Нема пари за националните институти

Со донесување на Буџетот за 2003 година на институтите за национална историја, за фолклор, за македонски јазик, за македонска литература и за старословенска култура им се прекинати приходите за истражувачки и научни проекти и за учество на меѓународни симпозиуми. Надлежните предупредуваат дека од ваквата политика на Владата ќе профитираат Бугарија, Грција и Србија, зашто на меѓународните презентации ќе ја претставуваат само нивната вистина.

Започна трката за индекс

Матурантите ги доставија своите документи на двата државни универзитета. Првиот приемен испит ќе го полагаат на 30 јуни, а вториот на 4 јули. Листите на примените кандидати факултетите мора да ги објават на 9 јули, а запишувањето ќе биде на 10 и 11 јули. На битолскиот Универзитет "Св Климент Охридски" не се полага приемен испит, туку кандидатите ќе се бодуваат според средниот успех и според успехот на предметите значајни за струката. Уписот на факултетите на овој Универзитет е на 3 и на 4 јули.

Реконструкција на Владата

Првата реконструкција на Владата, според весникот на албански јазик "Факти", ќе биде направена кон крајот на јули. Меѓутоа, во ДУИ се уште не даваат информации дали поранешниот лидер на НДП, Кастриот Хаџиреџа, ќе биде новиот министер за здравство.

Парауниверзитетот нема да биде државен

Владата треба да расправа за измените и дополнувањата на Законот за високо образование, во кои нема ставка која се однесува на признавање на малоречанскиот парауниверитет и негово ставање под државна капа.

ДУИ не се откажува од Њујорк

ДУИ ги започна прелиминарните разговори со својот коалиционен партнер, СДСМ, за распределба на дипломатската мрежа. Како што неофицијално се дознава, ДУИ ја бара мисијата во Њујорк, една соседна земја и некоја покрупна дестинација во Западна Европа.

Наместо 123 - 50 општини

Во новата територијална карта на Македонија најверојатно ќе бидат исцртани границите меѓу педесетина општини, односно единици на локална самоуправа. Ова е предлогот во првичната верзија на работниот текст од Законот за општинските граници.

Охридското Езеро е чисто

Според резултатите од испитувањето вршено во текот на месецов од страна на Заводот за здравствена заштита во Охрид, примероците на вода од 28 пункта од "Свети Наум" до селото Радожда, односно по целиот крајбрежен појас од македонска страна, укажуваат дека 67 проценти од водата е од прва, додека 33 проценти од втора категорија што значи дека е бистра и чиста.

Свињи пред Владата

Производителите на свинско месо се закануваат дека за еден месец своите свињи ќе ги донесат пред Владата доколку за тој период не се средат состојбите во оваа сфера. Директна причина за најавата за протест е хаосот што постои во производството и пласманот на свинското месо на пазарот, како резултат на енормниот увоз.

Три локации за споменик на бранителите

Градоначалникот на скопската Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, ги отфрла обвинувањата на Здружението "Бранители на Македонија" дека не сака да постави споменик на подрачјето на Општината, во чест на загинатите херои во 2001 година. Јакимовски вели дека Општината понудила три локации за споменикот, меѓутоа реагирало Здружението на родители на паднатите бранители "Херои на Македонија", кои биле против градењето на каков било споменик.

Заврши уписот во средните училишта

Уписите за средни училишта во земјава завршија на 24 јуни. Најголем интерес за упис во средните училишта во Скопје имаше во гимназијата "Раде Јовчевски - Корчагин" и "Георги Димитров", а исто така и во Медицинското училиште "Панче Караѓозов".

Премиера на "Леб и игри"

Во манастирот "Свети Јоаким Осоговски" во Крива Паланка, на 21 јуни пред стотина посетители, театарот "Скрб и утеха" премиерно ја одигра претстава "Леб и игри", работена според Нестор Огинар, Вилијам Шекспир и Гоце Делчев, во режија на Тихомир Стојановски.

Нова меѓуградска автобуска станица

Градските власти ветуваат дека идната пролет Скопје ќе добие нова автобуска меѓуградска станица. Почетокот на градежните работи се планира за јули, а во тек е вадење дозвола за локацијата под објектот на Новата железничка станица.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"