Рано е за влез во ЕУ
Австрискиот канцелар Волфганг Шисел истакнал дека стабилизацијата на
ситуацијата на Балканот е успешен пример за надворешна политика на
Европската унија. Меѓутоа, во врска со влезот на земјите од Западен Балкан
во ЕУ, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора и
Хрватска, рече дека се уште е рано да се говори за приемот на петте држави.
За Буш балканската криза се уште постои
Американскиот претседател Џорџ Буш во писмото упатено до американскиот
Конгрес наведува дека кризата во Западен Балкан се уште не престанала. Тој
ја продолжи одлуката за состојба на национална криза во Западен Балкан,
наведувајќи дека една од причините е екстремистичкото насилство во
Македонија и на други места.
Скорешна средба меѓу Трајковски и Ругова
Претседателот Борис Трајковски најверојатно набргу ќе се сретне со
косовскиот лидер Ибрахим Ругова.
Договорената средба е во духот на соработка и разбирањето што се
промовира во регионот, по цела деценија недоразбирања. Влегуваме во нови
квалитетни односи на сораотка и со секого треба да се разговара, вели
претседателот Трајковски.
Романија ќе прифати 20-тина косовски Роми
Претставникот на Пактот за стабилност во ОБСЕ, Николае Ѓорѓе, ги
информираше косовските Роми кои се уште се наоѓаат на Меџитлија дека
романските власти ќе примат 20 бегалци. Дваесетте Роми ќе бидат сместени и
ќе им бидат овозможени услови за нормален живот. Истото се очекува и од
Германија, Финска, Унгарија и Шведска кои начелно се согласиле да примат
одреден број Роми.
Бавна реализација на грчкиот план
Весникот "Елефтеротипија" од Грција објавил дека Планот за обнова на
Балканот бавно се реализира. Само пет милиони евра се доделени од
предвидените 550 милиони евра од грчкиот план за обнова.
Српското МВР вели дека Легија не е во Македонија
Според српското МВР, тврдењата дека Милорад Луковиќ - Легија, главниот
осомничен за атентатот врз премиерот Зоран Ѓинѓиќ се наоѓа во Македонија, се
само шпекулации. Од тамошното МВР тврдат дека доколку имаат каков било
податок оти некој од осомничените се наоѓа во Македонија,тој сигурно би бил
уапсен.
Да се укинат визите за Охрид, Струга и Поградец
На средбата по повод Денот на Охридското Езеро во Струга,
градоначалниците на Поградец и Струга и претставниците од Охрид порачаа дека
треба да се укинат визите за да можат граѓаните од трите града што поскоро
слободно да се движат. Тие се заложија да се воведе бродски сообраќај за да
се подобрат врските и да се забрза развојот на регионот.
Албанија го ратификувала американскиот договор
Албанија го ратификувала договорот со САД со кој американските граѓани се
изземаат од судења од страна на Меѓународниот кривичен суд и покрај
противењето на Европската унија. Договорот ја обврзува Албанија да не ги
испорачува американските граѓани на нововоспоставениот трибунал кој е
оспорен од страна на претседателот Буш врз основа на тоа дека ќе ги изложи
Американците на политички мотивирани судења.
Можен белградско-приштински дијалог
Шефот на Европската унија за надворешна политика, Хавиер Солана, по
Самиот во Солун изјавил дека Белград се согласил кон крајот на јули да одржи
први директни разговори со претставниците на Косово.
Студија за регионална соработка
Европската банка за обнова и развој во Стразбур е домаќин на состанокот
на високо ниво посветен на начините за развој на транспортната
инфраструктура во Западен Балкан, со цел поддршка на регионалната соработка.
На состанокот се разгледува Студијата за Регионална балканска инфраструктура
финансирана од ЕУ со цел да се помогнат проекти за транспорт во петте држави
на регионот.
Дождливо лето на Балканот
Прогнозерите на Американскиот институт ИРИ велат дека ќе има летни
температури слични на минатогодишните, што значи дека на Балканот ќе има
дождливо лето. Нарушувањата во летните месеци се должат на феноменот поврзан
со климатските промени.
|