ЕКОНОМИЈА

ХАЦЦП (Hazard Analysis Critical Control Point) во Македонија

ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА СТОПАНСТВОТО ЗАВИСАТ ОД ХАСАП

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Без постоење на Хасап ознака македонските производи се неконкурентни за странскиот пазар.
  • Хасап стандардите се практика, неопходност и потреба за европскиот пазар.

Македонските производители на храна наскоро во својот процес на производство ќе мораат да започнат со примената на HACCP (Hazard Analysis Critical Control Point) или кажано на македонски Хасап стандардите за квалитет што во слободен превод би значело Контрола на критичните точки. Овие стандарди се однесуваат на контролата на производите со една единствена цел, а тоа е заштитата на здравјето на потрошувачот.

Со примена на Хасап стандардите се избегнува секаков ризик за здравјето на потрошувачот и тие ќе мораат да бидат прифатени од страна на произведителите на храна поради тоа што тоа го наложува Владата и европскиот пазар.

Сите оние производители кои ќе сакаат да бидат конкурентни на странските пазари ќе мораат да го применат Хасап системот во процесот на производството, вели д-р Хелмут Штајнкап од Германскиот институт за прехранбена индустрија и консултант на ГТЗ ПСП Проект "Поддршка на приватниот сектор" во Македонија.

САМОКОНТРОЛА

Во Македонија постои Закон за безбедност на храната и во самиот Закон стои една точка која вели дека системот за безбедна храна, или Хасапот, треба да се спроведе во рок од една година. Мое лично мислење е дека тоа е преамбициозно за наши услови. Она што е реално во моментов е спроведување на широка кампања помеѓу сите производители за запознавање со овој систем, вели Владимир Какуринов, доцент на Земјоделскиот факултет и соработник на Министерството за економија за спроведување на Хасап-системот кај нас со помош на Проектот на ГТЗ (Германска техничка соработка).

Во Европа тој е широко применет од производителите со цел да се вгради систем за самоконтрола во процесот на производство и да се спречи какво било микробиолошко, хемиско и физичко загадување на производот, а со тоа и ризикот по здравјето на конзументот.

"Со помош на Проектот ГТЗ ПСП се очекува процесот на примена на Хасап да се забрза", министерот за економија, Илија Филиповски

"Нивото на контрола на Хасапот се сведува на нивото на производител", Владимир Какуринов

Со неговата примена се контролира секој чекор на производството од сировиот материјал, термалната обработка на пример кај млекото или зеленчукот за на крај повторно да се изврши контрола на готовиот производ. На пример, кога се конзервира храна, ризикот е бактериите од воздухот да влезат во конзервата и затоа мора да има контрола и мерење на загаденоста на воздухот во просторијата, каде што се одвива конзервирањето.

При хемиската контрола се одредува нивото на пестицидите, антибиотиците и други хемиски елементи во храната, додека при физичкото оштетување се контролира присуство на парчиња од метал, пластика или камења како во сировиот материјал така и по самиот производствен процес.

Во Македонија постојат повеќе компании кои започнуваат со примена на Хасап стандардите. Неговата примена оди малку потешко поради борбата на компаниите со економски проблеми и застарената опрема така што тие не се во состојба да се концентрираат само на квалитетот на производот.

Но, сепак, кон крајот на годината кај некои производители можат да се очекуваат и првите резултати од примената на Хасап стандардот. Со помош на Проектот ГТЗ ПСП кој работи заедно со Министерството за економија, преку повеќе семинари и организирани посети на германски компании се очекува овој процес да се забрза и македонските компании за производство на храна веќе во наредната година да настапат конкурентно на странскиот пазар.

ПОТРЕБА ИЛИ НЕОПХОДНОСТ

Според д-р Хелмут Штајнкап, Хасап е систем за контрола на квалитет во прехранбената индустрија и со него се избегнува секоја можна штета по здравјето на потрошувачот. Хасап се разликува од другите системи кои се однесуваат на контролата на самиот производ. Овој систем води сметка единствено за здравјето на потрошувачот. Треба да се нагласи дека е тоа пред се превентивна мерка кај која прво се утврдуваат сите оние места (точки) во процесот на производство, кои можат да бидат критични и се прави систем за нивно ставање под контрола. 

Во Европа Хасап системот се применува во сите компании со една цел, а тоа е да се има систем на самоконтрола за да се спречат можните микробиолошки, хемиски и физички опасности од ризици во прехранбеното производство и на крај на портошувачите. Тоа е систем на самоконтрола. Компанијата го применува HACCP системот во производствената линија и го надгледува секој чекор на производството се до финалниот продукт, потенцира д-р Штајнкап.

Едноставен пример е веќе спомнатиот - кога се конзервира храна, ризикот е бактериите од воздухот да влезат во конзервата и затоа мора да има контрола и мерење на загаденоста на воздухот во просторијата каде што се одвива конзервирањето. Кај микробиолошкиот аспект во сировиот материјал може да постои големо загадување како, на пример, кај млекото или зеланчукот. Затоа е неопходно прво да се изврши микробиолошка контрола на сировиот материјал. Потоа се преминува на процес на пастеризација што подразбира термална обработка на храната, при кој се намалува можноста од расипување и загадување. По овој процес, повторно се прави контрола на производот за да се види колку тој бил ефективен за да се добие добар и здрав финален продукт.

Постојат и хемиски ризици, на пример загадување со пестициди, антибиотици или пак може да се има загадување во процесот на чистење. На крај се контролира производот од физичко загадување, како присуство на парчиња камен, метал, пластика или друго како и кај сировиот матерјал така и во финалниот продукт.

Според германскиот консултант, д-р Штајнкап, во Македонија сите произведувачи ќе треба да го имплементираат овој стандарт во процесот на произодството како систем на самоконтрола, со цел да го унапредат производството. За повеќето македонски компании ова нема да биде лесно, бидејќи тие не се борат само за квалитет, туку се борат и за совладување на други проблеми, а најмногу економски. За нив е голем проблем да се концентрираат само на квалитетот и на примената на Хасап системот.

Но, сметам дека тоа е многу потребно за македонските компании, особено поради намалувањето на ризикот по здравјето на потрошувачите. Овој систем по неговото имплементирање ќе треба и постојано да се одржува од страна на произведувачот, така што производителите во Македонија паралелно ќе мораат да работат на повеќе нивоа и тоа решавање на економските проблеми, проблемите со нивната екипираност и опрема и проблемите со квалитетот, се со цел да обезбедат добра и здрава храна, дециден е д-р Хелмут Штајнкап.

Сите компании кои сакаат да извезуваат во Европа мораат да го применат Хасап системот. Тоа е според европските стандарди и се контролира од страна на Владата. Само оние компании кои го примениле ќе можат да влезат на европските и светските пазари.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"