично тешко, но сепак по лични патишта и интереси младиот Давор Тоциновски се наоѓа на тој план.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"