КУЛТУРА

Промовирани три дела од Слободан Дончевски

ДУШАТА И ЕМОЦИИТЕ НА "МОИТЕ СОГОВОРНИЦИ"

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Верувам дека оваа книга по извесно време ќе може да се третира како хронологија на педесет животи кои оставиле печат на своето време, вели авторот Дончевски.
  • Во оваа книга се поместени разговорите со педесет личности од различни политички партии, но и личности од други професии и занимања.

Во Културно информативниот центар во Скопје, салон 19,19 беше промовирана најновата книга "Моите соговорници - (1)" од познатиот автор и новинар Слободан Дончевски, во издание на "Проарт". Во книгата се поместени текстови со 50 соговорници, претходно објавени во весникот "Вечер", во рубриката "Одблиску".

Слободан Дончевски е автор и на книгите "Македонија е Македонија", "Меѓу две дремнувања", кои беа промовирани истата вечер. Како новинар има остварено и објавено и многу други разговори со различни теми и од различни области во повеќе печатени медиуми.

ПРОФЕСИОНАЛНОСТ

Во мојата новинарска кариера пишував и пишувам во повеќе весници и списанија, на различни теми и од различни области. Пишувам за дневните настани, но и за теми од нашето минато, вели авторот Дончевски во воведот од неговата книга. Темите секогаш сам ги одбирам и речиси секогаш ми се прифаќани. Најмногу ме интересираат репортажите за градовите и селата, а особено животот на луѓето и нивните судбини.

Според Дончевски да се пишува за личниот живот на луѓето е особено тешко и одговорно и бара строга професионалност. Според неговиот критериум секогаш треба да се внимава веродостојно да се пренесе слушнатото, без искривување на фактите и девалвирање на личноста.

"Во викендите сум вистинска балканска жена", Јагнула Куновска, адвокат

Наталија Димова - Марковиќ случајно во политиката

Честопати е потребно да се премолчат одредени искажани нешта од соговорникот, за да се заштитат неговите емоции, или, пак, еуфорично кажаното да не се злоупотреби, додава Дончевски. За мене соговорникот е само личност, припадноста било верска, полова или политичка функција, врвен уметник, или, пак, обичен граѓанин кој се соочува со секојдневните животни проблеми.

Слободан Дончевски во својата долгогодишна новинарска кариера има напишано и бројни фељтони за личности и настани, кои кога се објавуваа во весниците и списанијата со нетрпение се очекуваше следното продолжение. Поведен од тоа дека во дневниот печат секојдневно се сретнуваа текстови во кои се напаѓаат јавните, а особено политичките личности кај него се јавува една идеја, а тоа е дека пошироката јавност малку знае за приватниот живот на луѓето за кои го дала својот глас на парламентарните избори. Така ја создаде рубриката "Одблиску" во која беа застапени јавните личности, особено политичарите.

ТЕШКОТИИ

Меѓутоа авторот Дончевски се соочил со голем проблем бидејќи таквите соговорници тешко се наоѓаат со исклучок на неколкумина.

Во текот на договарањето водевме разни муабети од кои некои беа кратки, конструктивни и јасни, но имаше личности кои половина час ми објаснуваа дека серијата е прекрасна, тие сакаат да разговараат, но немаат време сопругата не сака да се фотографира, во моментот станот им е растурен итн., вели Дончевски. Имаше периоди кога за една недела ќе прифатеа неколку соговорника и имав резерва текстови за два - три броја, но имаше периоди кога до последен момент немав соговорник и навистина не знаев што ќе правам. Сепак серијата "Одблиску" си го врвеше својот пат.

Благоја Марковски, поранешен портпарол на АРМ, за сопругата напишал расказ

"Со пастрмајлија 'легнува' црно вино", д-р Жан Митрев

"Требаше да станам офицер", актерот Мите Грозданов

Во својот вовед авторот Дончевски открива дека и покрај одредените тешкотии на кои наидувал, сепак средбите со соговорниците и разговорите со нив биле многу интересни. Од секој соговорник слушнал нешто ново, интересно и поучно. Пред него тие ги искажувале своите емоции и со него разговарале како со добар другар на кој му кажале нешта кои дотогаш не ги кажале. Авторот Дончевски се надева дека еден ден книгата ќе послужи како историска читанка, но и како енциклопедија во која се содржани датуми на разни настани, општествени појави, културни и научни збиднувања сврзани со личностите од ова време.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"