ПОЛИТИКА

Погазени термините за емитување на програмите на малцинствата

АЛБАНЦИТЕ ГО ПРИСВОИЈА ТРЕТИОТ КАНАЛ НА МТВ

Пишува: Жаклина МИТЕВСКА

  • Демократскиот сојуз на Власите од Македонија бара на третиот канал на МТВ да се воведе пособен термин за емисиите на влашкото и преостанатите малцинства во државава.
  • Албанците треба да знаат дека Македонија не е бинационална, туку мултинационална држава, вели првиот човек на ДСВМ, Митко Николов.

Демократскиот сојуз на Власите од Република Македонија испрати допис до Собранието на Република Македонија, поради тоа што на третиот канал на Македонската телевизија, во времето додека се емитуваат седниците од Собранието на РМ на програмите на албански јазик, е скратена програмата на влашки, ромски, српски, турски и бошњачки јазик.

“Рамковниот договор не важи само за Албанците”, Митко Николов

Во дописот, кој е испратен и до надлежните во МРТВ и до претставниците на ОБСЕ и Советот на Европа, со седиште во Скопје, се вели дека Турците, Власите, Ромите, Србите и Бошњаците имаат многу помал простор на програмите на МТВ, дека термините за нивните програми се бескорисни и несоодветни, а згора на тоа и не се дозволувало и тие мали програми да се емитуваат. На овој начин, се вели во дописот, се добива впечаток на узурпирање на правата на одредени граѓани на РМ, заради остварување на апетитите на само едно малцинство во државава.

БАРАЊЕ

Третиот канал на МТВ е предвиден за малцинствата. Сите знаеме дека во Македонија не живее само едно малцинство - албанското, туку и други малцинства, Власи, Бошњаци, Срби, итн. Ние немаме ништо против тоа на третиот канал да се емитуваат седниците од Собранието на албански јазик, но бараме како што всушност беше предвидено и со Правилникот за работа на МТВ, да се утврди друг термин за емисиите на влашки и на јазикот на останатите малцинства, односно овие емисии да се емитуваат од 18 до 19 часот. Знаеме дека седниците на Собранието се одржуваат до 17 часот, или обично тогаш се прекинуваат, затоа испративме писмено барање до генералниот директор на МРТВ, да се смени терминот. Тоа всушност е и наше старо барање. Но, видовме дека за ова барање има несогласувања од страна на Албанците. Тие не сакаат да се промени терминот. Албанците треба да знаат дека Македонија не е бинационална, туку мултинационална држава и дека како што тие бараат од Македонците да ги реализираат нивните барања, така и тие треба да имаат слух за другите барања, додава господинот Митко Николов, претседател на ДСВМ.

ЗАСТАПЕНОСТ

Првиот човек на ДСВМ, потенцира дека на МТВ нема доволно програма на влашки јазик. Емисиите се емитуваат трипати неделно (понеделник, среда и петок) по половина час, во термин од 14, 30 до 15 часот. Тие не се поделени според одредена тематика. Во нив се емитуваат прилози од културата, политиката, односно од секојдневните настани. Еднаш месечно се емитува и музичка емисија во трање од еден час. На втората програма на македонското Радио секој ден се емитува емисија на влашки јазик која трае еден час. Меѓутоа, како што вели господинот Николов, тоа е малку во однос на потребите на ова малцинство. Поради, тоа се јавува револт кај влашкото малцинство, кое најавува дека доколку не се реши овој проблем нема да плаќа радиодифузна такса.

Претседателот на Демократскиот сојуз на Власите објаснува дека како малцинство во Македонија, Власите се во задоволителна бројка. Нивните емисии имаат титлуван превод на македонски јазик, а можат да ги следат и Македонците. Овие емисии ги гледат и Власите во Албанија, кои немаат емисија на свој јазик.

За разлика од Албанците кои во Македонија ги имаат сите права, Власите, како и останатите малцинства во Албанија немаат никакви права, бидејќи таму не им е дозволено да се декларираат по нација и вера, туку само по полова структура. Албанците би требало да бидат подемократски настроени, коментира господинот Николов.

Претседателот Митко Николов, вели дека заменик директорот на МРТВ, Сами Фејзулаху, во изјавата за весникот “Вечер” на 19 јули, тврдел дека барањето на Власите се уште не стасало до него, но сепак Фејзулаху во споменатиот весник објаснува дека треба да се најде соодветно решение.

Треба да се состанеме и да го решиме овој проблем, зошто тоа е проблем на целокупната влашка популација и на другите помали малцинства во државава. Не е во ред ако од шест часа програма предвидена за малцинствата, пет часа им се отстапуваат на Албанците. Тие можеби се најбројни, но не се повеќе од сите малцинства заедно, кои живеат во оваа држава, потенцира господинот Николов.


 

Горе

 

Copyright © 2003 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"