|
ЕКОНОМИЈА
СОЦИЈАЛА: Зоран Попоски, еден од оние на коишто Владата им ги одзеде
становите
"ГОСПОДАТА" ОД ВЛАДАТА НЕ ОСТАВИЈА НА УЛИЦА
Пишува: Жаклина МИТЕВСКА
- Условите за живот под кирија се тешки. Немаш ништо свое. Други ти
диктираат што треба да правиш. Што ќе речат- тоа и ќе биде. Те условуваат,
ти ја зголемуваат цената на киријата. Тоа е исто како да си во домашен
притвор, вели господинот Попоски.
- Нека повелат "господата" од Владата да видат како е да живееш под
кирија и како е да немаш покрив над главата. Нека видат во кои услови ние
живееме и нека оценат дали ние имаме право да добиеме стан, дали нивната
одлуката е правилна или пак станува збор за политичка одлука, додава
господинот Попоски.
А ктуелната владејачка гарнитура го
поништи конкурсот за социјални станови, кој беше објавен од минатата Влада.
Со овој чекор на македонската извршна власт многу луѓе останаа на "улица".
Господинот Зоран Попоски, е еден од тие добитници на социјални станови. Но,
како и останатите луѓе на кои оваа Влада им го одзеде правото да бидат
сопственици на становите, така и господинот Попоски, го снајде истата
судбина, да остане без сопствен покрив над главата. Зоран Попоски веќе
дванаесет години живее под кирија во населбата Драчево - Скопско. Износот
што го плаќа за месечната кирија изнесува 75 евра. Неговото семејство брои
пет члена, односно три малолетни деца, тој и неговата сопруга. Едното дете
има една година, другото две години, а постарата ќеркичка завршила четврто
одделение. Господинот Попоски и неговата сопруга не се вработени и се
снаоѓаат како знаат и умеат. Сопругата воопшто не работела, затоа што немало
кој да се грижи за децата. Тие живеат од социјална помош од 2.900 денари.
Благодарение на социјалното осигурување добиваат сини картони, за не дај
боже ако децата им се разболат.
Само Господ знае како се снаоѓаме. Ни помагаат роднините и комшиите. Но
тоа не е решение. Условите за живот под кирија се тешки. Немаш ништо свое.
Други ти диктираат што треба да правиш. Што ќе речат- тоа и ќе биде. Те
условуваат, ти ја зголемуваат цената на киријата. Тоа е исто како да си во
домашен притвор. Подработувам нешто приватно, за да платам кирија, но
тоа не е доволно, вели господинот Попоски.
Господинот Попоски, порано работел во приватна транспортна фирма. Но, од
шесте години кои ги поминал во таа фирма, имал само десет месеци работен
стаж. Никој не му платил никакви придонеси за тие десет месеци.
Знаете, коментира нашиот соговорник, каква е состојбата во
државава. Владата ветуваше многу. Но, од ветувањата за вработување, останаа
само празни муабети.
ПОМОШ
На огласот, кој минатиот септември, го објави владата на екс - премиерот
Георгиевски, господинот Попоски, конкурирал, како и многу други луѓе, со
надеж дека ќе добие сопствен покрив над главата.
Сосема случајно, објаснува господинот Попоски, иако воопшто не се
надевавав, се случи да добијам решение за стан. Ме повикаа во Министерството
за транспорт и врски за да ми кажат дека сум еден од добитниците на станови.
Бев таму, го потпишав договорот, и ми го врачија решението. Кога го добивме
станот, бевме многу среќни. Но, денес по се изгледа попусто сме се радувале.
Кога почнаа игрите околу поништувањето на конкурсот, целата болка се пренесе
и на децата. И тие веќе не се радосни. Борбата со оваа власт, за која
овде не важи никаков закон е многу тешка. Нас граѓаните нема кој да не штити.
Но не се предаваме, ќе одиме до крај.
Објаснувањето на актуелната Влада за поништувањето на конкурсот беше дека
десет отсто од становите биле доделени на нерегуларен начин. Меѓутоа,
господинот Попоски, вели дека ако Владата дошла до такви сознанија, тогаш
требало да направи ревизија и да види кои се тие десет отсто од становите
што биле доделени на нерегуларен начин.
Ние, коментира господинот Попоски, тоа и го бараме. Нека направат
ревизија и тие што не ги заслужиле становите, без разлика за кого и да
станува збор, нека конкурираат на нов конкурс за станови. Да се види
вистината, зошто поради некои други да страдаме сите и да останеме без
покрив над главата.
На оваа тема, односно поништување на конкурсот за социјални станови, се
водеше долга расправа во Собраниската анкетната комисија за човекови права.
Собраниската анкетната комисија ја сочинуваат повеќе претставници на
владејачката гарнитура. Тие си прават
ренваншизам со останатите претставници на
Комисијата, а на сметка на тоа страдаат граѓаните. Претставникот на СДСМ,
Борис Кондарко, на последната собраниска расправа на оваа тема, цело време
се обидуваше да & даде поинаков тек, за да ја уништи и беше многу дрзок.
Досега немам видено такво однесување во моето живеење,
вели господинот Попоски.
Уставниот и Врховниот суд се прогласија за ненадлежни
за овој проблем, односно поништување на
конкурсот за социјални станови.
Во Уставниот и Врховниот суд работат луѓе - симпатизери на актуелната
владејачка гарнитура. Власта го контролира судот, и поради тоа не може до
израз да дојде правата вистина. Судот е узурпиран, коментира господинот
Попоски.
Нашиот соговорник, како и останатите луѓе од оваа категорија, се обратил
до Хелсиншкиот комитет. Тој ги поддржал во нивните барања. Доколку
проблемот не се реши овде, овие луѓе ќе одат во Стразбур.
Господинот Попоски објаснува дека многу пати досега се обратиле за помош
до многу институции. Имале средба и со премиерот Црвенковски, а тој, како
што коментира господинот Попоски, им давал само усмени убедувања дека се ќе
биде во ред. Премиерот им ветил дека ќе објават нов конкурс и ги советувал
повторно да конкурираат. Но, овие луѓе, како и господинот Попоски, нема да
конкураат на евентуалниот нов конкурс за социјални станови.
Од Владата барам да каже кои се тие десет отсто на станови кои се
доделени на нерегуларен начин и за нив да објави конкурс. За нас нема зошто
повторно да објавува конкурс. Нека повелат "господата" од Владата да видат
како е да живееш под кирија и да немаш покрив над главата. Нека видат во кои
услови ние живееме и нека да оценат дали ние имаме право да добиеме стан,
дали нивната одлуката е правилна или пак станува збор за политичка одлука,
додава господинот Попоски.
ПРИТИСОЦИ
Од Министерството за транспорт и врски и од министерот Ајдини немаат
никаков одговор за конкретниот случај. Ниту еден човек од оваа категорија
граѓани кои останаа без становите, нема добиено решение за поништување на
договорот.
Иако се појавија шпекулации околу квадратурата на становите, господинот
Зоран Попоски, потенцира дека ќе биде задоволен и со помала квадратура на
станот, само за да има покрив над главата. Според него не е важно дали ќе
биде третиран во категоријата на станови за социјални случаеви или за млади
брачни парови, туку важно е да добие стан.
Лично како граѓанин на оваа држава сум многу понижен. И во земјава не
гледам никаква иднина. Можеби спасот, доколку имам можност ќе го барам
надвор од државава, бидејќи таа воопшто не мисли на своите граѓани, не
заборава. Не оставија на "улица". Кога оваа Влада не мисли на нас, останува
да се надеваме само на Господ, тој да ни помогне. Мислев дека оваа власт ќе
биде подобра за граѓаните, но излезе дека е полоша и од претходната.
Во оваа држава ништо не функционира. Овде нема ред. Народот страда. Пративме
писмо до Црвенковски пред една недела, му дадовме рок од десет дена да се
огласи за нашиот проблем. Но тој се уште молчи, наводно бил многу лут зошто
ние излегуваме по медимуите. Но, ние ништо не сме кажале што не е вистина. И
ние сме граѓани на оваа држава. Зошто ние секогаш мора да плаќаме и да
страдаме, вели господинот Попоски.
Сепак, нашиот соговорник, се надева дека правдата ќе биде на негова
страна, односно на страната на сите оние на кои им ги одзедоа становите, а
дотогаш господинот Попоски, ќе бара работа за да го прехрани своето
семејство.
|