МАКЕДОНЦИТЕ ВО СВЕТОТ

Проект на Македонската заедница во Холандија како обид за враќање на холандските туристи во државава

МАКЕДОНИЈА - БИСЕР НА БАЛКАНОТ

Пишува: Гоце ДУРТАНОСКИ

  • Господинот Крис Дингеманс (Chris Dingemanse), учесник во патувањето и автор на извештајот, зборуваше за фасцинантните убавини на Македонија и за многу пријатниот и гостопримлив македонски народ.
  • Во очекување на втората група Холанѓани кои штотуку треба да се вратат и да ги изнесат своите импресии од Македонија, остануваме љубопитни да дознаеме што е најприоритетно да направиме за развој на нашата Македонија.

Македонската заедница во Холандија во оваа летна сезона подготви Проект со цел враќање на холандските туристи во Македонија кои пред неколку децении беа меѓу најбројните. Проектот ќе и биде понуден на македонската Влада, но и на инвеститори во туристичкиот сектор при Европската унија.

Гостите од Холандија се воодушевија од убавините на Охрид и од македонската трпеза

Првата група холандски туристи престојуваше за време на Велигденските и првомајските празници во нашата татковина, втората група веќе се наоѓа во Македонија, а следат посети на уште неколку групи кои до крајот на летниот период ќе изработат заеднички извештај за капацитетите и условите под кои можат да се вратат туристите од Холандија не само покрај охридскиот брег, туку и низ преостанатите капацитети низ целата држава.

ТУРИСТИ

По самото враќање на првата група холандски пријатели, водачот на групата, господинот Тони Ордановски, објасни дека Проектот за повторно враќање на холандските туристи во Македонија е обид и тест за нашата Влада колку таа е заинтересирана за вложување во таа гранка од која Македонија може да го зголеми својот стандард и да живее солидно, далеку подобро дури и од годините пред 1991 година.

Македонија за Холанѓаните е многу интересна земја и посебно беа изненадени од нашето археолошко богатство и од почетните фази на реновирањето на средновековните споменици, дополни Ордановски.

Покрај генералното разгледување на природните убавини низ земјата, членовите на групата составена од единаесет Холанѓани остварија и две посети на основните училишта "Јоаким Крчовски" во село Волково и "Лазо Трповски" во населбата Карпош III во Скопје. На двете училишта им беше доделена почетна донација од по 350 евра собрани од децата - членови во Македонската црковна општина во градот Тернеузен (провинција Zeeland) и ученици во училиштата CBS Oude Vaart и Prins Willem van Oranje од Тернеузен.

УБАВИНИ

Патувањето во Македонија деновиве доби и медумска важност на радиобрановите во провинцијата Zeeland каде гостин во радио-програмата беше господинот Крис Дингеманс (Chris Dingemanse), учесник во патувањето и автор на извештајот, кој зборуваше за фасцинантните убавини на Македонија и за многу пријатниот и гостопримлив македонски народ. Од другата страна на приказната господинот Дингеманс ја објасни и тешката економска ситуација во постконфликтниот период од 2001 година и невработеноста во државата која изнесува до, а можеби и преку, 60 отсто како и лошите услови во образовниот систем на државата.

Македонија за Холанѓаните е многу интересна земја

Двете училишта кои беа посетени од холандските гости (во село Волково и населбата "Карпош 3" во Скопје) имаат изглед на холандските училишта од пред 50 години со многу стар инвентар и без употреба на компјутери. И покрај ваквата состојба, бевме многу изненадени од учениците кои ни подарија рачно изработени грнчиња, чаши и фигури од глина. Со толку малку модерни средства за работа во училиштата просто е неверојатна големината и развојот на талентот на овие деца, рече господинот Дингеманс на брановите на радио Zeeland.

Проектот за помош на овие две училишта ќе трае до крајот на оваа година, а дотогаш и во очекување на втората група Холанѓани кои штотуку треба да се вратат и да ги изнесат своите импресии од Македонија, остануваме љубопитни да дознаеме што е најприоритетно да направиме за развој на нашата Македонија.

Тони Ордановски, еден од иницијаторите на Проектот


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"