ИНТЕРВЈУ

ПАРЛАМЕНТАРКИ: Силвана Бонева, пратеничка во Собранието на Република Македонија

ЖЕНИТЕ НЕ СМЕАТ ДА СЕ СВЕДАТ САМО НА БРОЈКИ ВО ПАРЛАМЕНТОТ

Разговарала: Рената МАТЕСКА

  • На сите полиња од општественото живеење жените се повеќе се потврдуваат како многу успешни, па зошто да не се способни тогаш да бидат и добри политичари!
  • Јас сум горда на тоа што и денес кога ги посетувам колегите на работа ме пречекуват со радост и почит. И во сите изминати години на партиска работа, не изостанала почитта од сопартијците за вложениот труд.
  • Квотите треба да бидат поттик во политиката да земат учество жените кои сакаат и имаат афинитети и кои можат да придонесат да го организираме заедничкото живеење на начин во кој ќе се создадат демократски услови за економски, културен и духовен развој.

МС: Госпоѓо Бонева, што сте по професија, како се случи да запловите во политичките води и на која возраст?

БОНЕВА: Правник сум по професија. Седумнаесет години работев во Работничкиот универзитет во Струмица, од кои седум години како директор. Горда сум што за овие седум години од руинирана институција со само двајца вработени, стана една од неколкуте најмодерно опремени институции за образование на возрасни во државата, која работи на самофинансирање и одговара на потребите на новото време и која е поддржана во работата од повеќе меѓународни институции и организации.

Мојот политички ангажман започна со напуштањето на претходното општествено уредување. Водени од желбата за самостојна и независна македонска држава заедно со мојот сопруг, набргу по формирањето на ВМРО-ДПМНЕ во 1990 година станавме нејзини членови. Тогаш јас имав 31 година и две мали деца. До 1998 година мојот ангажман беше поддршка на сето тоа што го работеше мојот сопруг за демократизацијата во државата, при искажувањето на неговиот став за општествените настани преку текстови кои беа објавувани посебно во партиското гласило "Глас" и неделникот "Македонско дело", пишувањето памфлети и организирањето митинзи. Посебни мои ангажмани во тој период беа - настапот на митингот по повод изборот на претседателот на нашата партија за Потпретседател на Претседателот на државата и мојот спонтан настап на митингот кој го организиравме по повод убиството на првиот војник од Македонија, Сашко Гешовски. На тој митинг јасно кажав дека не даваме да гинат нашите деца за туѓи интереси, а ако треба да гинат ќе го направат тоа бранејќи ја сопствената татковина.

Мојот исклучително активен ангажман започна во 2000 година кога бев избрана за претседател на Општинската конференција на Унијата на жени на партијата, а истата година и за потпретседател на Републичката конференција. Следуваа локалните избори на кои бев портпарол на Општинскиот комитет на партијата и бев избрана за советник во Советот на Општина Струмица, функција која ја вршев се до мојот избор за пратеник.

МС: Кога е вистинскиот момент за жената активно да се вклучи на политичката сцена и какво е Вашето искуство?

БОНЕВА: Тоа не е нешто што се пресметува, тоа е нешто што доаѓа од срцето. Тоа е моментот кога ќе почувствувате дека треба и дека може нешто да направите за сопствената татковина и за доброто на вашите деца.

ОДГОВОРНО И СО ЉУБОВ

МС: Според Вас, колку жените се способни да бидат политички активни и дали цените дека жените може да се носат рамо до рамо со мажите во светот на политиката?

БОНЕВА: На сите полиња од општественото живеење жените се повеќе се потврдуваат како многу успешни, па зошто да не се способни тогаш да бидат и добри политичари!

МС: Каков е односот на Вашите колеги кон Вашата досегашна работа?

БОНЕВА: Кога човек чесно, одговорно и со љубов си ја работи работата, кога е отворен кон луѓето и кога е подготвен да им помага, кога резултатот од неговиот труд се гледа и е за доброто и на другите, тогаш не изостанува и почитта и подршката на колегите кон Вашата работа. Јас сум горда на тоа што и денес кога ги посетувам колегите на работа ме пречекуват со радост и почит. И во сите изминати години на партиска работа, не изостанала почитта од сопартијците за вложениот труд, дури и јавно признание за успешно завршените работи. Истото се однесува и за ангажманот во Невладината организација "Деница" чијшто застапник сум и еден од основачите.

МС: Покрај политичкиот ангажман, дали имате време и за Вашиот приватен живот, за Вашето семејство?

БОНЕВА: Време за семејството мора да има, затоа што од таму ја црпам силата за да продолжам. Како што за жеден во пустина оазата е најубавото нешто што може да му се случи, така за мене е секој миг што можам да му го посветам на семејството. Најсреќна сум кога може сите заедно да се собереме и да си се посветиме еден на друг. За жал, веќе тоа не е така често. Поголемиот син ми е студент, втора година - информатика во Софија, а помалиот втора година гимназија. Затоа само едаш во месецот, кога си доаѓа студентот, може да си го дозволиме тоа заедничко задоволство.

МС: Жената од биолошки аспект пред се е предодредена да биде мајка. Дали тоа, според Вас, претставува хендикеп во градењето на политичката кариера?

БОНЕВА: Не, тоа е само мотивирачки фактор повеќе. Затоа што секоја мајка сака да направи се најдобро за своите деца, вклучувајќи го и демократскиот, политичкиот и економскиот амбиент во кој тие живеат и се развиват.

СМИСЛАТА НА ДЕМОКРАТИЈАТА

МС: Дали Вашето семејство има разбирање и оправдување за Вашите чести политички ангажмани што подразбира и често отсуство од кругот на семејството?

БОНЕВА: Пред да дадам согласност за која било функција досега, секогаш заседавал "куќниот совет" и резултатот од него секогаш бил дека тие веруваат во мене, дека јас можам да одговорам на обрските, дека не треба да се грижам за домашните работи и дека тие ќе ми помагаат толку колку што можат. Тоа, нормално, понатаму не функционираше така идеално, но сепак може да кажам дека имам прекрасен сопруг и прекрасни синови кои имаат целосно разбирање и ме поддржуват во мојата работа.

МС: Во таа смисла, покрај вообичаениот став дека позади секој успешен маж стои жена, дали би можеле да кажеме обратно - дека позади секоја успешна жена стои маж?

БОНЕВА: Мислам дека индиректно веќе ви дадов одговор на ова прашање. Но, сепак, да потенцирам дека без поддршката и разбирањето на мојот сопруг немаше да прифатам ниедна одговорна функција. Во сите изминати години на транзиција на нашето општество, во својата работа тој ја имаше мојата поддршка, а исто така и јас неговата, секогаш кога било потребно.

МС: Колку време, покрај кариерата и семејството, посветувате и на самата себеси, на својот изглед и стил?

БОНЕВА: Речиси секојдневното патување од Струмица до Скопје и назад ми одзема повеќе часови во денот кои може да ги посветам на многу нешта, па и на самата себе. И покрај се, се трудам секогаш да бидам уредна и пристојно да изгледам, а го одбирам за носење тоа во што се чувствувам удобно.

МС: Повеќе од очигледно е дека жената е се повеќе застапена во Парламентот. На што се должи тоа и дали очекувате во иднина да дојдеме до 50 отсто застапеност на жените во оваа институција?

БОНЕВА: Тоа е резултат на демократските процеси во државата. Со востановувањето на квотите, жените не смеат да се сведат само на бројки во Парламентот кои имаат улога на статисти. Квотите треба да бидат поттик во политиката да земат учество жените кои сакаат и имаат афинитети и кои можат да придонесат да го организираме заедничкото живеење на начин во кој ќе се создадат демократски услови за економски, културен и духовен развој.

МС: Која би била Вашата порака до жените со амбиции да бидат идни парламентарки?

БОНЕВА: Демократијата има смисла кога сами си го креираме сопственото живеење, а не кога тоа други го прават за нас.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"